Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Бабуна планина : врв Козјак - 01 октомври 2011

Во сабота - 1-ви октомври 2011, група од 14 планинарки и планинари од Македонија и од Србија појдоа од селото Плетвар - во близина на градот Прилеп - на пат кон врвот Козјак (1747 m) - највисокиот врв на планината Бабуна. Акцијата беше во склоп на посетата на Прилеп и организирањето на трката во планинско трчање - "По стапките на Крали Марко 2011".


на излезот од селото Плетвар

Во 9:30 поаѓаме од селото кое се наоѓа на надморска височина од околу 980 m. Минуваме низ селото. Кај една чешма на патот има маркација - стрелка која укажува каде треба да се скршне за да се фати патеката за врвот. Потоа се е многу логично. Патот го одминува селото, ја минува селската црква и гробишта и продолжува по долот нагоре - малку пострмно - се до висина од 1200 m кога излегуваме на едно пошироко плато кое се протега, со мали долчиња и ритчиња - до подножјето на врвот Козјак. Тука веќе се шири погледот наоколу - се гледа Прилепското поле, врвот Златоврв, Маркови Кули, Прилепското езеро.


на пат кон подножјето на врвот Козјак


поглед кон Златоврв

Тесно но видливо патче не води по овие благи ритчиња кон подножјето. Наскоро наидуваме на убава чешма со ладна вода - "Студенец" - како што стои таму напишано.

Последниот дел на искачувањето е прилично стрмен - таков е врвот, но затоа пак е многу убав. Од другата - јужна страна е со карпести падини, на места доста стрмни. Од оваа страна од каде ние доаѓаме - југо-западниот гребен - може да се оди без проблем. Има две "лажни" врвчиња - главниот врв е малку поназад од нив.

За околу 2h 20 min по поаѓање од Плетвар сме на врвот Козјак. Таму има поставено столб со крст и диско-топка со огледалца. Интересна комбинација... Од врвот погледот оди во далечина, кон Солунска Глава, Кожуф, Пелистер... Ги видовме и врвовите Галчин и Орле каде сакаме да отидеме после две недели.


почеток на искачувањето на врвот


по гребенот кон врвот


на врвот - диско атмосфера


поглед надолу кон карпестата страна од планината


групата планинари на врвот


врвот виден од другата - југо-источна страна

Одмараме на врвот околу половина час - уживаме во глетката. Долу под нас - меѓу карпите летаа десетина орлиња.

Симнувањето надолу траеше пократко, околу 2 часа. На паркингот пред селото не пречека Зоран - Брацо со својот мини-бус и појдовме во правец на Прилеп - да се приклучиме на поголемата екипа планинари и тркачи кои веќе беа пристигнати на манастирот Трескавец.

Топло ја препорачуваме и оваа планина и овој врв и патеката што ја поминавме. За кратко време може убаво да си прошетате и да уживате во прекрасните погледи на околината.

 

Технички податоци :

Должина на патеката во една насока : 6 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 850 m



измината патека


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KozjakPeak#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/10/05/babuna-planina-kozjak-1747-m/

Автор: Трајче Панковски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje