Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

"Во центарот на светот" Маљовица (2730m) - Р.Бугарија

„Во центарот на светот“ – Маљовица (2.730 м.), Република Бугарија

На 21/22 август 2010 година (сабота/недела) Планинарското друштво „Макпетрол“ од Скопје организираше интересна планинарска акција во Република Бугарија. Искачување на врвот Маљовица (2.730 м.) на планината Рила, посета на седумте Рилски езера и на Рилскиот манастир.

Во саботата наутро веќе бевме во гратчето Сепарева Бања полно со посетители кои бараа лек за своите болки во топлата, лековита вода.


Сепарева бања

Денот беше сончев и убав и баш ни годеше излетот во планина. До планинарскиот дом „Рилски езера“ каде што требаше да спиеме вечерта, се стига или со жичарница, или со џипови, или пешки за околу 2 часа пешачење. Се чудевме зошто утрото стотици коли и уште повеќе луѓе одеа кон жичарницата и кон Рилските езера.

Викендот, не сме знаеле, се одржувала годишна средба на духовното движење народски познато како „Дановисти“. Основач на движењето , кое е синтеза на христијанство и хиндуизам, е Петар Константинов Деунов, починат во 1944 година. „Дановистите“ секое утро во текот на летните месеци во околината на Рилските езера, со молитви, игри и песни го поздравуваат сонцето, според нив „Извор на сета добрина“.

Стотици луѓе чекаа во ред за да се качат на жичарницата, а ние тројца, Миланка, Маја и јас, тргнавме пешки нагоре, низ густата шума. Над нас висеа луѓе качени на жичарницата, а покрај нас поминуваа забрзани џипови кои превезуваа луѓе и опрема.


Ред пред жичарницата


Пешки кон домот

Другите до групата, Василка, Бранка, Виолета, Лила, Соња, Миро, Љупчо, Стефан и Коле до домот се упатија со жичарницата.

Околу планинарскиот дом „Рилски езера“, голем, комотен и реновиран, на 2.135 м. надморска височина, имаше уште повеќе луѓе. Некои се качуваа по околните сртови, други се одмараа покрај шаторите, трети јадеа и уживаа на сонцето.

Бидејќи нашата соба не беше подготвена, ние ручавме пред домот и Коле ја извади гитарата. Се заорија македонски, српски, бугарски песни и луѓето од соседните маси заинтересирано погледнуваа кон нас, потпевнувајќи ги песните.


Распеани пред домот „Рилски езера“

Се сместивме во големата соба во поткровјето на домот, и повеќето од нас го „заверивме“ спуштениот ѕид со удар со глава (кој за среќа беше од гипс картон). Коле, како Претседател на ПД „Макпетрол“, го “завери“ дури трипати. За планинарите што овојпат не дојдоа со нас.

Дел од групата замина на прошетка до домот „7 Рилски езера“, а другите се одмараа во домот.


Прошетка до домот „7 Рилски езера“

Утрото, во неделата, 22 август, не бевме први кои што станавме. Уште во 4 наутро „Дановистите“ со молитви и со игри му се радуваа на изгрејсонцето пред домот. А, изгрејсонцето беше феноменално. Црвената боја се прелеваше по хоризонтот, додека „Дановистите“ занесено пееја и играа.


Поздрав до сонцето

Ние шестмина, Миланка, Виолета, Маја, Коле, Стеван, и јас Горан, тргнавме кон врвот и кон езерата. На почеток не следеше магла се до „Центарот на светот“ – свето место на „Дановистите“. А, светото место е обична ледина на која со камења се обележани три големи концентрични кругови. Во нив, утрото, околу 7 часот играа и пееја двајца „Дановисти“. Не знаејќи дека влезот во круговите додека некој се моли не е дозволен, ние се приближивме до центарот на круговите и направивме неколку фотографии. Нељубезните „Дановисти“ не избркаа од „Центарот на светот“ фрлајќи по нас вода. Ги оставивме да продолжат со своите молитви и игра, а ние воодушевени од околината продолживме нагоре.


„Бубрегот“ и „Центарот на светот“ (концентричните кругови десно од езерото)

Прво се појави езерото кое личеше на бубрег, па езерото со име „Близнак“, и под него Трилисното, Рибното и Долното езеро. Потоа поминавме покрај езерото „Око“ кое нам ни личеше на срце и се полнеше од снегот кој сеуште се топеше од врелото сонце. Над „Окото“ се појави највисокот од седумте Рилски езера „Солзата“, мало езеро околу кого одекнуваше продорен звук на виолина. Овојпат еден љубезен и насмеан „Дановист“ занесено свиреше на виолина. Нам ни отсвири некоја замислена мелодија.


5 од 7-те езера


"Fiddler on the roof” (Виолинист на покривот)

Од далеку се гледаше врвот Маљовица и сртовите и врвовите кои требаше да ги поминеме за да стигнеме до таму. Врвот Маљовица изгледаше како убава, зелена, навалена ливада.

На пат кон Маљовица поминувавме покрај стада диви коњи, покрај мали и поголеми езера до кои имаше шатори и весели луѓе. Се приближивме до подножјето на врвот Маљовица. Од тука, далеку долу во долината, се гледаше Рилскиот манастир, нашата крајна дестинација.

Маја и Виолета само повторуваа: „Леле, колку е убаво“,„Коле, секоја чест што ја организираше оваа акција“.


3-те Урдини езера и високиот врв Маљовица во далечина


Врвот Маљовица

На врвот Маљовица стигнавме после 6 часа пешачење. Таму веќе имаше други планинари кои стигнале од поблискиот планинарски дом „Маљовица“. Одмарајќи се на врвот го гледавме патот кој го изминавме утрото. Сме изминале скоро 2/3 од еден совршен круг со почеток кај домот „Рилски езера“ и крај на врвот Маљовица. Изгледаше како да сме поминале преку 7 гори и 7 мориња. А, всушност поминавме покрај 14 езера (7 Рилски езера, 3 Урдини езера и уште 4 езера под врвот Маљовица), и се искачивме на повеќе високи врвови од кои два беа повисоки од 2.500 м. (Додов врв (2.597 м.), Голем Мараморец (2.598 м.)).


Виолета, Миланка, Маја, Коле, Стеван на врвот Маљовица – 2.730 м.


Горан Николоски на врвот Маљовица – 2.730 м.

Се вративме до подножјето на врвот Маљовица и од тука, надолу тргнавме кон Рилскиот манастир. Очигледно беше дека долго време никој не одел по патеката. Беше зарасната во висока трева, и многу, многу стрмна.

Скоро 4-часовното симнување не истошти и ладното пиво во ресторанот до Рилскиот манастир одлично ни дојде. Таму се најдовме со групата која не планинареше. Тие утрото се качиле на коњи и ги обиколувале езерата.


На Рила со коњи

Големиот манастир беше полн со луѓе. Туристи, верници, ... Сите се воодушевуваа на нацртаните икони на надворешните ѕидови на манастирот, а од внатре, од темнината на манастирот, се слушаше милозвучен звук на црковните песни.


Рилски манастир

Патем, кон Македонија, комбето ечеше од смеа. Кој кажуваше како паднал од коњ, кој се смееше што се удиравме со глава во ѕидот во домот, кој си ги фалеше огромните домати во градината.

Во Скопје стигнавме околу 23 часот, и срдечно се поздравивме и разделивме. До следната средба во ист или сличен состав: Миланка, Маја, Василка, Виолета, Бранка, Лила, Соња, Миро, Љупчо, Коле, Стеван, Горан, Томче.

 

За планинари: Патеката од планинарскиот дом „Рилски езера“, која води покрај Рилските езера се до врвот Маљовица, се поминува за околу 6 часа. Патеката е обележана и погодна за пешачење. Потребна е соодветна опрема за високогорско планинарење, во разни временски услови (магла, ветер) и доволно вода и храна. Препорачливо е од врвот Маљовица да се спуштите до планинарскиот дом „Маљовица“, до кого е потребно 2-часовно пешачење. Не е препорачливо да се спуштате до Рилскиот манастир поради многу стрмната и долга патека, обележана, но запуштена и зарасната.

Автор: Горан Николоски

Слики: сите


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje