Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Доломити, Италија : Lavaredo Ultra Trail - 1-2 јули 2011

Конечно се случи и тоа - трката која ја сметав за најважна во оваа година и која желно ја очекував уште од јануари месец оваа година. The North Face Lavaredo Ultra Trail 2011 - петто издание на оваа веќе позната и почитувана како една од потешките планински ултра трки во Европа. Пријавувањето за трката моравме да го направиме уште во февруари - лимитот беше 600 натпреварувачи за главната трка и тој број се пополни за само два дена. Остатокот од времето од јануари до крајот на јули практично беше низа на планинарски акции и трчања по планина - се со цел да се постигне потребното ниво за успешно завршување на оваа трка.

И навистина е убаво кога се убаво ќе се сврши. Трката заврши - ја поминавме ние тројцата : Зоран Димов, Жикица Ивановски и Трајче Панковски - на најдобар можен начин и во одлично расположение. По трката немавме никакви сериозни последици, можеби некој мускул затегнат малку повеќе, но речиси и тоа како да го немаше. Имавме со Жико интересна дискусија по трката - и на двајцата ни се чинеше дека со темпото кое го одевме на трката дека би можеле да одиме - рековме "бесконечно" - во секој случај барем уште толку, само редовно да се снабдуваме со храна и вода. Тоа чувство на сигурност во себе и спремност многу ни значи.

Организатор на трката во Италија е фирмата за спортска опрема North Face - истата фирма е организатор на низа престижни планински трки во светот, од која најпозната е трката околу Мон Блан - UTMB (Ultra Trail du Mont Blanc). Трката во Lavaredo која сега успешно ја завршивме - ни носи три квалификациони поени за трката околу Мон Блан - 166km, 9500м позитивна висинска разлика. За трката погледнете го линкот http://www.ultratrailmb.com/accueil.php а мислам дека повеќе ќе ја долови атмосферата од таа трка ова видео http://www.dailymotion.com/video/xhvppq_the-north-face-ultra-trail-du-mont-blanc_sport#

Во Италија, Австрија, Франција и сличните земји трчањето по планини, на пократки (15-30 km) и на подолги и ултра дистанци (40 - 100 km) е честа појава, речиси секој викенд има по некоја трка. Луѓето земаат масовно учество во трките, физички се доста спремни и многу позитивни, весели, комуникативни. Се чувствуваш многу пријатно во околина на такви луѓе со слични интереси и ставови како твоите. Се е некако многу природно - односот меѓу луѓето, движењето низ природата, и топло и ладно и лизгаво... Се доживуваш како нешто најнормално и одиш понатаму. А природата е навистина таму прекрасна - изобилство на остри карпести врвови, под нив иглолисни шуми и сочни тревни ливади, по некое планински езеро со тиркизна боја.

За трката во Lavaredo се појави видео од North Face - со човекот кој ги води серијата на видеа за подготовка на спортистите за трката околу Мон Блан. Тој со уште една девојка од Бразил дошле неколку недели пред трката и го снимиле рекламното видео. Се случи трката и тој Sebastien Chaigneau и таа - Fernanda Maciel - победија на трката во Lavaredo во машка и во женска конкуренција. Поради снег на првобитно замислената патека - една недела пред трката ни јавија дека првите 20 km од трката ќе се трчаат по друга долина. Убаво е да се види и да се чуе експертско мислење за трката што си ја поминал. Видеото е на следниот линк http://www.youtube.com/watch?v=f4oXx0WLKts

Како беше? Појдовме на 29-ти јуни (среда) околу 13 часот. Појдов прво до Велес каде се сретнавме со останатите двајца членови на тимот, пријавени за трката како членови на ПД МАКПЕТРОЛ, МАКЕДОНИЈА. Едно објаснување зошто од Велес. Нашиот најеминентен член - г-динот Зоран Димов, најдобриот македонски ултрамаратонец, претходниот викенд трчаше во Унгарија 212 km околу езерото Балатон - Ultrabalaton и ги измина за 28h06'. Затоа, од почит кон неговото остварување и за да не го мачиме човекот кој пред еден ден се врати од пат пак да оди со воз за Скопје, го земавме од Велес.


зајдисонце некаде на автопатот во Хрватска

Со колата возиме до Хрватска. Некаде пред Загреб веќе доцна во ноќта паркираме на едно големо одмориште покрај автопатот и преспиваме во колата до утрото - околу 6 часот. Потоа продолжуваме. Словенија, Љубљана, Постојна, Горица. Влегуваме во Италија и прво одиме во Удине. Таму има продавница за спортска опрема Decathlon во која има огромен избор на квалитетна и евтина опрема за трчање, планинарење, бициклизам и многу други спортови. Се задржуваме два-три часа, купуваме некоја неопходна опрема, Жико си купи патики, другите блузи, хеланки, маички.


убава долина на Доломитите


гратчето Domegge di Cadore со езерце покрај него


Monte Pelmo (3168m) - поглед од San Vito di Cadore

Потоа одиме на север преку Tolmezzo и Forni di Sopra во долината каде треба да се одржи трката. Тука има повеќе гратчиња кои сите завршуваат на ... di Cadore. Одиме низ нив и влегуваме во долината на пат кон Cortina d'Ampezo. Застануваме во San Vito di Cadore и гледаме нагоре кон врвовите - таму горе минува трасата на трката. Во Cortina стигнуваме околу 18 часот и бидејќи имавме други планови - да разгледаме делови од трасата на трката, воопшто не застануваме во ова познато место, туку продолжуваме нагоре - кон езерото Lago di Misurina. Се искачуваме прво до еден планински превој под импознатниот врв Cristallo (3221m) и тука застануваме да разгледаме и фотографираме. Потоа продолжуваме кон езерото Misurina. Уште пред да стигнеме таму, застануваме уште еднаш на патот - моментот кога за прв пат ги здогледуваме Tre Cime di Lavaredo - прекрасни три карпести кули - симобол на трката и на целата оваа област и качувачки рај за алпинистите.


првиот поглед кон Tre Cime di Lavaredo

Го минуваме езерото Misurina и одиме уште малку погоре - на висина од околу 1750m - тука е влезот во националниот парк. Ја оставаме колата и поаѓаме пеш кон планинарскиот дом кој е на 10-15 минути оддалеченост - Malga Rimbianco - таа точка се наоѓа на отприлика 30-иот километар на трасата на трката. Одиме, разгледуваме, фотографираме. Се наоѓаме практично во подножјето на Tre Cime, но од "задната" - југо-западна страна на карпите. Поседуваме тука, па се враќаме кон влезот на националниот парк - решаваме тука да вечераме (од храната што си ја носиме со себе) и да го чекаме залезот на сонцето. Потоа се симнуваме кон езерото во потрага за добро место за спиење - ќе спиеме во колата, но да најдеме паркинг каде нема да не избркаат во текот на ноќта.


доломитски карпи на вечерно светло


Lago di Misurina при залез на сонцето, а зад него прекрасниот карпест ѕид на Gruppo del Sorapiss (3205m)

Ноќта ја минавме на паркингот до жичарницата на долниот крај на езерото. Утрото се будам во 7 часот и правам мала прошетка околу езерото. Во близина на жичарницата го откривам продолжението на трасата на трката која од тука почнува да се искачува нагоре по планината. Влегуваме во кола и поаѓаме за Auronzo di Cadore - главното место од каде почнува и завршува трката. По пат одиме полека и уживаме во прекрасните глетки на многубројните карпести врвови.


Auronzo di Cadore со езерцето - во средината на сликата е големата спортска сала каде беше базата за организација на трката

Auronzo di Cadore е малку поголемо гратче, развлеченo покрај главниот пат во должина од околу 4 km. До него, во долниот дел има убаво вештачко езеро, со два моста и со спортски терени, патека за боб во летни услови, велосипедска патека (која служи и за трчање) по макадам околу езерото.

Овој ден ни беше предвиден за одмор, за јадење и пиење течности (за да имаме добри резерви за време на трката) и за лесни прошетки. Во 14:30 почна пријавувањето на натпреварувачите во големата полузатворена сала за хокеј. Тука контролорите вршеа проверки дали ја имаме целата задолжителна опрема и бараа копија од медицинскиот сертификат - документ без кој нема шанси да ве пуштат на трката. Тука ни ги дадоа стартните броеви и некои рекламни материјали.


контрола на задолжителната опрема од STAFF-оите


вечера - паста - 3 часа пред стартот

Во меѓувреме - попладнете - времето од убаво почна да се расипува - дувна еден ветар, јужен ама доста силен, донесе темни облаци, на неколку пати зароси. Како што времето се наоблачуваше и нашите лица се наоблачуваа - тоа можеше да значи проблеми на патеката - особено ветарот. Но, за среќа некаде пред полноќ ветарот се смири и пак беше се во ред. Имавме среќа.

Во 23 часот почна она што го викаат Технички состанок. Директорот на трката - и самиот многу искусен тркач - Simone Brogioni - ја почна најавата со реченицата "Lavaredo Ultra Trail не е трка за секого и не секој може да ја заврши..." Ни кажа дека има информација од под Tre Cime дека температурата сега е 0 степени и дека се очекува уште да се спушта, така да ни препорача да си земеме потопла облека, капи, ракавици - што ние впрочем веќе го имавме спремено. Беше прекрасно да се види на едно место околу 700-800 натпреварувачи како се подготвуваат за старт.

 


слика со Cristina Murgia - една од главните организатори на трката


екипата од Македонија

Стартот на трката беше околу 500 метри понатаму од спортската сала. Појдовме пешки кон тоа мало плоштатче на главната улица. Се ближи полноќ. Возбудата расте. Околу нас ознаки од организаторот North Face, еден од организаторите ги најавува главните фаворити - победници на разни други познати светски трки. Една минута до полноќ - запалени се околу 800 челни лампи - сите спремни за старт. Поаѓаме... Трчаме околу 1 km по асфалтот колку да стигнеме до првиот мост за од другата страна на езерцето и потоа трчаме по макадамската велосипедска патека. Си велиме меѓу себе - "кога ќе го има ова кај нас - 800 луѓе да тргнат во сред ноќ да трчаат по некоја планина". Но добро, ние ќе се обидеме да го поттикнеме развојот на овој спорт и кај нас.


пред стартот на трката


трчање по велосипедската патека

По околу 7 km патот излегува на асфалт и оди така уште некои 4 km но веќе по угорница. Потоа навлегуваме во пазувите на планината. Времето главно е добро, ведро, на моменти само не потфаќа некој налет на ветар, инаку е мирно. Колоната е развлечена во должна од околу 2 km и е прекрасна глетка кога ќе се види таа долга развлечена "змија" на светла од лампи по планината. Ние сме некаде кон средината на колоната и добро се држиме.

Во 3:20 стигнуваме до една импровизирана колипка - склониште - тоа е првата контролна точка под Tre Cime каде ни даваат чај. Има и други пијалоци како Gatorade, Coca Cola, Red Bull - но чајот ни е најпотребен. Многу е ладно, ветарот дува. Ние сме со облечени јакни, капи, ракавици, но на Димов сепак му изѕемнуваат прстите. По 10 минути пауза за чај и нешто за грицкање трчаме понатаму до преминот под Tre Cime - највисоката точка на трката од 2480 m. Кога видовме дека до тука стигнавме за отприлика 3 и пол часа - знаевме дека трката успешно ќе ја завршиме. Малку ми беше жал што стигнавме толку рано, дека нема да можам да ги фотографирам убаво Tre Cime поради темницата.


на првата контрола - многу ладно...


трчање надолу во ноќта

Од превојот одиме надолу - прво поблаго а потоа се пострмно спуштање по тесни каменесто-карпести патчиња со по некое поточе за прескокнување. На изгрејсонце - околу 5 часот сме кај Malga Rimbianco - домот каде претходниот ден ја испитувавме патеката. Тука е втората окрепителна станица - јадеме нешто, пиеме течности. Растојанијата меѓу овие станици е многу добро подесена и навистина може човек да ја заврши трката дури и ако не носи ништо за јадење, само по две шишиња вода од пола литар за патот од станица до станица. А спонзорите на трката обилно ги имаа снабдено станиците со секакви храни и пијалоци.

Се спуштаме надолу кон Lago di Misurina, минуваме крај езерото каде спиевме претходната ноќ. Потоа одиме по угорницата од жичарата и понатаму се искачуваме кон следниот рид кој е на програмата.


Kaj Lago di Misurina и Sorapiss позади него - рано наутро


понекогаш беше тешко да се задржат очите на патеката ради преубавите околни врвови


некаде на половина на трката

Во 8h10' стигнуваме - по едно стрмно спуштање - во Vila Gregoriana - Palus San Marco - еден дом кој ја претставуваше средината на трката. Бевме повеќе од задоволни од постигнатото време. При влегувањето пред домот имаше спикер со разглас и кога не виде тројца почна да зборува како "еве доаѓа сега една група". Јас му дофрлив дека сме група од Македонија, што тој гласно го објави и бевме срдечно пречекани од околната публика со аплауз. Тука направивме пауза од речиси половина час, јадевме добро и пиевме течности, да собереме сили за втората половина на трката. Оние што беа штафети тука се менуваа - едниот остануваше да одмара, а вториот продолжуваше понатаму.

Тука јас им предложив на останатите двајца колеги - Зоки и Жика - ако сакаат да побрзаат - за да постигнат подобри времиња, јас чувствував мала болка во десното колено и не сакав да се форсирам - и онака имавме доволно време - а морам да признаам дека мислев и на тоа да не ги презаморам нозете за да можам да ја возам колата назад до Македонија. Се договоривме да тераме заедно до следната голема угорница - Forcella Grande - 2250m - што изнесува некаде 53-ти километар, па потоа ќе видиме.

Следеше едно од пострмните искачување од околу 1100m висински метри, по прекрасната долина San Vito, под карпестите ѕидови на прекрасниот Sorapiss. Тука минавме и делници каде имаше поставено фиксно јаже за да се придржуваме да не се лизне некој, па минавме едно делче со снег под големиот (преку 100 метри висок) водопад. Убавини... Потоа плато, но со постојан среден успон кон превојот Forcella Grande. Тука беше импозантната карпа Torre Sabbioni. По патот веќе ги преминувавме сите на угорница - заклучивме дека за нагоре барем во овој дел од групата немаме конкуренција.


Зоран Димов - скок преку поточе


фиксно јаже - снег, водопад...


Доломити - што да се каже - остри врвови


големиот водопад во долината San Vito


пред Forcella Grande - Зоки и Жико


Torre Sabbioni

На Forcella Grande правиме мала пауза за да каснеме некоја храна. Следи најстрмното спуштање на целата патека - прилично екстремно - околу 60% по лизгав терен од главно ситнозрнести камчиња и камења на некои места. Неколку пати околу мене се стркалаа и камења од погоре од некои помалку внимателни натпреварувачи. Веќе тука се разделивме со Зоки и Жико и секој си појде со свое темпо. Јас не се брзав многу, бев задоволен со досега постигнатото време.

Се спуштивме до висина од околу 1800m каде има дом Rif. San Marco. Оттука патот оди по изохипса околу планината Marmole кон Forcella Picola - превој кој се наоѓа под највисокиот врв во овој дел од Доломитите - Antelao. Теренот - камењар како под Козја Стена, но се во зголемен размер. Пред превојот пак стрмно искачување - пак ги минувам сите кои ми се најдоа на патот.


карпите над Forcella Grande во правец на Sorapiss


моќниот врв Antelao (3263m)


Rif. San Marco


патеката од Rif. San Marco кон Forcella Picola


патеката од камчиња пред Forcella Picola и некои од колегите - натпреварувачи - кој оди - кој се одмара

Од тука патеката почува да се спушта, минува покрај еден дом до кој не застанувам, туку одам надолу кон следната окрепна станица, на 65-иот километар - Capanna degli Alpini. Тука пак мала пауза - паста со сос и пармезан, две кока-коли, малку банани и трк надолу по еден каменест широк пат во должина од 3 килметри.


Rif. Galassi - дом покрај кој само минуваме

На крајот на патеката има една рекичка - бел камен - проѕирна вода. Минуваме со скок од камен на камен и потоа почнува последниот голем успон - многу директен и многу стрмен - околу 800 метри висинска разлика - нешто како наше Водно. Ама ова се случува по изминати скоро 70 km од патеката. Си се чудам и самиот како лесно ми оди искачувањето - имам сила во нозете, не се задишувам. По пат минувам се на што ќе наидам. Горе кај домот сум за околу 1 час и 5 минути. Стигнувам до Rif. Chiggiato - оттука веќе крајот е блиску - си велам. Е блиску, ама и не баш толку блиску.


Rif. Chiggiato - поглед назад кон Forcella Picola


прекрасен поглед од Rif. Chiggiato кон југоисток

Следи мало спуштање надолу, подолго движење по изохипса - малку горе, малку долу, малку кал на патот, па малку ќе зароси, па ќе престане. Па пак искачување, па изохипса, па пак искачување. Конечно стигнувам до последната станица - Rif. Baion. Земам храна и пијам течности. Си мислам - сега спуштање до градот и готово. Е не - искачување по стрмно земјено патче околу 150 висински метри и потоа бесконечно долго спуштање кон Auronzo. При крајот спуштањето е пак екстрмено стрмно, речиси не може да се трча дека е лизгаво од ситните камчиња. Гледам на часовникот и заклучувам дека ако побрзам малку можеби ќе можам да направам време под 20 часа. Забрзувам, минувам неколку од моите колеги натпреварувачи со кои веќе се "знаеме" се гледаме неколку пати по окрепните станици и на патеката. Стигнувам на целта во 19h50'. Веднаш го вадам македонското и макпетролското знаме од ранец и се сликаме со Зоки и Жико кои стигнале порано и ме чекале на целта. Среќни, не многу уморни. Максимално задоволни поради добро изминатата патека, доброто време, кое можеше да биде и подобро, но и вака сме задоволни. Ќе оставиме за некое следно доаѓање да го подобриме резултатот.

Добивме медали за успешно завршена трка, еден тенок елек од North Face кој би требало да штити од ветар и дожд, но најважно е што на него е испишано "Lavaredo Ultra Trail Finisher" - доказ за завршената трка на кој ќе се сеќаваме долго време. Учество на трка од светски ранг, со натпреварувачи од светски ранг - добро поминавме, не се изморивме премногу, гледаме дека имаме сили за уште, значи и Мон Блан би можеле да го завршиме во некое пристојно време.

Кратко спиење на паркингот до салата. Нозете малку беа немирни, никако да се наместиш, мали болки во мускулите - но само првиот час. Потоа сум заспал. Телефонот ме буди во 5 часот наутро. Пали колата и - пат кон Скопје. Вечерта сите си бевме дома - побогати со едно прекрасно ново искуство.


екипата Макпетрол - Македонија на целта

Технички податоци :

--- Должина на патеката : 87 km
--- Висинска разлика (вкупен успон) : 5300 m - Макс.успон : 62%, просечен успон 13%
--- Најниска точка : 850 m
--- Највисока точка: 2480 m
--- Потрошени калории : 9400 CCal

Времиња и пласман: (од 600 на старт 420 завршија во предвиденото време)
-- Димов Зоран 17h58'28'' - 193 место
-- Жикица Ивановски 18h35'03'' - 227 место
-- Трајче Панковски 19h50'03'' - 281 место


Земји учеснички (оние кои усапешно ја завршија трката) : Австрија, Австралија, Белгија, Бразил, Хрватска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Македонија, Полска, Словенија, Шпанија, Швајцарија, САД.


Приказ на патеката - од Auronzo во насока обратно од стрелките на часовникот


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/LavaredoUltraTrail2011#

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Жикица Ивановски, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje