Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Полноќна прошетка до Матка - 15-16 јули 2011

Едноноќна планинарска акција во организација на нашето планинарско друштво, на кој беа поканети поголем број можни кандидати - планинари, и други спортисти од Скопје. Можност барем на кратко да побегнеме од тешките скопски горештини. Акцијата традиционално се одржуваше пред повеќе од десет години - секогаш во месец јули за време на полна месечина. Оваа година решивме да продолжиме со оваа убава традиција. Стартот на турата го закажавме за 21 часот - пред О.У. "Кочо Рацин". Патека : од "Кочо Рацин" до полицијата по асфалт, потоа по планинската патека до Средно Водно, па по "пензионерската" патека до врв Водно. Оттаму по гребенот до Матка.


пред поаѓање од "Кочо Рацин"

На стартот се појавија 14 учесници : Перо, Тања, Александра, Јоцо, Марин, Тања М. Бранка, Марија, Мимоза, Здравко, Милорад, Аце, Владо и јас - Трајче. Времето - топло - сонцето зајде пред некои дваесетина минути. Се чекаме кај миризливите контејнери до школото. Во 21:10 се фотографираме пред старт и поаѓаме кон Средно Водно. Месечината уште е релативно ниско а се движиме низ шумичка, па заради видливост потребно е да ги вклучиме челните лампи. Се движиме малку побргу отколку што ни беше планот - се договоривме на оваа акција да не брзаме, ама пусто - не бива - се навикнавме веќе штом видиме угорница да појачаме - а патот до Водно - се угорница. Со неколку мали паузи за да се собере групата - стигниваме до Средно Водно. Тука мал одмор - миење на чешмичката.


кон Средно Водно


полната месечина ѕирка низ гранките

По пензионерската патека одиме нагоре. На моменти месечината убаво осветлува, па лампите не ни се потребни - каде што има повеќе шума пак ги вклучуваме. Топлината не попушта - одвреме навреме ќе пирне некое бранче ветар, но тоа кратко трае.


мала пауза во шумата

Околу 11:30 сме на врвот Водно. Под нас Скопје свети во своите ноќни бои и многу убаво изгледа. Седнуваме на клупите до домот. Го сликаме Милениумскиот крст осветлен со сите сијалици, го сликаме Скопје. Јадеме малку, пиеме сокови, кафе, одмараме. Топло е. Некои го користат моментот и објавуваат на Facebook дека се на врв Водно и дека е топло. Паузата трае до 00:10 - на сугестија на Тања - нешто со обичаите и подземните води. Малку пред нас кон карпата близу до врвот појдоа Александра и Јоцо - да прават ноќен тренинг на малиот болдер. Поаѓаме и ние во тој правец - кон Матка. Водно е прилично живо навечер - има неколку парови кои се шетаат, разгледуваат, сликаат. А во близина на новата жичарница забележуваме повеќе паркирани возила, млади набилдани и парфимирани момци кои сигурно не пешачеле до врвот - инаку ќе беа барем малку испотени. Во идниот период прогнозирам дека тука ќе се префрли дел од скопската забава, а можеби и од ѓубрето - кон врвот Водно, како што ќе се олесни пристапот без мака до него.


на врв на Водно - одмор на клупите


Милениумскиот крст


Скопје во ноќни бои

Месечината сега силно свети, додатно светло од лампите не ни е потребно. Минуваме покрај карпата, се поздравуваме со Александра и Јоцо и продолжуваме во правец на Матка. Една кривина, друга кривина, една мала угорница, па удолница. Кај бункерите правиме нова пауза. По пат на некои места наидуваме на пајакови мрежи кои го преградуваат целиот пат, со големи пајаци во средината на мрежата. Оваа акција јас и Тања се насобравме пајажини како никогаш досега. На едно место - некаде пред ливадите на Матка - имавме средба и со некое животно - ама не видовме точно што беше - ја вклучив лампата и очите на животното светеа во наш правец - на неколку пати оддалечувајќи се по неколку метра од нас. Потоа се стрчав кон него да видам што е - и - нормално - тоа побегна.


една од повеќето големи пајакови мрежи

Околу 3 часот сме на почетокот на спуштањето кон Матка. Малку е посвежо, но се уште топло. Одиме до втората ливада од почетокот на спуштањето. Понатаму спуштањето е пострмно, патчето тесно и на места лизгаво поради камчињата, а има делови низ шума каде патчето е доста обраснато од вегетација. Решаваме да застанеме тука на ливадата, кој сака и може да поспие малку, кој нејќе - не мора. По некој сендвич, ова - она, па некои си ги отворија вреќите и - на спиење. Останатите - главно женскиот свет си продолжи со мали ноќни разговори.


логор на ливадите над Матка


некој спие - некој стража чува

Околу 4:30 почна да зазорува, а нешто пред тоа почна да станува веќе ладно. Оние што не спиеја почнаа да шетаат и цупкаат, а оние што спиеја се туткаа во форма на кифла, па дури и во форма на геврек и други бели пецива. Видовме дека не ја бива работата - нема веќе спиење - па сите - еден по еден стануваме, се шеткаме околу, фотографите повторно прават фото-сесии. Околу 5 часот веќе е многу светло и групата продолжува со спуштање кон Матка. По пат застануваме кај чешмата - поилото да се освежиме. По тесно и многу зараснато патче одиме до манастирот св. Никола Шишевски.


Опаааа !!!! - утринско тегнење


месечината и карпите на Матка

Тука Марин и Перо веднаш тргнаа на карпата над манастирот, од јужната страна, дека од таму може да се направи убава фотографија на манастирот и на езерото Матка со манастиорт св. Андреа и планинарскиот дом. Ние, за да не седиме така - се собравме една група од 5-6 и појдовме по стрмното патче на северната страна - да ја искачиме карпата над манастирот. Интересна е таа патека, малку е лизгава, но е извонредна за прв контакт на некој што немал контакт со пострмен терен - тука може да се види како човекот реагира на стрмно, дали има страв, како се движи со рацете и нозете. Во секој случај - мала но добра подготовка за некои членови на оваа група кои се спремаат идниот викенд да појдат на Олимп. Групата се качи до горе и помина десетина минути во уживање на прекрасната глетка која се отвара во длабочина на кањонот Матка.


зараснати шумски патчиња


одмор на видиковецот кај манастирот св. Никола Шишевски


кон и на карпата над манастирот


езерцето Матка и манастирот св. Андреа


спушттање од карпата

Потоа групата се врати назад кај манастирот - поседовме уште десетина минути и се упативме по патеката кон кајакарскиот мост на Треска. Таму пристигнавме околу 7:20. Во 7:30 дојде мини-бус и сите влеговме во него - на пат до Ѓорче Петров, од каде потоа групата се раздели, се поздравивме и секој си појде на својот пат кон дома.

Акцијата помина во најдобар ред, не форсиравме ништо овој пат, уживавме во убавините на природата, а особено во благата светлина на месечината.


во мини-бусот од Матка кон Ѓорче Петров

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/FoolMoonHiking#

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски, Тање Манчева




© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje