Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Караџица планина - кружна тура - 13 ноември 2010

Некои работи во животот едноставно се случуваат - без многу да ги планираш. Тогаш и самите себе си се изненадуваме, особено кога работите ќе излезат на добро. Така беше и со оваа акција. Во понеделникот видов дека прогнозата за викендот е повеќе од одлична, и иако не планирав никаде да одам, сепак некако ми беше жал така да ми поминат два дена викенд - особено што испадна дека дома немам премногу обврски. Па добро, каде да се оди - ајде до Патишка Река - еднодневна. Ама кога веќе сме таму, зошто да не пробаме нешто ново - дамнешна желба ми е да се искачам на врвовите на Караџица планина. Ја испланирав рутата, гледав да биде стрмна и интересна. Марин не беше во можност да ме дружи, но затоа тука беше Васко, и тој со желба "да се издува" по напорната работна недела. Очигледно притисокот во нас бил повеќе од вообичаен, бидејќи турата ја "спукавме" речиси во еден здив, многу јако а без да се замориме, како што рече Васе - "машки" (се надевам дека женските нема ова да го сфатат како шовинистички испад, повеќе како форма на изразување - познавам планинарки кои ова исто така солидно би го направиле...)

Поаѓаме од Скопје во 4:15. Патот до Патишка Река е уште потесен поради ископаниот канал за водовод до селото. Во 5:25 сме во селото. Го паркираме возилото, ставаме ранци, челна лампа и поаѓаме. Селото уште спие - само неколку кучиња се огласија на нашето минување. Утрото свежо, влажно поради врнежите во последните денови - Патишка Река е во таков осој што на таа влага и треба повеќе дена сонце за да се исуши.


Селото Патишка Река

По 15-ина минути почнува да зазорува па лампата повеќе не ни е потребна. Одиме забрзано нагоре - знаеме дека имаме амбициозен план и сакаме да го реализираме во целост. Минуваме низ шумата и одиме кон месноста Врти Гол - патем уживајќи во стрмните карпи во правец на водопадот кој во зима замрзнува и служи како вежбалиште за искачување по мраз. Правиме со Васко комбинации и планови како да го посетиме овој терен во зимски услови, од каде да поминеме, каде има опасност од лавина... Така низ разговор излегуваме на платото - кај бачилото. Тука водата во коритата е подмрзната - сонцето само што се појави зад Остри Врв.

Поаѓаме во искачување на трите врвчиња на Остри Врв. Првото е најмало, но за да се качи треба сериозно да се запне. Од него веќе почнува уживањето во погледот надолу - прекрасни кулоари со разни степени на нагиб. Од вториот врв здогледуваме стадо од околу 15 дивокози во подножјето на третиот врв. И тие не забележаа па полека се тргнаа подалеку. Погледот наназад ги открива Шар Планина и Кораб, највисоките врвови забелени со снег.


Трите врвчиња на Остри Врв и Убава (лево)


карпите и кулоарите на Остри Врв


поглед наназад кон Кораб и Шар Планина

Продолжуваме во правец на Салаковските езера. Тука правиме пауза од десетина минути за краток оброк, уживајќи во глетката и правејќи планови да направиме тука логор во зимски услови - јануари или февруари. Потоа се спуштаме во правец на југ кон изворите на Кадина Река. Пределот е прекрасен, не е без причина наречен (на карта) Убава - убава долина со прекрасни каскадни карпи по целата должина.


Салаковски езера


долината што води кон изворите на Кадина река

Не одиме баш до изворите, иако минуваме над нив. Скршнуваме десно и се упатуваме по стрмниот жлеб меѓу карпите - од десната страна на Јурукова Карпа. Теренот е стрмен и каменит, со блокови од средна големина. Напредуваме нагоре, а погледот од десна страна - карпестиот ѕид е неверојатен, како да сме на некое место каде не постои ни простор ни време - некоја бесконечност и безвременост.


поглед кон Јурукова Карпа и изворите на Кадина Река


карпите пред кои немо стоев и гледав...

Продолжуваме нагоре - има вкупно околу 300 висински метра за искачување - и горниот дел е карпест, но таму барем се гледа излезот - небото. Излегуваме на платото наречено Шилегарник - огромно плато од каде на лево (кон југоисток) се наоѓа Солунска Глава, а ние сакаме да одиме на Попово Брдо - кон југо-запад. Го гледаме теренот и гледаме дека врвот што го избравме за најдалечна точка на денешната тура е прилично далеку. Со Васко правиме договор да се обидеме до 12 часот да стигнеме до Попово Брдо. Патот ни оди по изохипса, па убрзуваме до благо поттрчнување - немаме проблем и двајцата - желбата за успешна тура е ептен голема.

По пат наидуваме на една јама со средна големина - некаде блиску пред Попово Брдо. Запираме да ја разгледаме и да ја фотографираме. Потоа - натаму - до подножјето на убавото и стрмно Попово Брдо.


Шилегарник и Караџица планина


се приближуваме кон Попово Брдо (2379 m)


кон длабочините на јамата - долу има вечен снег и мраз

Попово Врдо си бара ангажман - Васко кога го виде се изненади - рече низ смеење - "па ова е пострмно од Солунска Глава". И така беше - особено што во последниот дел го избравме директниот пат преку карпите, каде што моравме да правиме "scrambling" т.е. да ги употребиме и рацете за качување. Прекрасен врв за тренинг - практично горе се две врвчиња со неколку метри висинска разлика - на второто сме во 11:15 - 45 минути пред рокот што си го зададовме. Сега веќе релаксирани - знаеме дека планот ќе биде реализиран. Седнуваме на одмор од 15 минути, вртиме телефони, фотографираме околу, особено кон Солунска Глава која е веднаш тука, речиси на дофат, потоа интересниот терен на Марина Дупка, со форма на кратер...


подножјето на Попово Брдо


Васко по карпите на Попово Брдо


последните метри пред врвот Попово Брдо (првото врвче)


првото и второт врвче на Попово Брдо


Солунска Глава и под неа Солунско поле - од Попово Брдо


Марина Дупка (2383 m)

Продолжуваме сега по Караџица планина - терен на кој досега не сме биле. Прво се спуштаме до едно седло, па се издигаме до висина од 2314 метри, потоа пак малку се спуштаме па почнува искачувањето до двата главни врва на Караџица - првиот 2415m, вториот и најголем - 2473m. (мојот GPS измери 2480m). за време на искачувањето уживаме во прекрасната глетка на сите страни - особено лево - западно - веднаш под нас - неверојатното Борополе - плато со висина од околу 1700m висина, околу 3 km долго и 1 km широко - како некој да го инсталирал тука - како аеродромот во Лукла - си помислив - чуден простор помеѓу небото и земјата. На десно, Шилегарник, огромен карстен предел со безброј дупки, вртачи... предел како на Месечината.


поглед од Караџица кон Солунска Глава и сртот на Попово Брдо


долу - Борополе - плато на кое може слободно да се направи мини град за планински и слични мирољубиви спортови


карстните форми на Караџица - назад Солунска Глава (2540m)


Васко на врвот - 2473 m


поглед од Караџица кон северо-запад - Миленков Камен, Мирска Вода...

На врвот сме околу 12:30 часот - имаме сосема доволно време да се вратиме долу со дневна светлина. Полека се спуштаме надолу по веќе испланираната патека. Наскоро наидуваме на најголемата јама што досега сме ја виделе - имаше една слична на Сува Планина - таа беше со пречник околу 8 метри, но оваа беше барем двојно поголема околу 16-17 метри и некако страшно и моќно делуваше - вертикални ѕидови, ладна, голема... Внимателно ја разгледуваме, ѕиркаме - во крајниот дел, покрај слојот на снег и мраз има процеп од околу 3 метри каде се гледа дека дупката продолжува надолу... Толку е голема што не може да ја фатам цела во кадар. Дури подоцна, кога се симнавме далеку подолу и се свртевме назад кон овој рид, се виде дупката како голема рана во телото на ридот. При спуштањето уплашивме еден голем сив зајак кој како куршум побегна од нас.

 
големата јама


Васко на крајот од јамата


поглед од подалеку назад кон патот каде минавме - се гледа отворот на јамата на средното брдо - долу - десно од врвот

Сега веќе се спуштивме на ниво од околу 2000 m и одиме преку широкото поле во правец на бачилата над Патишка Река. Кај последното бачило правиме уште 10 минути одмор, знаеме дека ова ни се последните зраци сонце пред да почнеме да се спуштаме надолу. По пријатната патека низ шумата се спуштаме до селото. Кај колата стигнуваме во 16:15 - заедно со последните сончеви зраци кои го осветлуваа Остри Врв над селото.


селските куќи и Остри Врв - крај на еден прекрасен ден

Што да се каже на крајот - се што вака ќе се реализира - баш како што си замислил, а сепак е ново и непознато - дава надеж и дополнителна сигурност за организирање на слични акции. А идеи и желби има многу - и стално се раѓаат нови... само да сме живи и здрави да ги реализираме... и што повеќе луѓе да бидат активни на планина, во природа...

Технички податоци :

Должина на патеката : 30 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2162 m



3D GPS-регистрирана патека


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KaradzicaMountain#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2010/11/15/karadzica-planina-kruzna-tura/

Автор: Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje