Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Велигденско откривање на Источна Македонија - мај 2013

Во текот на велигденските празници, од 3 до 5 мај, ги откривавме убавините на Малешевските и на Осоговските планини, во Источна Македонија.

На 3 мај, петок, од Скопје тргнаме кон Равна Река, скриена долина во Малешевските планини, оддалечена околу 190 км од Скопје. До неа води 15-тина километри долг асфалтен пат од центарот на Пехчево, кој завршува на широк, ограден и тревнат паркинг. Оттука почнува обележана патека која води кон водопадите и кон врвовите на планината. Не водеа пријатели, планинари од Виница и Пехчево, со кои требаше да се искачиме до Ченгино Кале (1745 м.). Патем планиравме да ги видиме водопадите на реките Брегалница и Требомирска река, скриени длабоко во пазувите на планината. Но, променливото пролетно време ни допушти да се искачиме само до водопадот „Скокото“ до кого води обележана и оградена патека која со дрвени мостови преминува де на едната, де на другата страна на реката Брегалница. Среќа по патеката има покриени одморишта каде што се засолнивме од дождот и градот. Но, во текот на симнувањето повторно силно заврна дожд и подоцна облеката ја сушевме во дворот на нашиот пријател Киро К., планинар од Пехчево.

 


Водопадот „Скокото“


По дождот

Бевме сместени на Пониква, туристички центар и викенд населба, над Кочани, на 1.560 м., на Осоговските планини, од каде што се гледаше целата котлина и планините кои ја опкружуваа. Горе, на Пониква, како да бевме во висечка оаза, зелена, цветна и шарена, издигната над сувата и бездрвна котлина.

На 4 мај, сабота, петнаесет планинари од планинарските друштва „Пљачковица“ од Виница и „Макпетрол“ од Скопје, тргнавме кон врвот Царев Врв (Султан Тепе), висок 2.085 м., највисокиот врв на Осоговските планини. Тргнавме рано наутро, со првото сонце, кога од почвата излегуваше пареа од ноќешниот дожд. Шумата штотуку зазеленуваше, почвата беше прекриена со цвеќиња во сите бои, а на далечниот Султан Тепе сеуште имаше снег. Масивот е огромен, простран, со долги планински била и врвови и всечени длабоки долини и испресечен со патишта, веројатно за полесно собирање на дрва, кои не водеа горе-долу по планината. Патекатаод Пониква до врвот е обележана со бело-црвени линии и скоро по целата должина води по широк земјен пат, освен на неколку места каде што пречевме за да стигнеме побрзо. На повисоките места веќе немаше шума, туку само трева. Падината пред врвот беше послана со виолетови цветови, и снег, овде-онде. А, на врвот има две градби, всушност само ѕидови од две градби без покрив.

Темните облаци кои се собираа над планината, донесоа грмотевици во далечина и слаб дожд. Пониква, од каде што тргнавме, беше обвиена во бели градоносни облаци. Шумата ечеше под налетот на ветрот и градот, а патеката и околните падини беа прекриени со бели зрна град и зелени листови испокинати од градот. Групата која беше на Царевиот врв, за среќа го избегна невремето на Пониква.

Патеката, од мотелот „Мице“, на Пониква, од каде што сите тргнавме, до Царев врв е долга 18 километри и со висинска разлика од околу 600 метри. Постепеното искачување до врвот трае околу 5 часа, со лагодни одмори. Патем, на две места,најдовме извори на вода; некаде на половина пат и над бачилото за овци.


Мотел „Мице“ на Пониква


Султан Тепе во далечина


кон врвот


Царев врв (Султан Тепе) – 2.085 м.


зрна град


Патеката од Пониква до Царев врв

Младата, 6-годишна Вања, за учеството во неколку планинарски акции (Матка - Водно, Беловишки водопад и на Осоговските планини) стана една од најмладите членки на ПСД МАКПЕТРОЛ, од Скопје.

На Пониква има мотел и викендички, ресторан и манастир, како и скијачки терени со скилифтови. За идната зима се подготвува инфраструктура за вештачки снег по неколкуте скијачки патеки (се поставуваат подземни цевки за вода, а изграден е и резервоар за вода). Од Пониква се гледа еден од најубавите залези на сонцето. Високо над долината, со непречен поглед во далечина, руменото сонце заоѓа во сета своја убавина.


Вања со планинарската книшка на ПСД МАКПЕТРОЛ

На 5 мај, недела, прошетавме до браната на Беровското езеро кое гледано одозгора воопшто не се гледаше од бујното зеленило. Сите нијанси на зелено го опкружуваа езерото. Низ околната шума водат обележани патеки, кои ќе ги истражуваме во друга прилика.


Брана на Беровското езеро

 

Напишал: Горан Николоски
Сликал: Ѓорѓи Атанасов, Киро Костовски, Даниела Марковска, Ангелина Атанасова, Горан Николоски

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje