Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

„Клот и фркет“ на Јулијски Алпи (1 – 9 август 2013)

“Гдо има јајца?” – викна нервозно готвачката во планинарскиот дом, барајќи ги тие што порачале јајца, а заборавиле да ги земат. А, ние полузаспани на топлото сонце се погледнавме меѓусебе и прснавме во смеа правејќи алузии на кажаното. И навистина треба ... храброст за искачување на Јулиските Алпи во Словенија. Ова со јајцата се случи пред неколку години кога првпат се искачив на Триглав. И оттогаш наваму ПСД МАКПЕТРОЛ - Скопје организира планинарење на Јулијските Алпи. Годинава, од 1 до 9 август, одлучивме да искачуваме врвови, но преку ферати.

ФЕРАТА (via ferrata на италијански ) е многу стрмна планинарска патека обезбедена со метални сајли, клинови и скали кои се прикачени на карпата. Планинарите со комплети за самоосигурување (појас, сет за ферати и шлем) се прикачуваат на сајлата со што се намалува опасноста од паѓање. Или народски кажано, одењето по ферати е како плетење. Имаш два крака од опремата за самоосигурување кои завршуваат со карабинери кои рамномерно ги ставаш на металните сајли и клинови. Исто како големите игли за плетење; имаш 2 големи игли со куки на краевите со кои се зафаќа волницата и се плете. Клот и фркет. Прво се става едниот карабинер на сајлата, па другиот, па несигурно едниот се префла на другата секција на сајлата ( секогаш мора еден карабинер да биде прикачен на сајлата, пред да се откачи другиот), ... па со страв па се зема апаратот и ги сликаш другите додека висат над карпите,.... и така неколку часа. Таман да се исплете еден шал.


Опрема за самоосигурување: појас, комплет за самоосигурување, шлем

Во Македонија нема такви осигурени патеки, а во соседството има неколку кратки ферати во Бугарија. Но, затоа во Словенија и во Северна Италија, ферати има во изобилие. Фератите се со различни степени на тежина. Интернет страната www.klettersteig.de користи тежинска скала од 1 до 6, базирана на системот на Kurt Schall (обележување од А до Е - латинична азбука, каде што оценките 1 и А се со најмала, а 6 и Е се со најголема тежина). Ние во Словенија искачувавме 3 ферати:

•  „Ханзова пот“ на Мала Мојстровка, оценета со 4 – C/D ( C – Difficult - Steep to very steep rock, adequate climbing aids, long ladders possible (or even briefly overhanging). Good fitness and some arm strength required. D - Very difficult - Very steep to vertical, maybe short/well aided overhanging sections, mainly very exposed. Some climbing aids but often wire rope only. Strong arms and hands required. )

•  „Копишчарјева пот“ на Присојник, оценета со 4,5 – D ( D - Very difficult – види погоре).

•  Ферата кон врвот Триглав , оценета со 3 – B/C ( B - Moderately difficult - Some steep terrain, smaller footholds, but climbing aids provided. Longer ladders possible. Essentially protected but exposed scrambling. Some use of arms. C - Difficult – види погоре . )


„Ханзова пот“ на Мала Мојстровка


„Копишчарјева пот“ на Присојник


Преку Праг и по гребенот кон Триглав

На 1 август, навечер, екипа од 11 планинари од Македонија и од Србија, во организација на ПСД МАКПЕТРОЛ – Скопје, тргнавме кон Словенија. Пред тоа, во Македонија, дел од планинарите се подготвуваа на Матка (искачување на карпи, работа со јажиња и техничка опрема). Ангелина А., Климентина Т., Сандра К., Јасминка Н., Магда М., Кире Е., Кире М., Петар Б., Горан В., Љубиша Т. и Горан Н. Насмеана и расположена за авантури екипа.

На 2 август во Љубљана ги искористивме големите попусти во продавниците за планинарска опрема и купивме дополнителна опрема. Се сместивме во „Поштарски дом“ (1.688 м.), планинарски дом на планинарското друштво на Пошта и Телеком Љубљана, сместен во близина на преминот Вршиќ, на 12 км. од Крањска Гора и на 105 км од Љубљана.


МАЛА И ВЕЛИКА МОЈСТРОВКА

Утрото на 3-ти август, сабота, после добриот доручек во домот ја облековме опремата и тргнавме кон врвот. Фератата „Ханзова пот“ на Мала Мојстровка е „ Zelo zahtevna plezalna pot “ (многу напорна патека за искачување по карпи). Одлично обележаната патека почнува од преминот Вршиќ на 1.611 м. и продолжува се до дното на северна страна на Мала Мојстровка, на околу 1.800 м. Учесниците во групата внимателно ги следеа упатствата од водичите (јас и Љубиша) и брзо го фатија ритамот со прикачување на сетот за самоосигурување на металните сајли. Фератата во поголемиот дел е „висечка“ и „изложена“, над длабок амбис, и сајлите и клиновите овозможуваат природно искачување, или како што рече Климентина Т.: „И без гледање, само пружи ја раката, и, оп, ете го клинот што ти треба“. По фератата се искачуваа и други планинари и на некои места се создаде колона, но на крај, сите се искачивме на врвот. Направивме одлични фотографии, но ако знаевме дека ќе загубиме еден од фотоапаратите, немаше толку да позираме. Од платото под врвот, каде што кратко се одморивме, до врвот Мала Мојстровка (2.332 м.) води лошо обележана, стрмна и само со неколку метални клинови обезбедена патека. Од врвот ја видовме крајната цел за дента, врвот Велика Мојстровка (2.366 м.), и целта за утредента, врвот Присојник (2.547 м.). Се гледаа и Јаловец, Мангарт, и во далечина, моќниот Триглав. Од Мала Мојстровка слеговме околу 50-тина висински метри до седлото преку кое преминавме на патеката до врвот Велика Мојстровка (2.366 м.). При искачувањето слушавме весела словенечка музика. Веселиот армоникаш свиреше и пееше и при симнувањето преку непријатниот „сипар“ (ситен и крупен камен), се до седлото Вратца од која се гледаше преминот Вршиќ и нашиот Поштарски дом.

Од домот до врвот Мала Мојстровка (2.332 м.) стигнавме за околу 2:30 часа и искачивме висинска разлика од 720 м., а самата ферата траеше околу 1:30 часа. Целата акција со искачување на двата врва и симнувањето до домот траеше околу 7 часа.


Подготовки


Кон М. Мојстровка „Ханзова Пот“


На дното од фератата


По фератата


На работ


Кон врвот


Позирање


Осигуран фотограф


Под врвот Мала Мојстровка (2.332 м.)


На Велика Мојстровка (2.366 м.)


Надолу по сипарот


Веселиот армоникаш

 

ПРИСОЈНИК

Седејќи на клупите пред Поштарскиот дом очите постојано ни бегаа кон карпестиот Присојник, карпеста и сончева планина (присој – место изложено на сонце). Присојник (Присанк на словенечки) е една од најголемите планини на Јулијските Алпи со застрашувачка северна страна наспроти питомата и зелена долина на Крањска Гора. По северната страна на Присојник водат две означени и осигурени патеки (Копишчарјева и Ханзова пот) кои се вистински предизвик за искусните планинари.

Планинарите од групата постојано ме прашуваа: „Од каде ќе се качуваме? Каде е фератата? Лево? Десно?“. Јас и Љубиша, искачувајќи се по фератата на Мала Мојстровка, се уверивме дека планинарите во групата внимателно да ги следат нашите упатства, и (во себе) одлучив дека утре ќе тргнеме по уште поатрактивна, пострмна и подолга ферата наречена “Копишчарјева пот“, која води низ „Предње Окно“, и потоа, по гребенот ќе се искачиме на Присојник.

Повторно осамна убав, сончев ден. Ја облековме потребната опрема за ферати и тргнавме по патеката означена со патоказ „ Prisojnik - skrozi Okno “. После 20-тина минути благо симнување пред нас се издигна маркантната Северна страна. Ги ставивме шлемовите, уште еднаш ја проверивме опремата, се распределивме во колона и тргнавме во нова авантура. Уште на почетокот се виде дека фератата не е за секого. Ако некој од планинарите не беше доразбуден утрото, сега му се „ококорија“ очите. Почнавме да „висиме“ уште од првиот чекор и пречевме карпа на лево. После првите возбудливи метри, патеката продолжува стрмно нагоре. Пред нас веќе имаше поголема група словенечки и чешки планинари, а и зад нас доаѓаа други групи.

После 15-тина минути, зад дрвјата, се појави огромниот лик на „Ајдовска деклица“ (Паганска девојка), 15-тина метри висок природен лик во карпата кој личи на девојка со затворени очи. Гледајќи ја оддалеку, ликот е тешко распознатлив, но одблиску, хипнотизира. Легендата вели дека младата девојка прорекувала судбина, но откако некој ја проколнал, се повлекла во карпите и тука останала.

Брзо добивавме во височина, бидејќи цело време бевме зафатени со прикачување на металните сајли и со фотографирање. Оддалеку чувме весели врисоци на групата пред нас. И видовме каде се искачуваат. „Зарем во тој тесен канал треба да влеземе и ние?“, покажуваа кон тесниот процеп во карпата. И полека се приближивме до тој дел, 20-тина метарски вертикален засек, камин, обезбеден со метални скали и сајли. Засекот беше толку тесен што просто лазевме по карпата, едвај провирајќи се со нашите ранци и собрани планинарски стапчиња. Ја загрнувавме карпата како најродена!!!! Поминавме и покрај една странична дупка во карпата од која излегуваше ладен воздух, како да беше отворена врата на вистински фрижидер. Се одморивме на еден срт од каде што се гледаше „Предње окно“. Присојник, пишува во една брошура, личи на Киклоп, со огромно „Предње окно“. Всушност Присојник има две „очи“ (окна). Едното, „Предње окно“ е на северната страна, а другото, „Задње окно“, на источната страна на Присојник.

Големината на „Предње окно“ не изненади сите. 30-тина метри висок влезен отвор во карпата, низ кого поминува тесна, стрмна и ронлива патека. А, под патеката стрмен снежен јазик, кој изгледа дека никогаш не се топи. Полека поминувавме низ Окното , на 2.250 м., гледајќи наоколу како во црква. За да излеземе од Окното повторно се искачувавме вертикално нагоре по металните скали. И одеднаш излеговме на сонце, на планинарска раскрсница. Пред нас, длабоко долу, беше долината Трента; една патека продолжуваше лево по гребенот се до врвот, а друга патека, десно, водеше надолу кон нашиот планинарски дом.

Возбудувањата не престанаа. Од „Предње окно“ нагоре се искачувавме по гребенот, на одредени места толку тесен, што висевме над амбис. Гребенската патека е добро обележана, но опасна и во поголемиот дел необезбедена. На неколкупати четвороношки поминувавме преку одредени делници. Од „Предње окно“ до врвот се искачувавме околу 1:30 часа. А, на врвот, мноштво планинари од Словенија, Италија, Чешка, и Македонија и Србија. И многу кавки, црни птици со жолт клун кои ја фаќаа храната во лет. Триглав ни беше уште поблиску од вчера (гледан од Мојстровките). Се одморивме, јадевме, се сликавме и тргнавме надолу, повторно по гребенот до „Предње окно“ од каде што се приклучивме на патеката под врвот Совна Глава, по извиена, стрмно надолна и напорна за нашите колена, по која стигнавме до домот. На симнување го видовме и заштитеното алпско цвеќе Edelweiss (Планика).

Искачувањето на Присојник е вистински планинарски деликатес за сите кои се вешти во искачувањето, кои сакаат поглед во длабочина и кои немаат вртоглавица. Се искачувавме по адреналинска ферата кои планинарите ја оценуваат како најнапорна осигурана патека во Словенија; поминавме покрај и низ две огромни природни чуда (ликот на Паганската девојка и огромното Предње окно), одевме по гребен, видовме Планика ( Edelweiss ) . До врвот ни требаа околу 4 часа, а надолу околу 3 часа. Патеката до врвот е релативно кратка (7 км.), со висинска разлика од скоро 1000 м.

А, домаќините во Поштарскиот дом, сите пензионери, беа многу љубезни. Како да им бевме дома. „Дали добро спиевте? Кога би сакале да биде вечерата? Дали јадењето е добро?“, постојано не прашуваа. А, домот, реновиран и комотен, со одлична местоположба и уште поубав поглед на околината.

„Се искачивте на Присојник низ окното и по гребенот? Браво. На Триглав ќе ви биде полесно“, велеа искусните словенци. Ден после искачувањето на Присојник се одмаравме покрај езерото Јасна (над Крањска Гора). Деца играа покрај езерото и одеднаш гледам во пресрет ми доаѓа насмеаниот Андреј Јеж (тоа е мој колега од првата обука за планинарски водичи во Словенија). Андреј, млад човек (има околу 20 години) е одличен искачувач на карпи (почнал со искачувањето од својата 4-та година). „Супер, еве му партнер на Петар Б. за искачување на Северната Триглавска страна “, си помислив, и веднаш го викнав Петар да се запознаат и да се договорат за заедничко искачување.


Сончевиот Присојник


Стрмно од почеток


Ајдовска деклица од далеку


Ајдовска деклица од блиску


Нагоре


Камен свет


Природен фрижидер


Каминот од далеку


Каминот со зум


Низ каминот


Расчекор


„Предње Окно“


Низ окното


На излез од окното


По гребенот


Кон врвот


На Присојник (2.547 м.)


Edelweiss - Планика


3 ноќи во Поштарскиот дом


Благодарност


Езеро Јасна

 

ТРИГЛАВ

„О, Триглаве, доме мој, колку си убав ти,

Ме извлекуваш од ниските рамнини,

Во летни врелини на стрмните врвови,

Да одморам срце во самотија јас,

Каде извира ладниот поток.

„О, Триглаве, доме мој, колку си убав ти!“

(Слободен превод на дел од поемата "Oj, Triglav, moj dom" напишана во 1894 година од Matija Zemljic од Словенија и вкомпонирана од Jakob Aljaz, свештеник и композитор).

И нас Триглав не спаси од големите врелини во Словенија. Додека горе, во планините беше пријатно, долу во градовите, кажуваа пријателите словенци, било многу топло. Ние не отидовме многу далеку, од Поштарскиот дом. На само 20-тина км. од Вршиќ е гратчето Мојстрана преку кое се влегува во долината Врата, една од најубавите долини на Јулијските Алпи. Зелена долина опкружена со високи каменити врвови, од едната страна највисокиот Триглав (2.864 м.), а од другата страна врвот Шкрлатица (2.740 м.), втор врв по височина во Словенија (skrlat на словенечки значи скарлетен, светло црвен). Триглав е „Кралот“, а Шкрлатица е „Кралицата“ велат словенците.Се одмаравме на терасата на Аљажевиот дом, а очите ни беа вперени на огромната Северна Триглавска страна. „Таму треба да се качиме?“, прашуваат со неверување дел од планинарите. „Немајте гајле“, им велиме со Љубиша. „Има патека, има сајли, клинови. Многу е интересно, верувајте“. Повеќето молчат.

Утрото, на 6 август, вторник, во 4:30 часот тргнавме кон Триглав со запалени челни лампи. Се искачувавме по обележаната патека преку Праг која на неколку места е обезбедена со клинови и со метални сајли, кои многу ни помагаат побрзо и посигурно да ги поминеме стрмните делови. Се раздени, но патеката долго време остана под сенка што нам ни го олеснуваше искачувањето. Патеката стрмно се извива нагоре по единствениот зелен појас во Северната триглавска страна. Ние цело време добивавме во височина, а домот од кој што утрото тргнавме беше се поситен. Стигнавме до еден од најинтересните делови на патеката, 15-тина метри висока, мазна и скоро вертикална карпа по која се искачувавме по метални сајли и скали. На Северната триглавска страна има еден широк хоризонтален засек кој изгледа како праг кој треба да се премине за да се искачи врвот. Набрзо, на делот Праг се појавија и диви кози кои мирно пасеа и ги лижеа камењата во потрага по минерали. Во близина на изворот се појави и „Манекенката“, дива коза која мирно позираше качена на висок камен. Излеговме на платото со снег, поранешен глечер, од кого веќе се гледаше сртот на Мал и Голем Триглав по кого одеа планинари. Ние тргнавме десно кон планинарскиот дом Кредарица, а патеката лево водеше кон друг планинарски дом, „Станичев дом“. Во планинарскиот дом Кредарица стигнавме околу 10 часот по јасен и сончев ден. Домот има 300 кревети, огромна трпезарија, вода за миење и тоалети. И капела и метеоролошка станица. И ветерници и хелиодром. Ги оставивме ранците во трпезаријата и само со неопходната опрема за самоосигурување, со вода и со фотоапарати тргнавме нагоре. Од Кредарица до врвот води напорен успон, осигуран со клинови и сајли скоро по целата должина до врвот. Бидејќи бевме изморени од скоро 6-часовното искачување до домот Кредарица, ја користевме опремата за самоосиругување бидејќи Триглав ни беше последниот врв во акцијата и не сакавме да ризикуваме. И почнавме со „везењето“. Користењето на опремата за самоосигурување можеби е досадно, поради постојаното вадење и ставање на карабинерите на металните сајли, но барем сме безбедни и фотографираме и ја разгледуваме околината без никаква опасност. Почнаа да се појавуваат и првите плочки со имиња на погинати при искачувањето и симнувањето, најчесто од Стрела (гром на словенечки). За 1:30 часа стигнавме до врвот. На врвот Триглав (2.864 м.) не пречека малото засолниште „Аљажев столп“ кое во 1895 година го изградил Јакоб Аљаж, кој за 5 златни динари ги купил домот Кредарица и врвот Триглав од австро-унгарците со цел да го зачува словенечкиот идентитет во големата Империја. Засолништето денес служи за заштита од невреме и громови.

Како може да се обележи искачувањето на Триглав? Мобилните телефони функционираат и тие на врвот може да се јавуваат и да се фалат; може да стават печат во планинарската книшка, но само ако зеле „јастуче“ со мастило. Сепак најинтересно е тнр. „крштевање“ на тие што првпат се искачиле на Триглав, со удари со јаже по задникот додека со главата се во засолништето. И некој ги слика. И сите им се смеат. Еден словенец со претприемачки дух на врвот продаваше лименки пиво и Кока кола, изладени во снег. Мала лименка - 5 Евра. Ние на врвот, со мало шише шампањско, чоколада и со мала торта и свеќа го прославивме роденденот на Магде М. Роденденска прослава на највисокиот врв на Јулијски Алпи. На врвот останавме скоро еден час, уживајќи во погледот и очекувајќи ги Андреј и Петар кои се искачуваа преку Северната триглавска страна. Надолу, исто така внимателно како и нагоре, ја употребувавме опремата за самоосигурување. Во домот Кредарица се ослободивме од опремата и седнавме на ладно пиво. Заслужено!! Дента искачивме висинска разлика од 1.850 метри по “zelo zahtevna oznacena pot” преку Праг. Во планинарскиот дом Кредарица се сместивме во 12 креветна соба и попладнето уживавме во залезот на сонцето, завиткани со јакни. После успешно, скоро 10-часовно искачување по Северната триглавска страна, прво на Триглав, а потоа во домот Кредарица дојдоа Андреј и Петар Б.

Утредента се спуштивме во долината Крма по патека која во зима планинарите ја користат за искачување со турно скии.

 


Аљажев дом и Северната триглавска страна


Рано наутро кон Триглав


Аљажев дом во далечина


Вертикално нагоре


Праг


Манекенка


Планинарски дом Кредарица (2.515 м.)


Подготвени за врвот


По сртот


Среќен роденден


Голем Триглав (2.864 м.)


Под Мал Триглав


Последни чекори надолу


Залез

Во Словенија се видов со неколкумина мои колеги, планинарски водичи на Planinarska Zveza Slovenije (PZS) : Марко Винко, Марјан Марзидошек, Андреј Јеж, Власта Завадлав и Стане Соклиќ, блиски пријатели кои секогаш ни помагаат подобро да ја запознаеме убавата Словенија. Како што јас им помагам кога доаѓаат во Македонија.

Во Љубљана, во просториите на PZS ја зедов значката за планинарски водич на PZS / AAS (Alpine Association of Slovenia) , два амблеми за да ги сошијам на облеката и една маица со знак „Planinski Vodnik PZS “.

„Сега ко ќе се наредиш со значката и амблемите ...“, почна Љубиша „... ќе личам на новогодишна елка“ продолжив јас.

Секогаш кога се враќаме дома од Алпите, ги посетуваме Терме Чатеж, еден од најинтересните аква паркови во Словенија. Надворешната температура дента беше 35 степени и термалната вода, исто така, 35 степени. За среќа во олимписки базен водата беше со температура од 26 степени па се разладувавме во него.

Успешно ја завршивме планираната акција ЈУЛИЈСКИ АЛПИ 2013, најмногу поради ентузијазмот на учесниците во екипата и поради континуирано доброто време во текот на сите 8 дена.


Амблем и значка


Напишал: Горан Николоски
Слики: Ангелина Атанасова, Климентина Тунтева, Јасминка Николов, Магда Манојловска, Кире Миловски, Горан Вуќиќ, Љубиша Тасевски и Горан Николоски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje