Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Крушево, Охрид, Галичица, Вевчани - август 2009

Планинарските друштва „Макпетрол“ од Скопје и „Балкан“ од Белград, Србија, организираа интересно планинарско-разгледувачко-пливачко патешествие низ југозападна Македонија; Прилеп, Крушево, Охрид, Галичица, Калиште, Вевчани.

Со два минибуса, околу 30-тина луѓе од Македонија и од Србија утрото на 28 август, петок, тргнаа по убаво време кон Крушево. Србите беа зачудени кога од далечина го видоа високо издигнатото Крушево, како гнездо на дрво, на надморска височина од 1250 метри (највисокиот град на Балканот).

Додека се возевме по кривините кон Крушево, музиката во минибусот (Тоше Проески) ги растажи луѓето, кои беа уште повознемирени при посетата на гробот на Тоше. А, Крушево изгледаше убаво, каскадно поставените куќи беа осветлени од сонцето, а градот беше раздвижен од многубројните туристи.


Крушево

На пат кон Охрид се засладувавме со крушевските локуми и целувки.

Во Охрид се сместивме во приградската населба Рача, во комплекс соби, покрај градина со јаболка, домати и пиперки.

Рано утрото, во сабота, 29 август, тргнавме кон Галичица. Населените места покрај езерото полека се будеа, а езерото беше тивко и мирно. Минибусот не остави на 1500 м нв и ние, 15-дина планинари, полека, тргнавме кон врвот. Сонцето се појави од зад планината, а двете езера, Охридското и Преспанското, наизменично се појавуваа пред нашите очи.

 


Галичица

После два и пол часа искачување, веќе бевме на врвот Магаро, 2245 м. Дури и запеавме на врвот. Од Магаро се гледаа двете езера и градот Поградец во Албанија. Еден планинар од Скопје, кого на кратко го видовме на врвот, ни предложи да слеземе во селото Љубаниште по друга патека од таа по која се искачивме.


На врвот Магаро 2245 м.

Како луѓе желни за авантури веднаш „се фативме за јадицата“. Но, предизвикот не однесе по непознати патеки и терен. Можеби влеговме и во Албанија, а можеби и не, но ни требаа 4-5 часа пешачење за да слеземе до асфалтен пат. Она што беше интересно е што со нас беше и Цока, новинарка и нова планинарка од Белград, која има оштетен вид, но авантуристички дух.


Кон непознатото

Вечерта, и покрај целодневното пешачење, сеуште бевме желни за дружење. Миро и Злата мајсторски испекоа месо на скара, извадивме пиво и вино на маса, а атмосферата уште повеќе се вжешти со тарабуката на Коле, кога сите почнаа да пеат и да играат.


Песни и игри

Утрото, 30 август, недела, требаше да се искачуваме на планината Јабланица, но полежерно ни се виде откривањето на убавините на стариот дел на Охрид, амфитеатарот, Горна порта, Плаошник, Св. Јован Канео.


Охрид


Плаошник

Потоа, околу 14 часот стигнавме во црквениот комплекс Калиште, струшко, каде што ја посетивме пештерската црква (зад хотелот Бисер).

Ги посетивме и изворите во Вевчани, и после ручекот во убавиот амбиент на ресторанот „Домаќинска куќа“, тргнавме кон Скопје, односно Белград.


Вевчанска река

Текст: Горан Николоски

Слики: Јасмина Попоска, Горан Николоски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje