Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Црни Врв - Шар Планина - 16 ноември 2014

Ја нерекоа машка тура, овие моиве во групата. Тоа не значи дека треба да се обесхрабруваат оние од понежниот пол, напротив нека им биде предизвик. 2011 год. имавме едно девојче кое „машки“ ја поднесе... и не се откажа од планините се уште, еве ја гледам со уште поголем жар граби напред. Предизвик ни беше и нам да истераме 33 км. и  2335 м. D+, колку што измеривме со нашите GPS уреди. Но тоа не беше се. Главните проблеми ни ги зададоа лошото време и намалената видливост при што движењето ни беше премногу споро, и тензично би рекол. Цело време моравме да ја следиме исцртаната патека на малото екранче. Не знаеш дали да гледаш каде да згазнеш или да гледаш да не забегаш во погрешен правец, а имаше и такви екскурзии. Видливоста беше толку мала што не можевме да се потпреме на нашето претходно искуство на истиот терен, ниту пак можевме да следиме топографска карта бидејки немавме ни еден репер околу нас, ниту еден топоним во живо, ниту едно врвче кое би го препознале... само теренот пред нас од околу 20-тина метри и после тоа белина, за целото време, сите тие 12 часа колку што ни требаше под вакви услови да стигнеме до Црни Врв и да се вратиме по кружната патека како што планиравме. Како што кажав, забегувавме од време на време по 10-тина понекогаш и повеќе метри во зависност од тоа кога сме погледнале во GPS-от, па враќај се повторно на зацртаниот курс. Тоа и не беше страшно додека се движевме релативно хоризонтално но кога се движевме по стрмната изохипса на враќање секоја грешка не чинеше нови 10-тина до 20 метри вертикално враќање назад по линијата. Оној што не пробал, не може да разбере, во секој случај едно големо искуство за сите нас. Треба многу вежбање со уредите за навигација-ориентирање без разлика дали се работи за карта, бусола или пак за GPS за кој повеќето мислат дека ако го имате и држите во рака сите проблеми ви се решени. Јас и после 5 години користење се случува да згрешам. Прашање е колку долго време сте убедени дека одите како што треба, и кога ќе сфатите дека сте згрешиле треба да успеете брзо да се вратите зошто обично овие грешки се прават во временски услови кои не дозволуваат импровизации и секој минут ви е од големо значење.


            Вака и го замисливме тој ден кога се припремавме, и во поглед на избор на теренот, избор на денот, временските прилики... се ни се вклопи како што сакавме, ова да личи на една многу напорна планинарска тура, тренинг, проверка на психофизичките способности, ориентација во простор, без вообичаените пејсажи, изгрејсонца, зајдисонца, цвеќенца итн. Од време на време му треба на секој планинар ваква акција, на почетниците да се испробаат, оние поискусните да си ги потврдат и обноват стекнатите знаења и кондиција, сите да знаат точно до кај им е прагот, сепак сите се спремаме за некакви посериозни акции, нели.
            Нашиот домаќин Деан со кој го газевме истиот пат во 2011 год. уште на почетокот кажа дека нема сега намера да го повторува, па после неколку километри поминати со нас, се врати во неговата викендичка во Сетоле да ја загрее и да ни припреми топло добредојде на враќање назад. Борче, Горан, Јани, Боре и јас бевме 5 члената група што се упати кон Црни Врв тој дождлив, ветровит и студен ноемвриски ден. Атмосферата, со оглед на временските неприлики беше малку мачна на моменти но позитивниот дух кој владееше кај сите учесници направи да заборавиме на реалноста околу нас. Една од главните работи за успешно реализирана планинарска акција е изборот на оние кои ќе ве придружуваат во најтешките моменти.


            Од селото излеговме по една тесна козја патека која водеше низ шумата до еден широк земјен (во нашиот случај кал до глужд) селски пат кој змијулесто се извиваше нагоре се до првите ливади на околу 1600 мнв. Оттука продолживме нагоре по тревнат терен кој води до првото врвче на нашиот пат, Врчик со своите 2094 мнв. Следеа Кучибаба на 2454 мнв. и Сува Дупка 2515 мнв. Тоа е оној долг срт што се гледа на североисток кога се враќате од Попова Шапка према Тетово со кола по патот, оној од спротивната страна на долината над Тетово. Теренот околу врвовите е со поголеми и помали камени блокови кои во услови на дожд треба со многу внимание да се поминуваат. Некои се превртуваат а повеќето на себе од горната страна имаат мов. од Врчик па натаму движењето цело време е по срт кој на места од левата или десната страна знае да биде доста стрмен, со провалии од двете страни. Од еден до друг врв има по неколку качувања и симнувања. Точно во предвиденото време, во 12 ч. измрзнати и наврнати, некои од нас до гола кожа, стигнавме на нашата цел. По неколку заеднички фотографии се одлучивме одморот за јадење и пиење да го направиме малку подолу, тука временските услови не беа баш погодни за тоа. Го започнавме нашето враќање надолу во правец на Вејце и тука во една „дупка“, сокриени од ветерот и во ретките моменти без дожд застанавме да се окрепиме, малку, колку да можеме да го продолжиме патот, се штедевме за она што не чекаше во Сетоле.


            Враќањето не личеше на вообичаените кога бараме полесни, пократки и побрзи патчиња за да се вратиме назад. Нашето враќање беше за 1.5 км и 200 висински метри потешко отколку кога би се враќале по истиот пат од каде дојдовме, по сртот. Во зимски услови кога сртот има многу снег ваквиот избор е сосема логичен и покрај наведената разлика во километража и висинска разлика. Во нашиот случај немавме такви услови но нашата денешна цел, како што кажав пред малку, не беше полесниот пат. Ова требаше да биде движење по изохипса што подразбира движење по иста висинска линија, но не испадна баш така. Козјата патека која моравме да ја следиме одеше те горе те доле, во зависност од тоа како дозволуваше стрмниот и на моменти карпест терен. Од време на време ќе се тргнеше маглата и ќе видевме по нешто но само за кратко. Како одминуваше денот, така и облачноста повторно стануваше поголема проследена со ситен дожд цело време. Последните час и половина се враќавме во потполна темница и магла така што светилките ни помогнаа само да гледаме едно метро пред себе, секаков обид да видиме нешто подалеку беше проследено со непријатно чувство, како кога возите автомобил и запалите долги светла во густа магла. Моравме почесто да се менуваме на челото од колоната за да ги одмориме очите. И понатаму, исклучиво по GPS конечно стигнуваме во Сетоле каде што нашиот домаќин Деан навистина се потрудил многу брзо да заборавиме на сите маки низ кои што поминавме претходните цели 12 часа борба со маглата, ветерот, дождот, снегот и на крајот како капак на се, калта по селскиот пат која како цемент се имаше залепено за кондурите. Ни требаше поприлично време и мака да ја симнеме на селската чешма. А кога стигнавме во викендичката што да видиме, распалена скара, поставена трпеза, мммм.....


Технички податоци: 33 км, 2335м. D+

Автор: Петар Герасимов

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje