Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Кораб : Рибница - Длабока Река - Боази - Голем Кораб - Мал Кораб - 8-9 септември 2012


И оваа година да го прославиме празникот на државноста во наш стил. Сакаме да ја повториме минатогодишната тура. Претходната година имавме одлично доживување. Учесници на акцијата: Петар Герасимов, Татјана Герасимова, Данчо Марковски (ни се приклучи во неделата),Тања Манчева, Билјана Игнатовска, Александар Буцевски, Ѓоре Ѓорѓиевски, Марина Спасовска, Светлана Стојаноска, Владимир Сикавица, Иван Милев, Јани Беака, Михаил Наумовски.

После негативниот одговор на луѓето од Националниот парк Маврово до кои имавме испратено известување со список на луѓе кои сакаме да одиме на Кораб од другата страна на планината, решивме на своја одговорност да заминеме на планина. Причина за забрана на движење во тој дел на планината беше дека од таму нема маркирана патека и сл. И сето тоа беше кажано во краток телефонски разговор под изговор дека не се во можност електронски да одговорат на нашето барање (така ние би имале доказ за нешто апсурдно).

Тргнавме рано сабајле во Сабота 08.09.2012 год. Водач на овогодинешната тура беше Петар Герасимов. Добро не спреми уште од дома, ни организира одличен превоз и договори одлични временски услови.

Со сопствен превоз дојдовме до општината во Гостивар, од каде претходно беше договорено со локален превозник да не одвезе до село Рибница. Патувањето до село Рибница беше исто толку возбудливо и адреналински колку и самото искачување. Шоферот кој не возеше направи да се чувствуваме како да учествуваме на некоја рели трка.

Временски се се одвиваше според планот. Поради тешките ранци се одлучивме да не брзаме. Заедно со одличните временски услови денот беше предвиден за уживање.

Првата пауза ја направивме на Попова ливада, ги обновивме силите со по некоја банана, енерџи бар, ги одморивме рамењата од тешките ранци и продолживме.

Уште два часа пешачење и целосно се отворија пред нас Рибница и Кабаш, кои со својата грандиозност и непобедливост те оставаат без здив. Овој дел од корабскиот масив изобилува со грандиозни врвови кои се вистински предизвик да се посетат и освојат.

Околу 12:30 часот го поминавме местото каде во пролет се создава еден од најголемите водопади во Македонија, водопадот на Длабока Река.

Пешачевме уште половина час до местото предвидено за камп. Се поставија шаторите и се направи одличен одмор после кој повеќето се чувствувавме како тогаш да почнуваме со пешачење.

Дел од екипата решивме да го искачиме врвот Боази (2495 м.н.в.). Пред тргнување се коментираше за колку време ќе го качиме врвот. Очекувањата од местото на кампирање (2030 м.н.в.) до врвот ни беа околу 1 час. Водени од Вања и Ѓоре на врвот му тргнавме некако во благ натпреварувачки стил. На врв Ѓоре пристигна прв, потоа и Вања кои испадна да се искачат за околу 32 минути, а останатите Перо, Сики, Тања и јас пристигнавме во период од 37-40 минути.


Боази (2495 м.н.в.)


Поглед од Боази

И тогаш кога мислиш дека завршило се , се случуваат најјаките работи. На слегување кон кампот по стандардната патека која ја користат луѓето кои со коњи пренесуваат боровинки од Македонија во Албанија наидовме на приод до еден прекрасен остар врв. Додека јас се восхитував и коментирав дека врвот изгледа неосвоив Ѓоре и Вања тргнаа во потфат.


Остриот врв


Ѓоре на Остриот врв

Го прашувам Перо што ќе прават, а тој ми вика ете така само да испитаат каков е приодот да видат дали може да се качува. Е лани на истиот начин го качивме Кабаш. Ама ова сега беше должински многу пократко но многу, многу пострмно. И ете го Ѓоре за неполни 15 минути скоро на врвот си оди така исправен мафта кон нас како да оди по рамно, зад него без никаков проблем го следи Вања, ете ти ги за кратко на самиот врв. Јас само стојам и не ми се верува на очите. Во еден момент се радувам, во друг ми е мака што и јас не сум таму. Чекам да видам што ќе се случи, очекувам одма да слегуваат на долу а тие на врв уживаат, не поздравуваат, Тања ги фотографира. Бидеќи заладуваше ги оставивме да уживаат на својот трофеј и полека почнавме да слегуваме накај кампот постојано следејќи ги со поглед кога ќе почнат да слегуваат.

Набрзо после нашето пристигнување во кампот пристигнаа и тие насмеани и поискусни со уште едно екстремно доживување.

Имавме топла вечер за спиење. Околу 2:20 часот се разбудив наоѓајќи се во чудна позиција на спиење. Сум се стуткала да спијам напречно покрај нозете од моите цимери, како сум стигнала така да се извртам не се сеќавам. Излегов од шаторот и се изненадив од тоа колку беше пријатна вечерта. Мирно, тивко небо полно со ѕвезди и српеста месечина. Околу мене се издигаат карпести врвови кои на месечевата светлина изгледаа уште попримамливи и поубави отколку денски. За миг си помислив на можноста за качување со лампа на некој од нив, но брзо се отрезнив од таа убавина кога се присетив што се ни е планирано да се помине наредниот ден.

Времето на станување беше со самото изгревање на сонцето. Појадок на утринското сонце опкружени со целата таа убавина: река, планини, карпи е од неизмерлива вредност.

Полека колоната од 12 луѓе почна змијулесто да се искачува по добро разгазената патека кон седлото за Мал Кораб. На 10 минути пешачење ја имавме првата чешма направена на изворче од листови од тревки каде ги обновивме своите резерви со вода. Патеката по која се движевме води покрај приодот за искачување на Мал Кораб кој решивме да го искачиме на враќење. По пат пред седлото за приод до Мал Кораб има уште едно изворче од каде може да се наполни чиста и ладна вода. Полека патеката ја оставивме зад себе и директно се упативме накај голема Корабска врата. Стигнавме до сртот со големи карпи кои минатата година ги поминавме од нивната десна страна. Оваа година тргнавме директно низ нив и се покажа како добар приод. Патеката ја поминавме целосно натоварени со целата опрема која ја понесовме од дома. Ни беше своевиден предизвик, тренинг и несигурност да оставиме толку опрема некаде по пат каде минатата година поминуваат луѓе со коњи.

По пат сретнавме еден дечко кој го искачил Голем Кораб и сам тргнал да го искачи Мал Кораб се отпоздравивме и тргнавме секој на својата страна.

И ете го пред нас врвот кој полека се полни со голем број на планинари кои доагаат да го поздрават. На врвот веќе некое време не чекаше Данчо кој поради оправдани причини не можеше да дојде со нас. Заедно со него беше и екипата на Soprtway со кои направивме одлични фотографии.

Патувањето назад беше по истата патека по која се искачивме, со таа промена што на враќање дел од нас го искачија Мал Кораб, а останатиот дел продолжија бавно надолу накај водопадот на Длабока Река.

На почетокот на качувањето на Мал Кораб се поминува низ сипар со камења кој лесно се совладува, повеќе е проблем при слегување. Останатиот дел од качувањето е малку карпа и повеќе трева. Од подножјето на врвот каде ги оставивме големите ранци ни требаа околу 20 минути за да стигнеме до врвот. Направивме неколку фотографии и веднаш назад да ги стигнеме останатите. По пат сретнавме и други планинари кои тој ден тргнаа да го качат и Мал Кораб.


Мал Кораб

Времето беше прилично топло. Имавме среќа што одвреме навреме знаеше срамежливо да задува малку ветре кое многу не освежуваше.

Планот беше во село Рибница да стигнеме до 19:00 часот каде не чекаше бестрашниот шофер. Набрзинка се спакувавме во комбето и мислиш си слегол од планина и сега ти останува да се опуштиш.

Ама не е така пред нас беше уште едно адреналинско возење во мрак, на безброј кривини и многу престигнати коли на тие кривини. Дома стигнавме безбедни и задоволни од уште едно гооолемо доживување.

 

Автор: Светлана Стојаноска

Фотографии: Тања Манчева


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje