Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Родители и деца : Археолошка прошетка - 11 август 2013

[ Големо Градиште и Цоцев Камен во близина на с. Коњух - покрај Крива Река ]

Обземени од секојдневните обврски на работа едвај чекаме да дојде викенд да се релаксираме и да ја "здувнеме" некаде - ние планинарите на планина, рибарите по риба, секој по своето хоби... а децата често пати ги забораваме и ги запоставуваме. Затоа и ја инициравме оваа серија на акции насловена "Родители и деца" каде ќе организираме интересни акции но полесни по тежина, за да можат да доаѓаат родители со своите деца и да се дружат, да запознаат нови предели и да се запознаат меѓусебно во една поинаква и несекојдневна средина - team building каде тимот сега ни е фамилијата.

Идејата за акцијата произлезе од една телевизиска документарна емисија која делумно ја фативме и која видов дека ги заинтересира децата - делумно карпестите предели и пештерички, делумно историската позадина... по емисијата им реков дека ако сакаат следниот викенд ќе појдеме да го посетиме тоа место. Се согласија и тоа многу ме израдува. Малку изстражување по мапите каде се наоѓаат местата, како да се стигне, што се случувало таму во минатото.

Со нас требаше да дојдат и некои пријатели ама од оправдани причини тие не дојдоа, така да нашата фамилија појде сама на пат во недела рано наутро - околу 6 часот го напуштаме Скопје. И самото рано станување за децата беше голема работа, очигледно дека мотивот да се открие нешто ново бил голем.

Одиме по автопатот кон Куманово, па потоа скршнуваме во правец кон Крива Паланка и Кратово. Имаше неколку варијанти како да се стигне до локалитетот. Морав да сметам на тоа дека деновите се многу топли и секое подолго пешачење со помали деца ќе биде многу напорно и исцрпувачко за нив. Единствен асфалтен пат (за кој и не бев сигурен дека цело време го има и во каква состојба е) е од страната на Кратово, значи дека треба да свртам скоро цел круг за да се приближам. Некако не ми се вртеше толку. Знаев дека има пат од кај Бељаковце - сум го одел порано и со кола и пеш - до некаде е асфалт а потоа е земјен пат. Ми беше сомнително да одам отаму поради пепелестиот карактер на подлогата - или ќе се крева прашина, а бидејќи синојка имаше на места невреме, можеше да наидеме и на бари со кал. Се решив за една варијанта од пред село Ругинце. Патот - земјен - се спушта постепено по еден заоблен рид директно во правец на првиот локалитет - Големо Градиште - и тоа на најмало растојание - на околу 4 km. Така да и ако има проблем со возењето останува варијантата за пешки. Испадна патот супер за спуштање. За враќање можеби ќе имаше проблем на еден пострмен дел од патот со подлога од покрупни камења - каде можеше да дојде до пролизгување и заглавување. Затоа решив за враќање да одам по друг пат.


се приближуваме кон првиот локалитет - долината на Крива Река

Ја оставивме колата каде овој пат се спои со патот кој оди за Бељаковце. Продолживме пешки, за да го испитаме теренот. Тука во близината треба да е мостот Ракле на Крива Река. Сретнавме еден човек кого го прашав за патот кон Бељаковце. Ми кажа дека тој претходната вечер со камион тешко се вратил до дома поради дождот и калта на патот. Ми препорача да го преминам мостот и оттаму дека има асфалт до Кратово. Нормално, го послушавме.

Веднаш по мостот од левата страна на новиот асфалтен пат (последните 2 km асфалирани биле пред дваесет дена) почнува локалитетот Големо Градиште. Место убаво по изглед - меки вулкански карпи кои нашите предци ги обликувале и направиле собички, разни други помошни простории, скалички до нив - навистина цел град. Место пребогато со историја кое допрва се истражува. На Internet има веќе доволно информации за оние кои ги интересира - да спомам дека една жена археолог од Америка веќе со години доаѓа и го истажува теренот заедно со нашите археолози. Има пронајдено остатоци од 4 век п.н.е кога тука живееле Пајонците, некаде во периодот на Александар Македонски. Потоа, некаде 315 година, биле нападнати од Илирите и дел од населението се сели да живее во новоформираниот град Тесалоника - нешто појужно покрај едно море - град основан од македонскиот крал Касандер а именуван според жена му - Тесалоника - ќерка на Филип II - т.е. сестра на Александар.


една од поголемите "пештери" - простории издлабени во вулканската карпа


поглед од внатрешноста на "пештерата"


внатре се направени клупи за седење, скали, огниште...


поглед од ридот кон реката и мостот Ракле на Крива Река


се оди по стрмен терен но има направени скалички уште од дамнешно време за полесно движење


уште една просторија - соба - на врвот на ридот


мора малку и да си играме

Потоа има остатоци од првите векови од новата ера - античкиот и ранохристијанскиот период - 4 и 5 век. Тој дел се наоѓа под бдото - во правец на реката која тука прави една кривина - Крива Река затоа и се вика така цело време прави кривини. Ископувањата се во тек. Ние се симнавме од брдото директ надолу по стрмната тревна падина за да не губиме време. На децата тоа им се виде интересно - како на скијање. Стигнуваме до долу, малку изгребани, но и тоа на децата им беше возбудливо - малку да има авантура. Ископините се заштитени со бодликава жица но има вратичка на едната страна за да може да се влезе. Влегуваме внатре и внимателно разгледуваме - ги учиме децата дека треба да се зачува сето тоа како што е - да не се оштетува.


спуштање кон долниот дел од Големо Градиште - ископините


прошетка низ ископините


дел од остатоците со орнаменти

По прошетката по овој локалитет наоѓаме една патека која покрај реката не води до мостот - каде правиме одмор за да појадуваме и да си ги разладиме нозете во водите на Крива Река.


малку шлапкање во Крива Река

Со кола поаѓаме во правец на с. Коњух - но по неполн километар застануваме и правиме кратка посета на остатоците на една ранохристијанска кружна црква - ротонда - ретка појава а за оваа велат дека е една од поголемите. Но изненадувачка е негрижата за културното наследство. Ај што нема никаква табла или ознака, туку се е обраснато во треви, расфрлано... И Големо Градиште - за да се качиме до горниот дел децата се движеа низ суви треви високи скоро колку нив.


остатоците од кужната црква - назад е ридот на Големо Градиоште

Потоа се упатуваме кон локалитетот Цоцев Камен. Новиот асфалт стигнува до една крстосница - десно е селото Коњух, а лево е патот кон Шопско Рударе и потоа кон Кратово. Одиме лево - се гледа карпата на Цоцев Камен од далеку.. Барам некое место кое ми изгледа најблиску за пристап, ја паркирам колата покрај патот и поаѓаме. Меѓу нас и Цоцев Камен ожнеана нива - навидум лесно ќе се мине. Арно ама - се соочуваме со толку многу чички кои се лепат по патики, чорапи, панталони. Времето е веќе топло, ама ние сме упорни. Се спуштаме до сувото корито на една река и потоа почнуваме со искачување кон карпата.

Цоцев Камен се вика така дека припаѓа на маалото Цоцевци од селото од расфрлан тип Шопско Рударе. Инаку тука на таа карпа и во околината има траги на цивилизација од неолитот - некои десетина па и повеќе илјади години наназад. Исто така од мека вулканска карпа, со повеќе пештери. И таму има издлабени скалички за пристап, простории, некакви столчиња - некои сметаат дека се користела и како некој вид опсерваторија за мерење на периодите на сонцето и месечината, но тоа не е со сигурност докажано. И пак, кога конечно се искачивме по стрмната угорнина до местото од каде има влез во локалитетот - помеѓу карпите - што да видиме - местото густо обраснато со капини - за оние кои не знаат - растенија со црни плодови и гранчиња со боцки. Малку фалеше да се вратиме за да не се избоцкаме. Сепак љубопитноста беше поголема и успеавме некако да се спровнеме меѓу боцките и низ тесниот процеп меѓу карпите, па стигнавме до поинтересниот дел, карпа која имаше мали скалички но стрмни и по која се качивме горе и ја истраживме карпата. Бидејќи бевме со мали деца, се враќав на неколку пати кај покритичните делови за да сите поминат безбедно - но се се заврши без никаков проблем. Убаво беше да се види и ова место - да се почувствува тој дух на некои дамнешни времиња.


подножјето на Цоцев Камен


тесниот влез во локалитетот


"убавиот" дел за качување


кон излезот - горниот дел од карпата

Повторно долго враќање до колата со многу чички повторно собрани - кај колата буквално половина час се чистевме. Ама на децата им беше eптен убаво - уживаа што шетаат и откриваат нови работи, си ги тестираат своите способности и граници.

Потоа во кола и по асфалтниот пат кон Кратово.


патеката измината од с. Ругинце до локалитетите и потоа до пред Кратово

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KidsExplorers

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Софија Костова-Панковска и, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje