Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Олимп : Митикас, Скала, Сколио - 23 јули 2011

Амбициозен план - од Скопје до Олимп и назад за 24 часа. Но, зошто да не пробаме - изгледа изводливо. Се собра екипата, седум момци и една девојка - некои не нарекоа "Снежана и седумте џуџиња". Обезбедивме превоз со комбе со господинот Боби. Во петок вечерта - во 22:30 сме пред Поштата кај Железничка станица. Спремни за нова авантура. Составот овој пат има меѓународна нота - со нас е и пријателот Џон од Норвешка. Поаѓаме со комбито кон Гевгелија. Брзо минува патот. Во делот кај езерото Младост ни доаѓа кола од спротивниот правец. И Боби ни кажува дека ова често се случува. Треба да се биде внимателен. Стигнуваме до граничниот премин Богородица. Благодарение на неверојатните способности на Боби границата ја минуваме за 5 минути. Продолжуваме кон Солун, Катерини. Скршнуваме преку Дион близу Литохоро и нагоре - до паркингот Горциа. Стигнуваме околу 3 часот ноќе. Ги спремаме ранците, каснуваме малку. Правиме договор со Боби каде да се најдеме попладнето. Челните лампи на глава и старт во 03:25. Состав на екипата : Тања Манчева, Џон Карлсруд, Петар Герасимов, Марин Стојановски, Александар Буцевски, Владимир Сикавица, Томислав Спасевски и Трајче Панковски.


се исполни желбата на Перо - ноќно искачување - рудари III-та смена

Патеката која ја избравме не е стандардната "туристичка" патека кон Олимп, туку е една поинтересна варијанта која многу ја практикуваат грците, сакајќи да ги избегнат гужвите на стандардната патека. А Олимп е планина на која се појавуваат секој ден повеќе стотини планинари и рекреативци - некои само до домовите, некои до врвовите - но важно многу е живо - луѓе од Балканот, од Европа, од цел свет.

Ние во 3 часот наутро немавме гужва. Минуваме покрај трлото на Горција, тропаат клопотарците на овците, кучињата лаат - карванот си врви. Влегуваме со лампите во шумата и по тесното патче одиме нагоре - бргу се креваме. Тивко, речиси без разговор, секој загледан пред себе. Наскоро стигнуваме до една мала ливатка - месноста Барба - на висина од 1500 m. Тука правиме пауза 10 минути - малку храна, вода, фотографии во темницата. Одиме нагоре, кон Петроструга. По пат среќаваме една мала и спремна група од грчки момци кои се спуштаа надолу - најверојатно биле во некој од домовите и се решиле за ноќно спуштање.

Од 4:30 почнува полека да зазорува, за да околу 5:15 убаво се раздени. Времето е идеално - ни топло - ни ладно, ветар речиси нема, морето се гледа пред нас како на дланка. Изгрејсонцето го забави нашето искачување - на крајот од шумата кај Петроструга - фотографите направија можеби 100 фотографии од различи фази на изгревањето на сонцето.


изгрејсонце над Егејското море

Петроструга е една ливада каде има колиба која би требало да биде планинарски дом, ама никако да го пуштат во употреба. Тука сме - на висина од 1930 m околу 5:15 часот. Оттука веќе шумата е многу ретка - почнува голиот - висок дел на планината. Се упатуваме по една убава патека кон првиот врв - Скурта. Скурта е врв со височина 2540 m од кој ни се отвора поглед кон главните врвови на Олимп. Оттука патот води по гребен - прво едно седло, па потоа малку пострмно искачување кон Платото на Музите - висорамнинка со височина од околу 2600-2700 m. На самиот крај - каде има еден пострмен дел - има поставено сајла - via ferrata која сега и не мораше да ја користиме, но при влажно време секако е добредојдена.


колоната заминува од Петроструга


сeдлото од Скурта кон Платото на Музите


мала Via Ferrata пред излезот на Платото на Музите


екипата на Снежана (поточно Црвенкапа на сликава) на Платото на Музите - назад Митикас и Стефани

Но тука имаме нов момент - секоја акција по некое изненадување. Овој пат дојде во форма на нагла слабост на еден од членовите на екипата - причините може да се разни - но моментот беше сериозен. Но екипата спремно реагираше - излегоа на виделина тајните арсенали на разни хемиски активни и неактивни супстанци - најмногу силно изморен и практично дехидриран кофеин, сушени брусници, чај со мед - но најважно - одмор во хоризонтала од околу 20 минути. Се добро се заврши. Одморот го правевме кај домот Иосос Апостолидис. На Платото на Музите има два дома - поголемиот е Апостолидис - со околу 100 кревети, а помалиот е Христос Какалос - со околу 20 кревети кој најмногу го користат алпинистите кои се качуваат тука, најмногу на ѕидот на Стефани. И денес имаше доста од алпинистите и нивната горска спасителна служба. Имаа тренинг на Стефани а околу домот Хр. Какалос беа распоредени десетина шатори.


кај домот Иосос Апостолидис


истиот дом виден од подалеку - прекрасна позиција помеѓу врвовите Пророк Илија и Тумба

Од домот полека кон Стефани, односно по изохипса по камењарот под неа. Поради новонастанатата ситуација се движиме побавно, но нашиот член е значително подобар - му се враќа силата и бојата во образите. Застануваме кон крајот на патеката, ги гледаме алпинистите како се качуваат и гледаме кон профилот на Зевс природно насликан од карпи на ѕидот на Стефани. Свртуваме зад ѕидот на Стефани и излегуваме на Зонариа - камењарот кој води од Стефани, под Митикас и Скала. Од овој камењар се одвојуваат патеки за качување по кулоарите директно нагоре кон Стефани и Митикас. Патеките се одлично маркирани со јасни живи бои - за да не дојде до грешка. Теренот е стрмен, карпи, камења. Треба да се внимава најмногу да не се одрони камен или камче и да се направи проблем на тие што се под нас. Затоа е препорачливо да се носи кацига. Ние сме доста рано и нема гужва на патеката - Louki - но подоцна во текот на денот станува доста населено и може да биде незгодно.


почетокот на камењарот - Зонариа


детал од искачувањето по патеката кон Митикас


во горниот дел од искачувањето - не се користи јаже но е доста стрмно и треба да се внимава

Поаѓа колоната по утврден редослед - нагоре - полека - внимателно - особено на одронот на каменчиња. Симнуваме капа, шешир, кацига - за дечкото кој претходно осети слабост - стегна заби и полека, со голема концентрација - успешно го искачи Митикас. Неколку минути пред 10 часот сите сме на врвот Митикас - 2918 m. Горе има малку ветре, но ништо особено. Ни се погоди ретко убав ден - видливост максимална, морето блеска под нас, се гледаат сите врвови, ветар слаб.


на Митикас (2918m)

На Митикас има мала група на момци од Грција - од Лариса. Со нив шала - смеа - од каде сте, ова она, ај сликајте не вие со знамето, ај ние со вашето. Потоа почнаа да доаѓаат други. Поседовме околу половина час горе - убаво беше времето а и рано беше - имавме доволно време за остварување на нашите планови. Кога видовме дека се приближува поголема група од долу - од правец на Скала, решивме да си одиме, да не правиме гужва на врвот.

Спуштањето од Митикас е втор дел од прикаската. И тој пат е стрмен, не толку колку качувањето по Louki, но е подолг и има места каде е доста еспониран и поради ситни камчиња е лизгав. По пат среќаваме планинари кои од Скала одат кон Митикас - се разминуваме. На некои места помали групи седнале и одмараат. По неколу спуштања и качувања - се стигнува до врвот Скала - 2866 m. Тука е крајна станица за поголем дел на планинарите кои доаѓаат од другата страна. Кога ќе видат што треба да поминат за да стигнат до Митикас - поголемиот дел решава да си остане на Скала - да одмори малку и - евентуално - да појде до соседниот врв Сколио. Само најспремните и најхрабрите продолжуваат кон Митикас. Така беше и денес. На Скала многу луѓе, една голема група на девојки и момци од САД, грци, словенци, чеси. Полека, нашата група се собира тука. Правиме договор - имаме време - ќе појдеме и до Сколио - тој е втор врв по висина на Олимп со висина од 2912 m - а патеката од Скала до него е мала прошетка. Така и направивме - бргу стигнавме таму. Од Сколио се прават одлични фотографии на трите други врвови - Стефани, Митикас и Скала.


детал од спуштањето од Митикас


во длапката која ја нарековме - "шлајката на Хера"


слика од Сколио : Тумба, Прор.Илија, Стефани, Митикас, Скала


запис во книгата на посетители на Сколио (2912 m)

Потоа следи долго - долго спуштање надолу по една каменеста патека, прилично прашлива поради тоа што изгледа оддамна нема паднато дожд. На некои луѓе од групата им се смачи од долгото спуштање - некои колена почнаа малку и да шкрипат - но тоа е - патот мора да се помине.


спуштање од Скала кон домот Сп. Агапитос


домот А - Сп. Агапитос

Правиме пауза кај домот Сп. Агапитос на висина од 2100m. Има доста луѓе. Слабите облаци кои не следеа при спуштањето се расчистија и стана топло. Сите се мачкаат со креми за сонце. Пиеме кафе, кока-кола, одмараме малку и продолжуваме надолу. Околу 15:20 групата е кај Приониа - главната станица за Олимп - паркинг. Тука протекуваат убавите бистри води на рекичката Енипеа. Ние застануваме тука. Џон части пиво - вели : "ова ми е најзаслужено пиво досега".


заслужено пивце на Приониа

Се наоѓаме со возачот на комбето Боби (при што љубезно ни помогна господиноте Сашо Стојков со своето возило) и кога влеговме сите во комбето се упативме на најблиската плажа - на Плака. Капење - хидромасажа околу еден час, а потоа пак во комбе и следните 40 минути се одвиваше најдолгата потрага по гиро во мојот живот - на неколку места пробавме - или нема или им завршило - на крајот се најдовме во Паралиа - прилично изгладнети ќе изедевме и стаорец во пижами - но гирото убаво ни легна.

Потоа во комбе, експрес - вожња, со хипер-брз премин преку граница благодарение на вештините на Боби. Во Скопје сме околу 22 часот. Направивме кругче Скопје - Олимп - Скопје за 24 часа. Уморни, ненаспани, ама со насмевки од-уво-до-уво. Се се погоди, и времето, и екипата. Кога иде - иде.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 23 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2430 m - Макс.процент.успон : 73%
Времетраење: 12 часа



приказ на изминатата патека


детал од патеката - искачувањето и спуштањето на Митикас, Скала, Сколио


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/MntOlimposGreece#

Видео записи на YouTube.com : http://www.youtube.com/watch?v=Rq3-VWt4Gxw и http://www.youtube.com/watch?v=D2bKfOJSzfA

Текст: Трајче Панковски и Марин Стојановски
Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски и Владимир Сикавицa


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje