Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Старо Село - Љуботен - Рогачево - 19 јуни 2011

Еднодневна акција на позната локација - Шар Планина - врв Љуботен (2498m). Екипата составена од членови на ПСД МАКПЕТРОЛ и ПД КОРАБ - вкупно 11 души. Поаѓаме од Скопје рано наутро, во 4:30. Во овој период денот е голем, но ние сепак поаѓаме рано за да искористиме барем еден дел од патот да биде по пријатна температура - најавите за максимална температура во Скопје беа до 35 степени. Инаку, за разлика од вообичаеното искачување на Љуботен, за денес имаме предвидено две "освежувања" - прво - да се искачи врвот од страната на Козја Стена и - второ - да се спуштиме во село Рогачево - село на 2 km северо-источно од Старо Село. Подолго време размислував да го поминам овој, за мене доста логичен гребен и да ја испитам патеката. Тоа би била и добра патека за зимски услови, ако сакаме на брзина, без да минуваме до планинарскиот дом, да направиме искачување на Љуботен.

Еве го комплетниот состав на нашата екипа: Марин Стојановски, Владимир Аницинов, Петар Герасимов, Горан Николоски, Васко Саздовски, Светлана Стојаноска, Ѓоре Ѓоргиевски, Трајче Панковски - сите од ПСД МАКПЕТРОЛ и Блашко Митковски, Бранко Ничев и Горјан Темелковски - од ПД КОРАБ.На Блашко, Ѓоре и на Владимир ова им е прво искачување на Љуботен.


на пат кон планинарскиот дом

Стигнуваме во Старо Село околу 5 часот. Јас (Трајче) имам план со малку трчање, повеќе со брзо одење да направам тест на својата кондиција сега, пред трката во Лаваредо (Италија) - 90 km и 5300 m висинска разлика. Ако сака некој да погледа детали за оваа интересна трка, нека го посети овој линк www.ultratrail.it Патеката од Старо Село до Љуботен и по профил и по конфигурација на терен многу одговара на првиот дел од трката во Италија. Поаѓам пред остатокот од групата - се договараме да се сретнеме подоцна на врвот.


групата до планинарскиот дом - лево - Љуботен

Остатокот на гупата се движи по убавиот шумски пат до планинарскиот дом "Љуботен" на висина од 1630 m и на 6 km од Старо Село. По мала пауза продолжува нагоре.за да на висина од 1900 наиде на раскрницата означена со стрелки - десно - стандардната патека по гребенот до Љуботен, лево - Ливадица - односно Козја Стена - седло. За денешното искачување групата поаѓа кон Козја Стена. Наскоро почнува прекрасниот камењар - западната и најимпресивната страна на Љуботен. Додуша, на оваа пирамида - Љуботен - интересни се и северната и источната страна, ама тие се на косовска страна - но ... тоа некој друг пат. Движењето по камењарот, под високите карпи на Козја Стена е навистина прекрасно доживување.


Владимир Аницинов на крстопатот Љуботен - Ливадица


патеката под Козја Стена

Пред излегувањето на седлото се наидува на едно изворче со убава ладна вода. Тука се обновиваат резервите со вода. Сонцето веќе почнува посериозно да пече. Сега следи стрмниот гребен до врвот. Теренот е со ситни камења - чакал, создаден од суровите услови на оваа страна од планината - постојани големи температурни промени. На некои места чакалот е подлабок и движењето е малку потешко, се лизга и нозете пропаѓаат, како да си во снег. Но групата бргу напредува кон врвот. Околу 10 часот групата е собрана на врвот.


на пат кон врвот по западниот гребен на Љуботен

Јас во меѓувреме се искачувам на Љуботен, се спуштам од страната на Козја Стена, трчам по камењарот, се спуштам до планинарскиот дом и повторно се искачувам по втор пат на Љуботен - по истата патека како првиот пат. На врвот доаѓам околу 15 минути по пристигнувањето на нашата група. Следува фотографирање, честитки за оние што прв пат се искачија на овој врв. На врвот пристигнуваат и други планинари, од Вратница, од Рогачево, од Скопје. Пред да заминеме назад забележавме една поголема група како се искачува од косовска страна, најверојатно припадници на КФОР. Додека бевме на врвот над нашите глави неколку пати надлетуваше еден хеликоптер на КФОР и војниците во него пријателски ни мафтаа.


нашата група на врвот Љуботен (2498m)


поглед од Љуботен кон врвот Ливадица и под него - Ливадичко езеро (на косовска страна)

На врвот се задржуваме околу еден час - одмор, ручек, средба со пријатели планинари. Времето е ретко убаво, според зборовите на планинарите од Вратница, најубав ден на врвот од почетокот на годината. Малку атмосферата ја расипуваа мувите кои ги имаше во приличен број. Се запознавме со Југослав, дечко од село Рогачево. Му кажавме за нашиот план да се враќаме во правец на неговото село и тој се понуди да ни биде водич, т.е. одиме заедно со него до месноста Корита, каде што тој има викендичка.


почеток на спуштањето од Љуботен

Спуштањето од врвот ни е интересно, бидејќи во вториот дел одиме по патека на која досега не сме биле. Патеката минува по гребенот над планинарскиот дом и за прв пат го гледаме домот од оваа перспектива. Потоа патеката продолжува до месноста Шија на висина од околу 1780 m. Оттука почнува малку пострмно спуштање во правец на месноста Корита која е на висина од околу 1500 m и каде има чешма со вода и мала викенд-населба.


спуштање од месноста Шија


поглед назад кон Љуботен - во близина на Корита

Кај Корита многу љубезниот домаќин Југослав не поканува во неговата викендичка - да се напиеме малку пиво, прекрасно домашно вино. Баш ни е жал што ќе се разделиме од Југослав, но патот мораме да го продолжиме. Од Корита надолу до Рогачево има многу убава и широка патека по која може да се движи теренско возило. Патеката е приличо директна и за кратко време се стигнува до селото. По патот малку го успоривме спуштањето - главни виновници - младите шумски јаготки покрај патот. Малку пред Рогачево се одвојува една патека која води кон Старо Село. Возачите на автомобилите се упатија до Старо Село да ги земат колите и да се сретнеме во Рогачево.

Рогачево е село со интересна историја и со убава сегашност. Мало село со стотина куќи, но сите средени, убави, поплочени улици, се гледа дека активно живее. Во толку мало село има 6-7 цркви. Се симнавме до "центарот" на селото и додека ги чекавме пријателите кои појдоа по колите, во локалната продавница - под сенка - имавме пријатен разговор со неколку момци и девојки од селото. Имавме чувство дека сме добредојдени, кај луѓе домаќини, пријатни, гостопримливи...

По доаѓањето на остатокот од групата се упативме до месноста Калуѓер - 500 метри северно од селото - до таму води асфалтно патче. Пред самото место има мал паркинг од песок и игралиште заградено со метална мрежа. За ова место читав на Internet - прикаската е дека во 15-ти век - по Косовската битка - еден дел од монасите од Косово пребегале и подолго време боравеле тука. Затоа и местото се вика Калуѓер, а исто така се вика и рекичката што тука извира. Сега на ова место има две цркви, а ние посетивме една - во почетокот на рекичката. И тука наидовме на луѓе - две-три семејства од Тетово беа дојдени да се разладат во прекрасните сенки на повеќевековните дабови. Покрај главниот извор на рекичката, околу нас уште неколку чешми - вода од сите страни. Црквата е посветена на Св. Илија и за 2-ри август тука има голем собир.


една интересна чешма на месноста Калуѓер - Рогачево

Има уште многу да се зборува за ова убаво село и за неговите жители, но мислам дека е подобро да оставиме идните посетители сами да откријат интересни детали и приказни поврзани со Рогачево и со Калуѓер.

Ние имавме прекрасна акција, убаво си поминавме, видовме и научивме некои нови работи. За еден ден - сосема доволно...


Патеката по која се движевме


Профил на патеката на главната група - 21 km, 1833 m висинска разлика


Профил на патеката што јас ја поминав како тренинг за Lavaredo Ultra Trail - 30 km, 2756 m висинска разлика

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/StaroSeloLjuboten2498MRogachevo#

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje