Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Маглиќ, Трновачки Дурмитор - 25-28 февруари 2010

Од 25 до 28 февруари јас и Марин Стојановски земавме учество во акцијата која се одржа во пограничната зона помеѓу Босна и Црна Гора, во близина на Фоча и Тјентиште. Станува збор за група од неколку планини кои конвергираат во една точка во која се има сместено прекрасното Трновачко езеро. Тука поминавме три незаборавни дена заедно со екипата организирана од П:Д. "Раднички" од Белград, односно од Драган Павловиќ, а во која учествуваа 20-тина планинари од Србија и уште 5-6 од Босна и ние двајца од Македонија.

Како дојде до ова патување. Наназад неколку месеци размислуваме за некој подалечен "излет" - обично погледот ми беше насочен кон Црна Гора - Проклетије, Комови, Дурмитор... Исто така размислувавме и за експедиција во летниот период. Се поклопија коцките кога Драган Павловиќ објави дека оваа година организира екипи за Елбрус и Пик Ленин на Памир. Во рамките на подготовките за овие експедиции беше и акцијата на Маглиќ. Ок, отворив Google Earth и - што да видам - драма - Алпи во мало сместени во срцето на Балканот. Беше тоа љубов на прв поглед. Контактиравме, се договоривме. Акцијата се знаеше дека е захтевна во однос на кондиција и се друго, особено во однос на тежината на ранците бидејќи требаше да носиме храна и облека и вреќи за спиење за ладни зимски услови - а за три дена - значи тежина околу 20 - 25 kg, зависно од преференците на секој учесник. Со Марин две недели претходно ги усогласувавме списокот на она што ќе носиме за да не заборавиме нешто што е неопходно.

Дојде денот за поаѓање - ние имаме хедикеп што сме далеку од остатокот од групата па потрошивме уште по еден ден на почеток и на крај за патување до и од Белград. Натоварени со големи ранци, цепин, планинарски стапови, лопата за снег, влегуваме во автобусот на Млаз - и патувањето започна. Во Белград стигнавме во четвртокот околу 10 наутро и се упативме кон продавницата на Iglu Sport која се наоѓа во Т.Ц. Коњарник, а ја држи добриот пријател на Марин (сега и мој) и водич на експедицијата на Килиманџаро 2005 - Никола Хелета. Тој и неговиот колега од продавницата - Бобиша тој ден ни беа прекрасни домаќини, а ние во продавницата - како дете пуштено слободно да шета во слаткарница - се пипкавме, пробувавме, прашувавме. Купивме и неколку конкретни работи, а најважно што ни требаше за акцијата беше горилник Primus со картуши наполнети со 4-сезонско гориво за да може да функционира и на ладно. Поминавме значи прекрасен ден во дружење со Никола и подоцна - околу 21:30 се појавивме на зборното место каде се собираше екипата за Маглиќ.


пред поаѓање - пред продавницата Iglu Sport

Се поздравуваме, се запознаваме со водичот и со некои членови на екипата. Тука е и Миланка од П.Д. Балкан која дојде да не поздрави. Во 22:10 поаѓаме со мини-бус со капацитет 16 места. Патот не води до Лозница каде ни се приклучуваат уште 4 члена од Лозница и Шабац, а потоа и уште една девојка во Зворник. Во групата имаше само две девојки кои во ниту еден момент не беа послаби од некој од машките членови, а машките членови сите беа јаки. Како што кажа еден од нив на враќање, самата планина (за која на wikipedia пишува : "It presents a challenging climb even for experienced hikers"), а особено што се огранизира во зимски услови ја направи селекцијата на екипата, така да не се појави ниту еден неспремен.
Продолжуваме со дремење по трускавите босански патишта, главно по текот на реката Дрина, преку Вишеград, Горажде и Фоча. Веќе е рано утро кога стигнуваме на Тјентиште и таму се комплетира екипата со дечките од Босна кои беа дојдени со автомобили.


подготовки пред поаѓање - Суха


екипата на пат нагоре

Стартот на пешачењето е од месноста Суха - до таму има асфалт. На едно проширување се паркира мини-бусот и се подготвуваме за поаѓање. Во бусот си оставаме по една торба или ранче со "цивилна" облека и патики за да не го влечкаме и тоа горе. Во 8:10 поаѓаме по патеката. Времето облачно, на моменти ситен дождец. Се движиме по клисура - од двете страни импозантни карпести форми. Надморска висина околу 650 m. Веќе по десетина минути почнува снег на патеката. Групата сложно се движи, покрај нас буен поток со кристално-зелена боја. Со мали паузи одвреме-навреме одиме по патеката, која всушност е макадамски пат но сега покриен со снег. По пат по некој запознавачки разговор со некои од другите планинари - скоро сите искусни планински волци, иако имаа и понесено и по некое младо волче за да има подмладок - но сите физички одлично спремни. Се оди бавно и поради тежината на ранците, а и поради снегот кој станува се подлабок. По околу три часа стигнуваме до крајот на макадамскиот пат, таму за прв пат го "газиме" потокот - Сушки поток.


Марин загледан во околните врвови


крајот на макадамскиот пат

Снег има веќе многу, а бидејќи е времето меко, тоа значи пропаѓање. Со промена на првиот што го гази снегот продолжуваме - наскоро пак газиме по потокот - во неколку наврати.


преку Сушки поток

Оттука нагоре стрмината на патеката се зголемува, а и длабочината на снегот, обично се пропаѓа до колена, но имаше ситуации (кога јас бев напред) да пропаднам неколку пати до појас. По некое време стигнуваме до месноста Сува Језерина - сега не е сува, има две замрзнати езерца. Тоа е една голема ледина опкружена од двете страни со највисоките карпести ѕидови - Маглиќ од лева, Клеков Ком од десно.


Сува Језерина

Еве малку географско-геолошки информации за целиот предел што најдов на Internet и една мапа од Google Earth со теренот и патеките на екипата.

Магличко-Волујачко-Биочкото подрачје претставува најзамрсениот крашки рељеф на динарскиот систем. Тоа се средно високи и високи површини, комплекс на взаемно вкрстени остри гребени, одсеци, длабоки и стрмни долови со страшни падини, леднички циркови и разнесени леднички и моренски наноси, снежници, широки сипари, точила... Значи силно е изразено влијанието на ледниците, т.е. глацијалната ерозија и денудација. Ниту една планина западно од Сутјеска, па ни Прењ нема така изразито алпски особини како групата Маглиќ-Биоч. Има преку 30 врвови повисоки од 2000m.
Маглиќ (2388 m) / Биоч (2397 m) / Волујак (2294 m) / Трновачки Дурмитор / Власуља (2337 m) преставува еден од најубавите и најимпресивните планински масиви во Црна Гора и Босна. Планинскиот ланец опфаќа 4 планини - Маглиќ (2388 m), Биоч (2397 m), Волујак (2294 m) и Власуља (2337 m), и се наоѓа во северозападниот дел на Црна Гора правејќи ја природната граница со Босна и Херцеговина. Највисок од сите врвови е Велики Витао (2397 m) на Биоч, потоа е Маглиќ кој има два врва - Босански (2386 m) и Црногорски (2388 m) a меѓу нив има долг гребен. На Волујак највисок врв е Студенац (2296 m), додека на Власуља највисок врв е Волујак (2336 m). Збунува малку дека има една планина Волујак и еден врв Волујак но на другата планина - Власуља.
Во срцето на сите овие планини лежи прекрасното срцевидно Трновачко езеро - на висина од околу 1540 m. Тоа е ледничко езеро со димензии 700 на 400 m и со најголема длабочина од 9 метри. Голем дел од годината е замрзнато и покриено со снег, но преку лето има прекрасна темно-модра боја со зелени преливи и е богато со риба и други интересни животински форми. Над самото езеро се издига громадата на Трновачки Дурмитор - прекрасен врв за гледање а голем залак за качување. Водата од Трновачко езеро понира долу до Сува Језерина, од каде почнува да истекува Сушки поток, кој подоцна се влева во реката Сутјеска.

Доста географија, кој го интересира повеќе, нека си побара на Internet.

Стигнавме до езерото, веќе почна да вее и по малку снег и да дува ветар, но ние сме загреани и како ништо да не чувствуваме. Прекрасна глетка - огромна бела површина (езерото) а околу се издигаат импознантни врвови на сите страни.


јас на брегот на Трновачко езеро


по угорнината од езерото кон катуните

Но ние мораме понатаму, на запад (десно) од езерото се наоѓаат катуни на висина од околу 1650 m надморска висина. Тие се сместени под самата карпа на Трновачки Дурмитор, во еден огромен амфитеатер што го формираат врвовите Трновачки Дурмитор, Волујак, Студенац и Велики Оштриковац. Катуните се колиби за овчарите во летниот период. Така, по скоро 8 часа пешачење во длабок снег, за кое време поминавме 11 km и совладавме 1000 m висинска разлика стигнавме до одредиштето и нашиот дом во следните два дена. А тие - катуните се мали колиби малку вкопани во земја, и изградени со дебели камени ѕидови за изолација, а горниот дел е од дрвени греди, кровот покриен со лим за да снегот полесно лизга долу. Вратите беа многу затрупани со снег, па беше потребно со лопатите да копаме и да се помачиме за да влеземе внатре. Веќе денот е при крај, некаде околу 17 часот. Ние се распоредуваме кој каде ќе спие - во нашиот катун бевме сместени 8 души, ние двајца и екипата од Лозница, Шабац, Зворник, со двете девојчиња. Топиме снег, правиме супи, чаеви, јадеме малку. Поважно беше да внесеме течности, бидејќи по патот носевме малку вода и бевме слабо дехидрирани. Во 18 часот сите на спиење - некои кои беа уморни си легнаа и порано. За утредента станувањето е закажано во 2 часот наутро, а поаѓањето за 3 часот.


расчистување на влезот во катунот


нашата кујна - горилникот Primus ги надмина нашите очекувања


внатрешноста на катунот - сместување со 5 ѕвездички

Мене уште дента пред да појдам на пат не ми беше добро, па така со главоболки го поминав денот во Белград и патот до катунот. Затоа, во договор со Марин, решив да не одам на првата акција, која по план требаше да биде на Трновачки Дурмитор, Волујак, Студенац - со цел да заздравам. Марин се согласи и реши да остане со мене да не бидам сам.

Утрото во 2 часот групата се буди - ние им соопштуваме дека ќе останеме - нема проблем. Доаѓа Драган - водичот на акцијата и вели дека го смениле планот - денес ќе се оди на Маглиќ. Имено, тие неколку пати имале обиди за искачување во зимски услови, но од разни причини не успевале. Луѓето пак прават супи, чаеви, појадуваат и се облекуваат за пат. Носат растеретени ранци, но сепак мора да се понесе резерва храна, вода, облека, дерези, цепин... Во 3:30 поаѓаат. Ние останавме да поспиеме до утрото, па потоа јас пиев чаеви и витамини за да ми биде подобро, па потоа шетавме во околината и уживавме во убавината на пределите. Времето беше облачно, со тоа што од висина од околу 1900 метри нагоре беа облаци (магла) и дуваше умерен ветар. Знаевме дека на групата за Маглиќ нема да и биде лесно, особено заради длабокиот снег. Имено, утрото кога станавме имаше уште околу 10 cm нов снег паднат во текот на ноќта. Околу 8 часот се појави еден дечко Милош Митровиќ - дечко за кој уште ќе слушаме - тој решил да поспие па тргна да ја стигне групата. Изгледаше скромно, ќе си речеш почетник, а тој речиси да немаше врв до 7000 m што го нема искачено, вклучително Матергорн, Аконкагва и што уште не...

Еве некои фотографии од нивното патување - од сликите на Љубиша.





Минуваа часови, мене главоболката ми премина во стомачни проблеми, но се на се сепак подобро се чувствував. Ги чекавме да се вратат. Околу 16 часот се врати Милош - пробал да ги најде но не успеал, по некое време ветрот ги избришал трагите. Тој се качил по некој стрмен кулоар до гребенот и потоа пошол кон врвот, но сфатил дека условите се лоши и се вратил. Главната група се врати назад дури во 21 вечерта - 17 и пол часа пешачење. И да видиш, нешто што ретко се гледа - никој не "мрчи" - "било је мало напорно, влажне су ми ноге" - веднаш се пресоблекуваат, топат снег за чај... Подоцна дознаваме дека стигнале на 50 висински метри под врвот но поради лошото време и големината на групата не се качиле низ последниот кулоар до врвот.

А еве неколку фотографии што ние ги правевме во текот на денот:


поглед кон Волујак - долу во снегот се нашите катуни


Трновачки Дурмитор - врв кој секогаш кога ќе го погледнам изнудува воздишки


како изгледаше ноќта со полна месечина

Драган објавува дека за утре се откажува акцијата по околните врвови и откако ќе се наспијат ќе се појде назад. Нам ни предложи да станеме порано па сами да одиме во правец на Студенац - што беше во ред за нас, бидејќи претходно јас во мојот GPS ги имав вчитано сите битни точки и патеки од тој терен.

Утредента станавме околу 5, направивме по едно топло чајче, грицнавме некој кекс и излеговме. Колегите цврсто спиеја и никој не се ни сврте во сон. Надвор беше ведро, но имаше ветар, се уште не многу силен. Јас закрепнат од одморот минатиот ден имав многу сила во себе и едвај чекав да ја потрошам. Се упативме во правец на Студенац, а потоа - кога почна да се разденува - го гледавме теренот, и се определивме да одиме по едно брдо кое имаше убава експонираност во правец на Велики Остриковац.


искачувањето по стрмната падина - долу Трновачко езеро

Имаше слој снег, оној новиот од вчера, но под него беше прилично тврдо и лизгаво - мораше многу внимателно да се прави секој чекор и да се избере најдобрата патека - особено затоа што не ги земавме дерезите. Но сега не беше време за враќање - со двојно внимание успеавме без некој проблем да го искачиме главниот успон. Потоа веќе теренот беше поблаг и за уште половина час стигнавме на сртот помеѓу Велики Оштриковац и Студенац, на висина од околу 2030 m. Тука ветрот веќе беше многу силен, правеше снежни виулици кои кога ги гледавме на околните врвови изгледаа како да сме на Хималаи. Прекрасно беше. Ние со нашите јакни (одоздола само маичка со кратки ракави и обичен полар) не осетивме никаков студ - напротив, беше многу пријатно. Тука поминавме некое време во фотографирање, бидејќи сега се гледаше се на сите страни, а секаде врвови.


Трајче - долу е Трновачко езеро - поглед во правец на превојот Присјека, Биоч и Трзвика


Марин - позади е Маглиќ, конечно без магла


поглед кон Бадиње и Столац

Полека се спуштаме кај катуните. Нашите пријатели полека се будат и се подготвуваат за враќање. Се пакуваме, го собираме ѓубрето во кеси за да го симнеме долу од планината. Во 10 часот поаѓаме за назад. Со забрзан чекор одима надолу, надевајќи се дека времето нема да не изневери и да не фати дожд. Се среќно завршува (останува само на ветар) и околу 14:30 сме на стартната точка во Суха, каде се пресоблекуваме и полека се привикнуваме на цивилизација.


мала лавина паднала пред неколку дена


Марин кај Сува Језерина


поглед на Маглиќ од Сува језерина - прекрасни карпи


зимска убавина - а ранците беа добро натоварени


убави борови - при крајот на патеката.


назад во цивилизација - три дена без сигнал на мобилен

За спремноста на групата може да каже фактот дека сите ние, иако не одевме баш во колона, ги изминавме назад тие 11 km за околу 4 и пол часа и сите дојдовме на целта во временски опсег од 5 минути, за 15 минути сите бевме пресоблечени и спремни за поаѓање со автобусот

Што да се каже на крајот - ова беше навистина драгоцено искуство - вистински тест на нашата издржливост и воља, спремност за прилагодување во различни услови а исто така и тестирање на квалитетот на нашата планинарска опрема, која мора да признаеме дека одлично се покажа. И уште некое размислување дека секоја акција на планина, особена сега во 21 век кога има многу технички помагала и прецизни временски прогнози, планинарите (според мене) би требало паметно да ги планиараат акциите и непотребно да не се излагаат на ризик - планините ќе бидат таму и утре и задутре, а за нас - не се знае...

Искуство на кое секако ќе му биде потребно уште доста време да легне, да се размисли за некои работи и да се извлечат уште некои заклучоци - во секој случај вредеше што бевме таму, што ги запозавме тие луѓе со кои разменивме искуства и контакти за понатамошна соработка, што го запознавме тој прекрасен терен, кој е убав и во зимо и во лето и овозможува повеќедневно истражување.

 

автор : Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje