Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Кораб : Длабока Река - 20 мај 2012

5.00 наутро. Време е за будење. Уште едно свежо утро. Помисла на денешната дестинација и топли спомени се будат, насмевка на лицето и возбуда за повторната средба со раскошниот Кораб.

Буцевски пристигна на моторот, а наскоро се појавува и Перо со Тања и Светле да не собере во Ренолчето, и конечно тргнуваме. Но не сме сами; поголема група не очекуваат на излезот од Скопје и веселата дружина конечно го фати вистинскиот правец.

Мала задолжителна „кафе“ пауза на Маврови Анови, брзо пребројување и уште малку остана.

Се паркираме после мостот на реката Рибница на рамништето на околу 980 м надморска висина. Еден поглед на бројните паркирани автомобили и комбињата и денот ветуваше дружење, смеа и забава.

Со кратки припреми патешествието го почнавме околу 8.20 утрината. Мислев дека малку касно тргнуваме со оглед на бројноста на групата, но денот е веќе долг и немаше причина за грижи. Весели насмеани сите тргневме по узгорницата према селото. Земјата беше влажна од неодамнешните врнежи, сепак сонцето ни ветуваше прекрасен ведар ден. Рибница изгледаше зелено и расцветано за едно напуштено село. Правецот продолжи нагоре по тесни планински патеки меѓу боцкави жбунчиња кои расцветани ширеа жолтеникава прашина од која се обидувавме да побегнеме. Групата беше извлечена во долга низа водена од искусните брзи нозе на Зоран Костадиновски, некаде по средината Тања му приговараше на Петар Герасимов за боцките и правта по кои ја води, Светле ги следеше во придружба на Буце, а некаде на крајот Горан Николовски ги прибираше сите внимавајќи некој да не заостане.

И за малку ќе заборавев да ги споменам нашите весели планинарчиња кучињата кои денес ги имаше дури четири на број. Нога пред нога, помини поточе, скокни камченце, заобиколи дрвце, напредувавме додека денот не поздравуваше со прекрасната зелена природа и со свежите мириси.

Време беше за појадок, а Попова Ливада не чекаше да ни прижи одмор да седнеме и каснеме од домашните сендвичи, да се освежиме со по некоја голтка вода. Вистински момент и да ја собереме групата која броеше повеќе од 30 заљубеници на планините кои не се штедеа.

Патот понатаму водеше покрај изворче на вода и веќе влеговме во шумата. Следеше уште една ливада каде се врстуваа патишта и од каде пред нас поздравуваше врвот Рибничка Скала осветлен во пладневното сонце.

Од таму влеговме во длабока висока шума. Она што го привлече вниманието на сите беа огромните паднати дрвја по патеката кои снегот како од шала ги кутнал. Ги имаше насекаде како неми сведоци на моќта на природата да се прекрои себе си. На места не пресретна и снег, влажен но доволно цврст кој внимателно го поминувавме. Сепак се случи една од планинарките да пролизга, но се се заврши добро и без последици.

По патот во снегот гледавме траги од животни и во шала замислувавме како би реагирале кога би имало средба.

Конечно над шумата, нема веќе качување, на околу 1900 до 2000 м надморска висина, од овде патот продолжува по изохипса. Од овде убаво се гледа целата долина на Длабока Река или како некои ја викаат Нистринска Река. Природата не можела да најде поубав начин како да се презентира себе си: Снежни врвови кои касната пролет ги топи и ги претвара во бучни потоци кои брзаат кон долината низ шумата и ја полнат реката во самото подножје.

Глетка која го одзема здивот ве остава без зборови. Во групата напред беа и две млади момчиња велосипедисти од Струга – Саше и Никола, кои овде беа за прв пат, само ден пред тоа разбрале и се решиле да ни се придружат заедно со постар пријател. Тие со себе носеа безброј вицеви и ведар дух кој на сите ни требаше. Главниот штос се вртеше околу „ Like, like, like, like “ .

На стотина метри, првиот превој и првиот поглед на долината со водопадот во далечина. Сите брзаа гледаа по патот некаде да не се сопнат, но ова несмееше да се пропушти, им викнав да застанат да ја кренат главата. Погледите беа како во транс од глетката, никој не зажали што застана на некоја минута.

Уште малку и стигнавме на местото за подолга пауза каде нашироко се простираа раскошните врвови на Кораб и оваа од цивилизацијата скриена долина на рајот. Ова беше место каде се правеа најубавите фотографии, и место каде оние кои сакаа остануваа на починка а оние кои сакаа го продолжуваа патот до водопадот.

Уште еден саат и веќе сме кај водопадот. Над него се издигаше Мал Кораб. Седнати наоколу на стотина метри од другата страна на реката. Ооооооо, вака неможе, стигнавме до овде и ќе седиме на дистанца, не се прифаќа. Мало наговарање и тргнувам кон водопадот а и другите следат.

Уште малку, уште малку нагоре и веќе се осеќаат капките кои се распрснуваат паѓајќи. Небото и планината овде се едно. После саати пешачење водата ни доаѓа како наплив на нова енергија и насмевки на сите лица. Овде имаше полнење вода, сликање, уживање и останавме прилично долго, како да ова е последната дестинација.

Сепак мораше да се тргне, денот не беше бесконечен. Околу 14 часот тргнавме назад, полни со импресии. Сега веќе се беше поинаку. Перцепцијата за Кораб кај многу беше сега претурена наопаку, Кораб не е само најголемата висина за качување во Македонија. Оваа планина има и свое рајско скривалиште со ливади, цвеќиња, мириси, најчист воздух и најладна свежа питка вода од водопадот.

Патот назад е лесен. Ја пресретнавме групата која ја оставивме да одмара а тие иполегнати во дремка не дочека.

Некои веќе беа тргнати за наназад, па и ние брзо го продолживме патот.

Малку тажни ја напуштавме оваа убавина, но среќни дека сме биле и виделе, па на крајот од се, некој друг ден можеме пак да дојдеме.

На рамнинката на паркиралиштето стигнавме 19.20 часот, мал одмор и пресоблекување и нашата мала група тргна со Ренолчето назад.

Интересни податоци кои може само вашиот мобилен телефон а ги даде ;-)

 

И технички податоци:

Должина на патеката: 21,9км

Висинска разлика (вкупен успон) : 1642 м


Напиша: Тања Манчева
Фотографии: Петар Герасимов и Раде Марковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje