Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

На Хималаи - мај 2013

Во периодот од 12 до 29 мај 2013 , јас, Борче Ѓелевски заедно со Ѓорги Ќосев (од Македонија) и Слободан Стокиќ (од Србија) престојувавме во Непал, во организација на „Позитив Клуб“ од Белград и Слободан Стокиќ како наш водич.

До Непал стигнавме со авион од Белград до Дубаи (четри ипол часа лет) и од таму до Катманду (четири часа). Уште по патот од аеродромот до хотелот доживеавме културен шок. Катманду е град од 4 милиони жители од (70% се индијци, 25% будисти и 5% христијани и муслимани), кои живеат во сиромаштија без вода за пиење, повремено имаат струја и со многу малку асфалтирани улици. Гужва и прашина на сите страни. Единствено во центарот на градот кај кралската палата има подобро организиран живот. Има многу продавници за планинарска опрема за багателни цени (дури не можеме да замислиме колку е евтино). Дури можете да појдете на трекинг и без опрема и во Катманду да се снабдите комплетно за евтини цени. Бидејќи стасавме рано целиот ден со водичи од Катманду го прошетавме градот. Бевме во најголемиот хинду храм Паѓупатинат кој е место за молење на индијците, но и место за спалување на мртвите. Присуствуваме на еден погреб на спалување и беше интересно да се види тој чин. Општиот впечаток на голема нечистотија околу храмот не може да ве напушти. Потоа отидовме да да го посетиме храмот на будистите Буданат. Одма се чуствува беспрекорната чистота на будистите. Од таму го посетивме и стариот кралски дворец, храмот на живата божица Кумари и самиот центар со плоштадот Дурбар низ кои улици престојувале и Битлсите и други рок групи , кои им биле инспирација за своите албуми. Инаку насекаде низ Катманду се слуша исклучиво рок музика.

Наредниот ден изутрина почнавме со нашата авантура: прво со авион до најопасниот аеродром на светот –Лукла (аеродром долг 200 метри и сместен на карпа). Моравме да чекаме четири часа да се смири времето и да полетаме. По 30 минути лет слетавме на Лукла и од таму започна 12 дневниот трекинг по Хималаите од Лукла преку Намче Базар па се до Горак Шеп и врвот Кала Патар на 5,545 метри, како крајна дестинација; во должина од над сто километри во еден правец и висински, од 2,750 м. надморска височина на Лукла до 5,545 м. надморска височина на Кала патар.

Од Лукла се движевме по кањонот на реката Дудх Коси со прекресни шумовити планини во околината. Цело време не водеше водич од Катманду со имеЛаган (ние го викавме Џони Логан) и двајца шерпаси , кој ни ги носеа ранците по патот. Додека се движевме по патот цело време наидувавме на шерпаси кој носеа товар на грбот и од по 70-80 килограми, колонијална стока, градежни материјали и се останато потребно до наредните села. Многу помалку имаше јакови, хималајски бикови. Се качувавме и се спуштавме по клисурата на реката уживајќи во прекрасните предели. На 3000, 4000 и 5000 метри останувавме по два дена со цел да одмориме и да направиме аклиматизација. Јас аклиматизацијата ја користев да искачам некое врвче од 4800 до 5100 мерти. Инаку од Лукла тргнуваат повеќе различни трекинг патеки по Хималаите.

Нашата трекинг патека оди низ националниот парк Сагармата (непалците врвот Еверест го викаат Сагармата) за што треба да имате обезбедено легитимација со влезница (нам се ни беше организирано во аранжманот). Додека се движиме по пат има многу лоџеви (некој вид на хостели, пристојно чисти со заедничко веце кое секогаш е проблем заради немање на водовод), каде може да се седне на тарасата со преубав поглед , да се одмори и да се напиете по некое чајче или топла супа (сето тоа беше вкалкулирано во аранжманот по систем All inclusive! ). На висина од 3420 м. надморска висина се наѓа селото Намче Базар (на средина на целата дестинација) кое преставува голем трговски центар во оваа област и преставува најбогато место во округот. Од таму на 4000 метри полека престанува шумската вегетација и почнува карстниот дел, каде почнавме да уживаме во голите високи планини и села едно по друго чии имиња завршуваат со БОЧЕ, па јас бидејќи никако да ги запамтам , само прашував: „Во кое БОЧЕ се наоѓаме?“ На 4000 метри видовме многу ниви на кој се одгледуваше компир. Како што се качувавме , така и се потешко дишевме... често и заврзувањето на кондурите беше проблем.

Конечно над 4500 метри се појавија гигантите на Хималаите (Еверет, Љутсе, Ама Даблам и.т.н. , сите над 7500 метри високи и огромниот глечер Кумбу). Бевме стаписани од погледот и убавината и не обраќавме внимание на висината. Само се шалевме и не знаевме што попрво да видиме. Така стигнавме и до Горак Шеп на 5150мери надморска висина каде останавме скоро 3 дена. Одма се качив на Кала Патар , бидејќи времето беше прекрасно да го сликаме Монт Еверест со околниот глечер и планини. Утредента бевме до првиот базен логор за искачување на Еверест, кој веќе наголемо почна да се пакува заради завршувањето на сезоната, а планинарите пробуваа да го качат по секоја цена бидејќи имаа уште малку време. Утредента рано наутро се качивме на Кала патар да сликаме и да го прославиме мојот роденден на 5,545 метри. Во исто време тоа утро и нашата Илина го освои врвот Еверест. Потоа почна нашето враќање назад кон Лукла. Со полни батерии, презадоволни, полни импресии лесно се враќавме, поготово што бевме аклиматизирани и спуштањето добо ни годеше.

Се вртивме во Катманду каде имавме уште два резервни дена и доволно време да купиме сувенири и нешто малку опрема. Ја посетивме втората кралска палата блиску до Катманду , Патон палатата, прекрасно здание од резбано дрво и Палатата на мајмуните, сместена на едно брдо во Катманду со прекрасни продавници за сувенири и поглед на целиот град.

За цело време другарот Ѓорги спиеше како резулат на симнувањето од 5,300 метри. И тоа има влијание на организмот како и качувањето.

Се вративме презадоволни од патувањето, организацијата и преубавото весело дружење и се што беше преживеано во иминатите денови, со размислување за следна дестинација.

Катманду, Непал


Нормален булевар. Некој си го врзал телето додека оди во шопинг...!!!!


Работник на телекомот со слушалка го открива кварот на телефонска линија... Милијарди жици се тегнат и висат по улици низ цел град!!!

 

Храмот Пашупатинат


Најголемиот хинду храм. Место за спалување на мртвите и пепелта се истура во поточето под нив кое се влева во светата река Ганг.


Синовите го носат телото на својата мајка до местото за палење...

Плоштадот Дурбар


Третата кралска палата во дуборез од дрво.


Внатрешниот дел на кралката палата.

Областа Буданат


Најголемиот будистички храм во Катманду во кого е сместена најголемата уметничка школа.


Областа до будистичкиот храм каде што се гледа колку е чисто и средено.


Ова е како ке изгледа идниот Буда, по нивното верување.

Хималаи


Аеродромот Лукла на 2800 метри надморска висина.


Од Лукла во националниот парк и почетокот на трекингот.


Предел по кањонот на реката.


Носач и Лоџ-хотел во позадината


Намче Базар со околните планини.


Ако нешто беше убедливо најубаво на Хималаите, тоа беа овие мали прекрасни дечиња.


Место на спомениците на погинатите алпинисти и шерпаси на Хималаите (инаку нив ги имаше и по целиот пат).


Намче Базар погледнат одозгора за време на аклиматизацијата на 3800 метри.


Преубава долина со полиња со компир и во центарот позади е Ајланд Пик (6200м). Колку ниско делува во однос на лево од него – Лјутсе, втор врв со 8400 метри. Десно е Ама Даблам (за мене и останатите од екипата, најубав врв) со 7200метри.

 
Панорама на Еверест и глечерот....


Панорама од Денбоче од најстариот будистички манастир (кој ги има по целиот пат бидејќи на Хималаите живеат будисти)


Глечерот Кумбу, под Еверест.


Еверест со околните планини...


Првиот базен логор на 5250 м. за искачување на врвот Еверест.


Од лево покрај глечерот се искачува до другите базни кампови на 6300м.,па на 7200м. и по десната страна на Еверест по Хилариното седло се искачуваат до врвот и назад по истиот пат...


Еверест на дланка...


Со ПСД Макпетрол на Еверест (на Кала Патар на 5,545 м.)


Славење роденден на Хималаите на 5,545м. е прав благодет......

 

Палатата Патан


Близу до Катманду се наоѓа втората кралска палата- прекрасната Патон палата...

 

Палатата на мајмуните


На врв на брдо во Катманду е сместена Палатата на мајмуните.


Прекрасни продавници за сувенири...


Преубав поглед на целиот град од Палатата...

 

Напишал: Борче Ѓелевски
Сликал: Борче Ѓелевски

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje