Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Љуботен - камп со шатори и искачување од источната страна - 30-31 декември 2012

Како и многу пати досега, акцијата започна со една обична скромна објава на нашата web страница како и на групата на Facebook. Но очигледната глад за убави зимски акции кај планинарската популација во Македонија се искажа во својата најубава форма. Не само со бројноста на учесниците, со потребната опрема и со одлична физичка подготовка, туку и со изборот на патеката по која се движеа еден дел од учесниците - источната страна - јасно покажува дека членовите на нашето друштво се спремни за да преминат на следно ниво - уште потешки, технички позахтевни и - нормално - повозбудливи, поадреналински тури. Оваа акција беше одлична точка на сите наши активности во изминатата 2012 година. Се надеваме дека идната ќе ни донесе уште многу вакви интересни и убави акции.

Мала група од четворица поаѓаме во сабота околу 10:30 часот од Скопје. Преку Тетово за час и половина пристигнуваме во село Рогачево. Таму ја паркираме колата, ги пакуваме ранците - прилично натоварени со шатори, вреќи и друга опрема. Локалните жители не прашуваат што планираме и изразуваат задоволство за нашата идеја да спиеме со шатори во планината. Селските деца ни прават заедничка фотографија па ние поаѓаме полека нагоре - околу 12:30.


поаѓање од село Рогачево

Во првиот дел над селото има снег но патеката е чиста. Наскоро наидуваме на се повеќе и повеќе снег. Времето променливо - малку сонце, малку облаци. Во погорните делови - малку пред викенд населбата Корита - започнува да дува ветар кој пријатно не лади. Кај колибите правиме пауза за да ставиме камашни дека снегот е мек на некои места и се пропаѓа.


кај викенд населбата Корита

Продолжуваме нагоре - на рамниот дел снегот е потврд, но ветрот дува засилено. Наскоро гледаме дека времето "не гази" - нема да можеме да стигнеме да го ставиме логорот каде што планиравме. Наоѓаме згодно место во близината и тука ги поставуваме шаторите. Сонцето полека почна да заоѓа. Преостанатото време го користиме за да јадеме нешто, да стоплиме вода за супа, чај. Во 16:30 веќе се стемнува. Се мрткаме околу шаторите, ги тесираме челните ламби и заклучуваме дека си важи правилото - "колку пари - толку музика" - поскапите ламби со повеќе лумени подалеку фрлаат светлосен сноп.


убавецот Љуботен покриен со облаче


сонцето на заоѓање


нашиот "базен логор"

Во 5:30 веќе сите сме во шаторите пикнати во топлите вреќи. Толли, ама ни треба доста време да се стоплиме. Надвор уште дуваше ветар - не многу силен но доволно да не олади. Но затоа нешто подоцна ветрот сосема исчезна и се отвори прекрасна ноќ - планината светла од полната месечина и многуте ѕвезди. Јани и Буце едно време излегоа надвор да уживаат - прошетаа малку, сликаа. Не викаа и мене и Жико, ама ние си останавме внатре во топлината на шаторите - ме мрзеше да ги облекувам чевлите. И така, долгата ноќ си врвеше - проследена со чести вртења на телото на едната па на другата страна. До сабајлето веќе ме болеше грбот од многу лежење.


ноќна идила - експедицискиот шатор на Јани во снегот под Љуботен

Во неделата наутро осум возила тргнале од Скопје околу 4:10. Во центарот на Рогачево едвај нашле место за паркирање. И потоа - по цврстиот снег - првите пристигнаа за помалку од час и половина до нашиот логор. Договорот беше да се сретнеме околу 8 часот а тие пред 7 беа кај нас. Не фатија неспремни. Набрзина се облековме и без да јадеме тргнавме - не смеевме да дозволиме да се оладат.


втората група оди кон нашиот логор


полната месечина - придружник по патот


изгрејсонце на падините на Љуботен


средба на двете групи кај нашиот логор - месечината и сонцето си ги мешаат зраците


Љуботен обоен од утринското сонце

Една поголема група поаѓа по класичната патека за врвот Љуботен - по југоисточниот гребен. Снег на некои места има многу малку - издуван од ветрот, но на некои места има навеви. За среќа уште е ладно и снегот е цврст па малку се пропаѓа. Втора група од околу десетина луѓе наскоро се одвојуваме - некаде на надморска висина од 1820 метри и фаќаме малку во десно - поисточно. Наскоро стигнуваме на еден раб - на картата обележан како Cafa e Kejpit. Треба да ја траверсираме падината, но по првите чекори на снегот гледаме дека е прилично тврд, па се враќаме да ставиме дерези - мора да се движиме безбедно. Со дерези на нозете и цепин во раката ги минуваме една по друга неколку стрмни снежни падини. Помеѓу нив има делови со камен делумно прекриен со снег, на некои места карпи, па го трасираме патот онака како ни се гледа наједноставно за минување. Генерално е чувството на сите учесници дека ова е за нас едно откритие - сосема поинакви доживување на планината од оваа страна - како да сме на сосема друга планина - да не речам - некаде на Алпите. Вистинско алпско доживување.


почетокот на снежните падини од источната страна

Пото влегуваме во долината меѓу два гребена - ја минуваме од левата страна - има тука стрмни парчиња со тврд снег за минување. Излегуваме на мало седленце - на картата Ljak i Zanoges. Тука чекаме да се консолидира групата, правиме мала пауза за појадок. Веќе сме на работ на нашата главна цел - источната страна на Љуботен. Се мислиме од каде да фатиме. Има стрмни падини со повеќе кулоарчиња, но ми се чини дека снегот може да биде длабок, па за да не ризикуваме - во интерес на времето - одлучуваме да одиме до горе, каде тој карпест дел завршува, па оттаму да пречиме во десно. Сега кога би размислувал повторно - мислам дека би влегол во некој од кулоарите. Но тоа останува за некој следен пат. Сепак кога си во реална ситуација, на планина и притоа те мава ветар во главата, одлуките поинаку се донесуваат. Дома е лесно да се правиш јунак.


помеѓу карпите и снежните падини


на пат кон седлото


прекрасни терени за движење - а за скијање...


последниот дел со карпи - горе се леда југоисточниот гребен и дел од нашата екипа како се враќа од врвот


убавите кулоарчиња под нас

Кога го минуваме тој дел и доаѓаме на снежен предел - фаќаме директно десно и се движиме кон линијата што си ја зацртавме како цел - едно од ребрата на источната страна на Љуботен - не главното ребро, туку едно пред него. Не знам зошто но уште од дома го замислив тоа како правец на движење. Одиме низ снегот - некаде малку се пропаѓа, некаде е многу тврд. Имаше еден ептен интересен детал кога заобиколувавме една карпеста формација - моравме да одиме по "микс" со цепинот и по снег и по карпа - помош со држење за карпата со другата рака. Ветрот дуваше на моменти засилено, носејќи во нашите лица замрзнати честички снег. Убавина...

Петар реши да оди до крај - помина уште во десно - еден дел низ нешто подлабок снег - и го фати главното ребро што води директно до врвот. Така имавме убава прилика взаемно да се фотографираме и да се долови стрмнината на теренот - не премногу - таман колку што ни требаше овој пат.


траверсираме во десно кон почетокот на главниот успон до врвот


Петар го фотографира искачувањето на нашата група


детал од искачувањето


веќе сме блиску до излезот на гребенот - снегот одлично тврд


дел од другата група која се движи по гребенот кон врвот


остатокот од нашата група во искачување на источната страна


последните метри до врвот ги одиме по гребенот


поглед од врвот кон другите делови на Шар Планина


чевлите и дерезите на Петар се одмараат на врвот

Излегуваме еден по еден на гребенот и тука се спојуваме со другите од втората група кои се движат кон врвот - некои се качуваа, други веќе се враќаат. И конечно - во 10:55 стигнувам на врвот - ми се оствари дамнешната желба да го искачам Љуботен од источната страна. А за човек нема ништо поубаво од тоа да му се оствари некој дамнешен сон.

На врвот се собираме - се фотографираме, но не можеме премногу да останеме - еден по еден полека се прибираме назад. Едни се враќаат, нови доаѓаат. Не го дочекавме Перо, иако знаевме дека не е многу далеку. И тој имал прекрасно искуство качувајќи се по својата патека.


полека се враќаме назад

Се враќаме назад по стандардната патека, патем среќавајќи планинари и од други планинарски друштва или поединци кои решиле овој убав ден да го минат на Љуботен. Се познати лица - пријатели планинари. Во шала и смеа стигнуваме до логорот каде ни беа шаторите. Во меѓувреме некои од првите кои стигнале долу веќе успеале и да си дремнат малку во шаторите. Пауза за јадење и - голема групна фотографија - а пак не сме сите. Прекрасно е чувството дека сме една голема и многу позитивна планинарска фамилија.


нашата насмеана фамилија

Следеше пакување на шаторите и ранците и уште нешто повеќе од еден час симнување до селото Рогачево. Така заврши оваа последна акција во 2012 година - можеби една од најубавите - а секако на сите учесници ќе им остане во прекрасно сеќавање.

Технички податоци :

Должина на патеката: 18,8 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1650 m


целата патека на искачување и спуштање


погорниот дел од патеката


искачувањето на врвот од источната страна


висински профил на патеката


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/LjubotenEastFace

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов,
Тања Манчева, Јани Беака, Трајче Панковски и други...


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje