Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Корабски масив : Куртово Ќуле (2082 m) и Јаворско Брдо (2155 m) - 13 јануари 2013

Масивот на Кораб претставува една од нашите омилени дестинации. Секоја година неколку пати завлегуваме во овој голем и преубав масив, истражувајќи нови врвчиња и патчиња и уживајќи во убавината на природата. За овој пат го избравме атрактивното врвче Куртово Ќуле - врвче со висина од 2082 метри кое се издига директно над селото Жировница, како негов чувар. Можеби поради неговата близина до Жировница досега го немавме посетено, целејќи секогаш на нешто подалечни врвови. Но Куртово Ќуле е прекрасен врв за искачување од сите страни, стрмен - особен предизвик претставува неговата северна страна - долг гребен пресечен со многу стрмни карпи кои ви прават впечаток дека сте некаде на Алпите. Желбата да се дојде овде е уште поголема поради секогаш добриот и пријателски прием од жителите на Жировница.

Се собравме поголема група овој пат - вкупно 26 души од Скопје. Поаѓаме од Скопје околу 4:30 за да го фатиме денот од порано. Во Жировница не чека Даут Јашари - нашиот водич - искусно момче кое го знае секој ќош во планините од овој крај. Околу 6:50 поаѓа колоната од Горно Маало нагоре кон излезот од селото. Во договор со Даут, го менуваме првобитниот план на движење. Ние сакавме да одиме по долината на Таировска река и од Мала Планина да се искачуваме - по северната страна на Куртово Ќуле. Но Даут, кој и во средата се качил на Куртово да ја испита состојбата - ни препорача да одиме по директниот пат од селото - по западниот (северо-западниот) гребен од кај шумата Чорник - на северната страна постоела опасност од лавини и затоа таа страна ќе ја оставиме за друг пат кога ќе има поповолни временски услови.


рано наутро групата е веќе над село Жировница

Се движиме по прекрасни временски услови нагоре - снег, мирно време без ветар. Наскоро почнува да се појавуваат првите сончеви зраци и прво што е осветлено е снежниот врв на Куртово Ќуле - прекрасна слика која дополнително не мотивира.


Куртово Ќуле осветлено од првите сончеви зраци

 


колоната се движи низ шумата

Поголемиот дел од патот се движиме низ листопадна шума - дрвја со паднати листови на кои имаше нов снег и се изгледаше прекрасно - зимска идила. На неколку места имаше поголеми стрмнини, а во снегот на моменти се пропаѓа и до колена. Но колоната е голема и првите од колоната ја вршат работата на разгазување на снегот и за останатите. Со повремени паузи се искачуваме до границата на шумата - некаде околу 1850 m. Сонцето пријатно пече - некои од нас се соблекоа по маици. Дури на крајот од шумата понуваме да го чувствуваме ветрот. Времето полека се менува - облаци го затвораат небото и од лево (од кај Крчин и Дешат) и од десно - од страната на Кораб. Само еден тесен дел - патот по кој се движиме - се уште е осветлен од сонцето.


на едно од пострмните места по патот - долу - долината на Радика


на крајот од шумата


последниот дел од крајот на шумата до врвот Куртово Ќуле


убавото парче снег за искачување


поглед кон убавецот Кабаш и десно до него - Рибничка Скала

Последните дваесетина метри пред излегувањето кај врвот наидуваме на потврд снег - треба да се оди внимателно за да не се лизне некој. На врвот стигнуваме како кој - првите се горе околу 10 часот, последните пристигнаа во 10:40. Водичот Даут како добар домаќин ги пречекува сите по ред на врвот. Се сликаме заедно. Времето веќе не е толку пријатно - дува студено ветерче и од запад наидуваат темни облаци.


излез на врвот Куртово Ќуле


дел од групата на врвот заедно со водичот Даут


со македонското и клубското знаме - Даут од денес е нов член на ПСД Макпетрол

Еден помал дел од групата се одлучува да продолжи понатаму по гребенот на запад - кон врвовите Јаворско Брдо и Високо Брдо. Даут ни кажа дека всушност она што на карта е напишано како Високо Брдо населението од Жировница со векови наназад си го вика Плоча. Групата стигнува до Јаворско Брдо (2155 m) и решава да се врати назад - условите се веќе доста неповолни - видливоста е намалена така да навистина нема некоја голема причина да се тера инат со времето.


групата стигнува на Јаворско Брдо


на враќање - засилен ветар - зимски услови

На враќање во првиот дел - до пристигнување до шумата - зимски услови - снег, ветар, студено време. Кога навлегуваме во шумата ветрот речиси да го нема, а подоцна пак се појавува и сонце, така да враќањето ни е многу пријатно. Со една - две помали паузи, со разговори со пријателите планинари и со по некоја шега - пристигнуваме околу 13 часот во село Жировница.


групна слика со алпинистите од АК Матка

Во Жировница стандардната шема - дел од луѓето директно во слатканицата на тулумби и други колачи, а друг дел во ресторанот на салата и мезе. Наскоро потоа, една по друга групите си поаѓаат за Скопје. Групата на алпинистите од АК Матка застана покрај патот за Маврово за да ја испита состојбата на мразот на едно место каде може да се прави искачување.

Оваа акција не беше силна исцрпувачка акција - малку километри - беше уживање да се оди по планината, иако висинската разлика и стрмниот терен никако не се за потценување. Големиот број на учесници и интересот за овој предел навистина пријатно не изненади.


Технички податоци :

Должина на патеката: 11 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1200 m
Максимален успон : 49 %, просечен успон : 22 %



патеката на движење


висински профил на патеката


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KurtovoKjulePeak

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов,
Марин Стојановски, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje