Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Шар Планина : Љуботен по идеални услови - 4 март 2012

Никој не смее да се пожали дека оваа зима беше мека и наивна, напротив иако календарски сме многу близу до пролетта, зимата е сеуште горе на нашите највисоки планини. Тоа најдобро на (Кораб и Шара) го почуствуваа новите наши пријатели, Чешките планинари кои во низа имаа седум интерсни ноќевања по нашите гореспоменати планински масиви.Најважно е што се сите здрави, живи, насмеани и побогати за уште една голема зимска авантура од најекстремен вид што за жал ние како домаќини на овие простори се уште такво нешто не сме се обиделе да реализираме, а секое лето маса наши планинари се впуштаат во искачување на највисоките Алпски и Кавказки врвови...

Главни виновници за денешната акција, искачување на Љуботен беа Светле и Перо – нивни предлог, а несебично подржан од уште 11 среќници. Ова беше уште еден убав пример како меѓусебно треба да соработуваат различни планинарски друштва и прават заеднички акции, а со тоа заедно се надградуваме, стануваме посилни, повешти и поспремни планинари.

Миле, Мики, Игор – пит, Иван, Чили, Зоки, Каме (сите членови на П.Д.Кораб), појачани со горенаведените виновници и Данчо, Владо, Буце и Марин ја добија главната премија ова зимо на ЉУБОТЕН, тоа ни го кажа Југослав, староседелец кој подолго од сите престојува на овие простори. Неговата базна викендичка, опремена со се се и сешто се наоѓа во месноста Корита на 1500 м и повеќе е горе одколку било каде, вклучуваќи го и с. Рогачево.

“НАЈУБАВ ДЕН ДО СЕГА ОД ЦЕЛА ЗИМА ЗА ИСКАЧУВАЊЕ И УЖИВАЊЕ“ беа неговите зборови, а со тоа сите ние во целост се согласивме, несебично споделувајќи насмевки помеѓу нас за сите тие 8 часа поминати горе на снегот, сонцето, чистиот воздух и поглед на сите страни кој на исток се протегаше се до Пирин и Рила, на север до Проклетие, на југ до Пелистер, а на запад цела Шара и делови од Кораб, исто така се уверивме по трагите на мечето дека завршил зимскиот сон на мечките, се уверивме уште еднаш дека од с.Рогачево побрзо и поедноставно се искачува до Љуботен, одколку од с.Старо Село, се уверивме дека може да нема воопшто ветер дури и на 2499м високиот врв, се уверивме дека ако се има среќа може да се гази врз снегот како тој да не постои или е како најдобра скапо платена тартан патека.

Од кога тргнавме во 07,45 часот утрото од Центарот на с.Рогачево па се до враќањето назад во 15,45 часот каде во познатиот колонијал сите заедно си наздравивме со заслужено пивце ми се чинеше дека тие 8 часа по такво време,такви идеални услови за искачување и уживање ми поминаа во еден здив. Се беше спонтано и секој на свој проверен начин си уживаше и се радуваше што баш тој/таа ја имаа среќата да присуствуваат на равноправната поделба со останатите од групата на овозимската Љуботенска премија.

На крај ми останува да им посакам и на други планинари некојпат да им се поклопат сите коцкички, се формира ваков светол мозаик и тие да почувствуваат на своја кожа што значи и како делува кога во зимски ден некаде и на некое место, некој врв ќе добиеш главна премија...

Следи галерија од фотографии од оваа прекрасна акција...


пред викенд населба Корита


пред (базната) викендичка на Југослав


Козја Стена, Светле и Љуботен


снежната тартан патека


на "чекор" до врвот


обновување на потрошената енергија


пролетта ја потиснува зимата


Шара си е шара


уште малку


македонско синило


неговото височество Љуботен


осамени по гребенот


на врвот Љуботен


со компјутер се е можно - Буце прелета 500 висински метра бос


по истиот пат назад


заврши зимскиот сон на мечките


Автор: Марин Стојановски

Фотографии: Марин Стојановски, Петар Герасимов


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje