Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Во посета на Кралицата и Кралот - 27 јули - 08 август 2012

Подготовките за посетата на Кралицата и Кралот почнаа пред околу 3 години. Избор на луѓе, соодветна облека и обувки, физички подготовки, временска прогноза, ... А, од Управата за хидрометеоролошки работи вестите не беа добри. „... На 29 јули има висински фронт, а на 30 јули уште поизразен приземен фронт. Значи повеќе облачно и нестабилно околу пладне и попладне .. . “. „... и утре (3 август) ќе има ветер, запад-југозапад и тоа веројатно ќе се засилува ... Freezing level е на околу 4 км, на врвот некаде околу – 5 степени, но со ветерот ќе се чувствува многу помалку (температура од – 5 степени и ветер од 40 км на час значи осетна температура од – 20 степени)...“ ни пиша К. Арсовска.

Временската прогноза беше вистинска „британска“, но ние решивме да ризикуваме. На 30 јули ја посетивме „Кралицата“, а на 3 август „Кралот“.

„ Кралицата “ е Мармолада, планински масив на Доломитите во Северна Италија , а „Кралот“ е Мон Блан, највисокиот врв на Алпите.

А, како сe почна?

Во 2008 и во 2009 година во организација на Планинарско-спортското друштво МАКПЕТРОЛ – Скопје, 15-тина македонски високогорци се искачија на Мон Блан и повторно го почнавме циклусот на подготовки за искачување на Мон Блан во 2012 година. Во 2010 година водевме високогорци на Gran Paradiso (4.061 м.), во Италија, а во 2011 година бевме на четири врвови повисоки од 4.000 метри (највисок Zumsteinspitze – 4.563 м.) на италијанската страна од масивот Monte Rosa. Во меѓувреме искачивме многу македонски и балкански врвови, користевме дерези, цепини, јажиња и друга техничка опрема, одевме во наврска, испробувавме летна и зимска планинарска облека и обувки. Се искачувавме и по снег и по невреме и по силно сонце. Тоа беше потребно за да се запознае и усогласи групата планинари и со темпо и со опрема, за да не се чудиме потоа на Мон Блан дали зимската јакна или чизмите се за високогорство или за на корзо. Дел од планинарите искачуваа карпи на Матка. Имавме и здравствени и кондициони проверки во Заводот за спортска медицина во Скопје, каде што резултатите беа одлични („Одличен телесен состав и општа издржливост, ....“ напишаа докторите).


Пред тргнување во Скопје


Сите 23- ца во Белград

За нашата акција „ Доломити и Мон Блан 2012 “ се пријавија „едно чудо“ планинари и излетници, но на крај останаа најодлучните деветмина: Ангелина Атанасова и Македонка Соколовска од Виница, Климентина Тунтева, Горан Вуќиќ, Борче Ѓелевски, Александар Камиловски, сите од Скопје, Александар Митев од Штип и Никола Доновски и Горан Николоски од ПСД МАКПЕТРОЛ. Од Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина се собраа уште 13 луѓе, сите во организација на Планинарскиот клуб БАЛКАН од Белград, Република Србија. Вкупно бевме 23 високогорци, и од Белград, на 28 јули, тргнавме прво кон Доломитите, во Италија и потоа кон Мон Блан во Франција.

На границите, секогаш сме сомнителни кога ќе се „истопориме“ со многу ранци, и во нив, наместо костими за капење, чизми, шлемови, зимски јакни, „планинарски секири“, јажиња, ... Па објаснуваме каде одиме, па што ќе правиме со опремата, ... И на крај сите цариници љубезно ни посакуваа успечно искачување.

Првиот дел од акцијата беше искачување на врвови на Доломитите, во Северна Италија. Тоа се прекрасни алпски врвови, некои со профил како Големиот Кањон во САД. На лето се убави и зелени, преполни со планинари, велосипедисти и моторџии, а преку зима, убави и бели и преполни со скијачи. Четири дена бевме сместени во камп во градот Canazei , во подножјето на високите Доломити, познат ски центар.

 


Планината Sella


Врвот Piz Boe во далечина

Искачувањето на врвот Piz Boe (3.152 м.) на планината Sella, е одлично за прилагодување на височини кои ги нема на Балканот. На 11 км од Canazei е високиот премин Passo Pordoi до кого води пат со многу серпентини. Обележаната патека води од преминот Passo Pordoi (2.239 м.), преку планинарскиот дом Forcela Pordoi (2.829 м.), до врвот Piz Boe (висинската разлика од околу 900 м.).


Со ПСД МАКПЕТРОЛ на Piz Boe


Мармолада во далечина

На врвот по сонце се искачивме 23 планинари и планинарки и од таму ја видовме и нашата цел за утредента, врвот Punta Penia (3.343 м.), на масивот Мармолада. Надолу до домот Forcela Pordoi врнеше дожд и смрзнат дожд, но во долината пак не пречека сонце. Вечерта во кампот извршивме преглед на техничката опрема за утрешното искачување на глечер и се поделивме во 5 наврски.


Проверка на опремата

Мармолада е највисока планина на Доломитите (дел од Алпите), на 100 км северно од Венеција и е наречена „Кралица на Доломитите“ со највисок врв Punta Penia (3.343 м. ). На Доломитите има повеќе врвови повисоки од 3.000 метри кои се многу погодни за подготовки и аклиматизација за искачување на повисоките врвови од 4.000 м. Единствениот голем глечер на Доломитите е Глечерот Мармолада.

На 14 км од Canazei, по пат со многу серпентини, се стига до преминот Passo Fedaia и езерото Fedaia (2.080 мнв ). Нагоре, до домот Plan del Fiaconni (2.650 м. ), води жичарница на стоење, а од таму до глечерот се искачувавме по доломитни карпи, специјален тип на варовник, по која целиот масив е наречен Доломити. Глечерот, дебел десетици метри, постојано се движи и ги меле карпите носејќи ги надолу. За три години војување во Првата Светска војна единствено што се движело не била линијата на фронтот меѓу австриските и италијанските војници, туку глечерот, кој ги носел и мелел камењата, оружјето и мртвите војници.


Со жичарница кон глечерот Мармолада

На почетокот на глечерот ги ставивме дерезите на чизмите, се наврзавме во пет наврски и со цепините в раце, преку глечерот, тргнавме кон врвот кој е 500 метри повисоко. Поминувавме покрај и прескокнувавме преку длабоки глечерски пукатини. Претходната ноќ на планината имало невреме и ние утрото одевме по зрна смрзнат дожд како по ситни топчиња од стиропор.


На дно од глечерот


Глечерски пукнатини


Преку засекот кон врвот

За околу 1:30 часа дојдовме до карпа во чиј засек има поставено сајли и клинови. Ги извадивме дерезите, се одврзавме од наврските и внимателно се искачувавме по сајлите и клиновите осигурувајќи се со „Y сетот за ферати“ (прусиците). Шлемот на глава, двете „раце“ на „Y сетот“ (прусиците) мора да бидат закачени на сајлите и не смеат да се влечат со раце, а механизмот за отворање на карабинерите мора да биде нанадвор (а не кон карпата). На врвот од фератата повторно ги ставивме дерезите и преку глечерот се искачивме до врвот. А на врвот Punta Penia (3.343 м.) има голем метален крст и мал планинарски дом. На врвот, од ранецот извадивме кришки леб, тегла, лажици и јадевме ... мармалад. Мармалад на Мармолада.


Со ПСД МАКПЕТРОЛ на Punta Penia (3.342 м.)


Мармалад на Мармолада


Девет високогорки (и двајца високогорци) на Доломитите


Надолу, меѓу фератата и глечерот, се спуштавме со јаже, поради непристапноста на теренот.


Надолу врзани со јаже

Значи, на Доломитите пробавме дел од она што не очекуваше на Мон Блан: преминување преку глечер, по патека обезбедена со сајли, искачување на врвови над 3.300 м... Пробавме сe освен носење на 20 килограми тешки ранци. А, на Мон Блан не чекаа нови авантури на места со прозаични имиња: Кулоар на смртта, Монблански нож, Монбланска карпа ...

 

Мон Блан (Mont Blanc или Monte Bianco на италијански) значи „Бела Планина“ и е највисока планина на Алпите, во Западна Европа и во Европската Унија. Висока е 4.810, 45 м. и е единаесетта највисока планина во светот според релативната височина (тоа е височина на планината/врвот, мерена од најниската контурна линија која ја опкружува планината/врвот и највисокиот врв. Тоа е мерка за независноста на некој врв).

Неколку дена пред нашето тргнување кон Мон Блан имаше неколку загрижувачки вести на ТВ: „На Мон Блан загинале двајца планинари од Германија“, „На Мон Блан лавината затрпала деветмина планинари“, „Двајца планинари замрзнале на Мон Блан“. Трагичните вести од Мон Блан како и кратките филмови за преминувањето преку Кулоарот на смртта на интернет страница U-Tube беа многу „освестувачки“ за учесниците во акцијата. И затоа дел од планинарите решија да не им кажуваат на најблиските каде ќе одат од 27 јули до 8 август, туку им велеа: „Ќе одиме по музеи низ Рим и Париз“, или „Ќе се капиме на Азурна обала“.


Чекајќи го возот

Кон врвот Mon Blanc тргнавме од гратчето Les Houches (800 м нв ) во близина на Шамони. Прво со жичарница Bellevue (14 евра повратна карта), па со запчеста железница Mont-Blanc tramway до станицата Mont Lachat (13 Евра повратна карта). Од тука со тешките ранци тргнавме по обележаната, стрмна, но атрактивна патека до домот Tete Rousse. На неколку делници од патеката се искачувавме држејќи се за сајли, а искачувавме и метални скали. Скоро 5 часа искачување. Постои уште една патека кон домот Tete Rousse која оди покрај железничката пруга (која моментално се реновира) до станицата Le Nid D‘ Aigle (2.372 м .) и потоа по релативно лесна (и досадна) стаза до домот Tete Rousse.


Над Mont Lachat


По металните скали


Домот Tete Rousse

Во домот Tete Rousse се сместија тринаесет луѓе, а осмина во шатори во близина на домот. Во домот има 76 кревети во неколку повеќекреветни соби и е многу тешко да се резервираат кревети посебно за поголеми групи. Ние, уште од април 2012 се обидувавме да резервираме кревети, прво преку Интернет, а потоа и телефонски. Решението е да се резервираат кревети за помала група луѓе, за 5 до 10 планинари, а сопствениците на домот препорачуваат резервацијата на креветите да се поврзе со ручек/вечера/доручек во домот. Сe е бизнис на Мон Блан, па и добивањето кревет. Од друга страна, резервирањето кревети во домот Du Gouter е помалку фрустрирачки, бидејќи на интернет страната на домот постои апликација која покажува колку кревети се зафатени, а колку слободни и не зависи од државата или изгледот.


Угоре високо (Монбланска карпа), ...


... удолу длабоко (Глечерот De La Bionnassay)

Слободното попладне во домот Tete Rousse го искористивме за одмор, јадење и разгледување на стрмната Монбланска карпа која како монолит стоеше пред нас. Неколкупати разговорот ни го прекинуваше силно татнење од карпи што се тркалаа надолу по Монбланската карпа. Една лавината од камења беше толку голема што се дигна голем облак прав над карпата. На дното на карпата планинарите претрчуваа преку Кулоарот на смртта, а на врвот од карпата, на 3.800 м., се гледаа двата дома Du Gouter (стариот и новиот) каде што требаше да спиеме следната ноќ.

Поради невремето ноќта тројца наши планинари се сместија во домот, во трпезаријата, во вреќи за спиење.

Утредента околу 6 часот наутро, внимателно, за 20-тина минути, го поминавме Кулоарот на смртта и тргнавме нагоре по Монбланската карпа. Кулоарот на смртта е една долг канал на Монбланската карпа кој почнува од 3.800 мнв и завршува на 3.200 мнв и по кого честопати се тркалаат камења. Камењата паѓаат или поради ронење на карпата или поради невнимание на планинарите при искачувањето/симнувањето. Доволен е еден камен да поттикне опасна лавина камења кои се тркалаат до дното на Монбланската карпа. Нам, за среќа не ни се случи ништо опасно. Патеката по опасно стрмната Монбланска карпа е обележана со црвена боја и е обезбедена со сајли и клинови. А, високо над нас, 600 метри погоре, како на дофат на раката, беа домовите Du Gouter. До горе ни требаше околу 3 часа искачување, при што во последната третина од патеката мораше да ставиме дерези поради мразот на патеката.


Преку Кулоарот на смртта


Монбланската карпа одоздола нагоре


Монбланската карпа одозгора надолу

Во домот Du Gouter стигнавме околу 11 часот. Се сместивме во 20-те кревети што ги имавме резервирано и почнавме со „маратонот: Кој ќе испие повеќе вода во текот на денот?“. Сите моравме да испиеме минимум по 4 литри вода (литар и пол вода во домот чинеше 5 евра). Јадевме, се одмаравме и околу 15 часот тргнавме на аклиматизација до околу 4.000 метри. Поминавме покрај новиот планинарски дом Du Gouter кој изгледаше како вселенски брод кој се спуштил на работ на карпата. Чуварот на домот ни кажа дека наместо на 1 август, домот однадвор е обложен со инокс, ќе биде отворен на 30 август 2012 и во него ќе има 120 кревети.


Двата дома Du Gouter, новиот и стариот во далечина


Шатори над домот Du Gouter

Вечерта околу 20 часот легнавме во собата во која имаше триесетина кревети на два спрата и во која беше многу топло. А, надвор, на само 30-тина сантиметри од креветите почнуваше глечерот. Силниот ветер не престана да дува цела ноќ. Некој спиеше, некој ‘рчеше, а некој од возбуда не склопи очи. Во 1 часот после полноќ, кога се огласи првиот аларм на мобилните сите скокнавме како „попарени“ и почнавме да се подготвуваме. Сите чекаа кој прв ќе излезе надвор во ладната и ветровита темна ноќ. Први тргнаа планинари од Франција и Русија и ние тргнавме веднаш после нив. Облековме сe што имаме: капи, поткапи, маски за лице, двојни ракавици, долна облека, јакни, ги ставивме челните лампи и дерезите, го зедовме цепинот во раце, и во 5 наврски тргнавме нагоре. После 2:30 часа стигнавме до бивакот Valot (4.358 м.) каде што влеговме да се одмориме и да закрепнеме и разбудивме десетина полски планинари кои ноќта ја поминале во металниот бивак. Дел од планинарите со француски водичи се вратија од бивакот Valot надолу бидејќи искачувањето кон врвот Мон Блан по такво време (многу ветровито и ладно време) изгледаше скоро невозможно.


Рано наутро кон бивакот Valot


Во бивакот Valot

„Ми студиииииии“, тивко проговори Т., чие тело се тресеше од студ. Сите бевме стуткани во металниот бивак, додека надвор, во мракот, завиваше силниот ветер. „Готово“, си реков, „само да закрепне Т., и веднаш се спуштаме надолу. Никаков Мон Блан нема да видиме денес“. Употребивме две „Астро фолии (Emergency survival blanket)“, јакни, вреќа за спиење со пердуви, масиравме нозе, ... сe само да се затопли. Одеднаш низ прозорот од бивакот се пробија сончеви зраци и расположението нагло ни се поправи. Сите почнаа да заговараат тргнување нагоре. 10-тина планинари веќе се искачуваа нагоре кон врвот иако ветерот не престануваше да дува. Т. доби боја во лицето, се насмеа и откако се преслече, одлучно рече дека иде со нас. Ние, останатите четворица се погледнавме и без збор се наврзавме на јажето и сите петмина излеговме надвор. Ги покривме сите делови од телото и така завиткани и наврзани тргнавме нагоре. Силниот ветер го носеше новиот снег и изгледаше како да сме во Сибир. Ни кажаа подоцна нашите пријатели од другата наврска дека силниот ветер турнал две планинарки од Белград, иако биле наврзани и со „полна планинарска опрема“.Сонцето ја покажа сета убавина на високиот Мон Блан. Видовме и планинари кои се искачуваа кон Мон Блан преку Mont Blanc du Tacul и Mont Maudit. Изгледаше како да се натпреваруваме кој побрзо ќе се искачи на врвот. Но, место за брзање немаше. Пред нас беше „Монбланскиот нож“ по кого едвај може да се разминат двајца планинари.


Мон Блан во сета убавина


Силен ветер

За околу 3 часа стигнавме до врвот. А, на врвот веќе не ни пречеше силниот ветер и студот. Се смеевме, се прегрнувавме, се сликавме. Ние бевме над облаците. Не знаевме каде прво да се свртиме. Дали да го гледаме Шамони во долината и архитектонското чудо на карпа, Aiguille du Midi (3.842 м.), или да го гледаме хоризонтот со ниту една повисока точка, или да се сликаме, а при тоа да не го газиме јажето со дерезите.


На врвот


Александар К., Климентина Т., Горан В., Горан Н., Борче Ѓ.

    
Ангелина Атанасова                                                                             Александар Митев


Aiguille du Midi во далечина


На Мон Блан (4.810 м.)

После 15-тина минути на врвот почнавме да се симнуваме поминувајќи покрај нашите пријатели планинари од Србија и Македонија кои се искачуваа нагоре. „Само да се симнеме безбедно до бивакот Valot , од каде што почнува поширока стаза“, си велев во себе, и внимателно чекоревме надолу по „Монбланскиот нож“.


Надолу по „Монбланскиот нож“


Силен ветер


Квискотека: „Особа Б, дали сте вие Александар К.?


Последен поглед кон Мон Блан

Ветрот и студот престана дури кога влеговме во домот Du Gouter. Се стопливме со топла супа, се одморивме и 11 планинари се симнавме во домот Tete Rousse. Другите деветмина спиеја во домот Du Gouter. Во домот Tete Rousse вечеравме гледајќи во убав залез на сонцето, заедно со нашите нови пријатели од Белгија кои на симнување избегнаа трагедија преминувајќи го Кулоарот на смртта. Глетката беше неверојатна. Двајца наврзани Белгијци беа на средина од Кулоарот, а јас и четворица Пољаци (еден со гитара на грбот!!) таман се подготвувавме да го преминеме Кулоарот. И одеднаш сите слушнавме силна бука одозгора. Тоа значеше само едно: ПАЃААТ КАМЕЊА. Без да погледнеме нагоре веднаш реагиравме. Белгијанците истата секунда, така наврзани, потрчаа кон излезот на Кулоарот, а ние останатите, се залепивме за карпата и така стуткани под длабоко навлечените шлемови гледавме што ќе се случи. Останавме стаписани од глетката. Голема лавина од камења се сруши секунда откако Белгијанците го преминаа Кулоарот. Камењата паѓаа без никаков ред, скокаа и се разлетуваа на сите страни. И Белгијанците се залепија на карпата на спротивниот крај до Кулоарот. И сите така останавме додека не престанаа да паѓаат камењата. После лавината се дигна голем облак прашина и сe се смири за неколку минути. До следната лавина. Се погледнавме меѓусебе, „кисело“ насмевнувајќи се, благодарни што сe заврши без проблеми, и внимателно го преминавме Кулоарот.

Утредента се споивме двете групи и заедно тргнавме кон Шамони. А, долу, во Les Houches не пречекаа Маријана и Македонка со чоколади.



Хеликоптер над новиот дом Du Gouter


Залез гледан од домот Tete Rousse


Надолу со Tramway du Mont Blanc


Во Шамони до споменикот на првите „искачувачи на Мон Блан“ во 1786 година

Маријана и Македонка кои останаа долу, во Шамони, уживаа во музика и во поглед на глечерот Mer de Glace (Море од мраз) од безбедна далечина.


Македонка (Соколовска) и Македонци


Глечерот Mer de Glace

Дваесетитројца планинари (деветмина од Македонија) ја остварија целта за ова лето.

Идното лето? Елбрус? Ферати на Доломити и во Словенија? Тоа, и многу повеќе.

Следете ја нашата програма и придружете и сe на искусната екипа високогорци при ПСД МАКПЕТРОЛ - Скопје.

 

Голема благодарност:

•  До сите учесници во акцијата за трпеливоста и довербата во ПСД МАКПЕТРОЛ.

•  До нашите пријатели, Александра Герасимова, Јордан Атанасовски и Трајче Панковски, искусни искачувачи на карпи и планинари, како и до Петар и Тања Герасимови, Софија Панковска, Тања Манчева и Светлана Стојаноска, за моралната поддршка и практичните совети во текот на тренингот на Матка.

•  До Костадинка Арсовска, искусна планинарка, вработена во Управата за хидрометеоролошки работи, која преку SMS пораки детално не известуваше за временската прогноза во Италија и Франција.

Искуства:

•  Резервацијата во домот Tete Rousse се врши само телефонски, а во домот Du Gouter резервациите се вршат само преку Интернет (посебна интернет апликација).

•  Околу планинарските домови на Мон Блан може да се спие и во шатори (спиењето во домовите чини околу 35 евра). Шаторите околу Tete Rousse се поставуваат на камења, а околу домот Du Gouter на снег.

•  50% попуст за сместувањето во домовите добиваат корисниците на планинарските книшки на кои има знак RECIPROCITE (на пример, членовите на планинарски друштва од Словенија ) .

•  Моментално има два дома Du Gouter, стар, со 70-тина кревети и нов, со 100-тина кревети. Едно време двата дома ќе работат заедно, а потоа стариот дом Du Gouter ќе стане бивак.

•  Во домовите на Мон Блан има сe за јадење и пиење (супа = 10 евра, тестенини = 15 евра, месо, 1,5 литри вода = 5 евра, ...), и не мора да носат конзерви и инстант супи како дополнителен товар. Сепак на Мон Блан се оди еднаш/двапати во животот!!

•  На Доломитите спиевме во камп во гратчето Canazei, а во Франција во Passy-Plaine Joux, во близината на Шамони, во одличен хотел кој го држат ... Срби.

•  Резервациите во посочените места е задолжителна месеци однапред поради тоа што планинските места се преполни и преку лето.

 

Автор: Горан Николоски
Слики: Ангелина Атанасова, Климентина Тунтева, Миланка Арсиќ, Маријана Илиева, Борче Ѓелевски, Горан Вуќиќ, Дамир Лукшиќ, Стефан Спасојевиќ

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje