Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Шар Планина : Црни Врв (2585m) - 30 април 2011

Црни Врв на Шар Планина е врв на кој не можете случајно да поминете. Човек мора да има сериозна намера за да се упати кон овој оддалечен но интересен врв. Со својата висина од 2585 m е еден од повисоките врвови на Шар Планина, а според позицијата се наоѓа во средината на првиот - горен ред на врвови - почнувајќи од Љуботен, преку Пирибег и Бистрички врв, па доаѓа Црни Врв, потоа Кобилица, Вртоп, Караниколица... Пристап до овој врв е можен од неколку правци : од Вејце или од Бродец, па преку Кобилица, или од другата страна - од долината на Бистрица. Од која страна да појдете, ве чека многу пат. Ние за нашата акција за појдовна точка го избравме селото Сетоле, кое се наоѓа на висина од речиси 1000 m. Причините за избор на ова селце беа разни, а една од поважните беше што еден од членовита на нашата група - Деан - има потекло и сега има викендичка - во Сетоле, село опеано во народните песни.

Групата за оваа акција беше : Анета Влахова, Игор Митрушевски, Деан Тодоров, Петар Герасимов, Васко Саздовски и Трајче Панковски.


Полошката котлина во утринска измаглица видена од с.Сетоле

Поаѓаме од Скопје во 5 часот наутро. Околу 6 сме веќе во Сетоле. Прогнозата изминатите денови најавуваше доста променливо време со можни врнежи, така да појдовме на оваа акција прилично скептични за нејзиниот исход. Затоа Деан рече : "Ќе видиме, ако не чини времето, ја имаме викендичката..." Во 6:15 групата излегува од селото, испратени од лаежот на една поголема група селски кучиња. Деан - кој ни е локален водич, не води по широкиот пат кој води лево од селото - во правец на селото Ѓермо. По некои два километри се одвојуваме во десно и низ буковата шума се упатуваме директно нагоре - во правец на првиот врв што треба да го искачиме - Врчик - кој е висок нешто повеќе од 2000 m. Шумата по која се движиме е преградена од гранки - остатоци од дивата сеча кој неодамна се одвивала на овој терен - господата не се погрижиле да го приберат нередот што го оставиле зад себе.


по широкиот селски пат

Над шумата веќе се јавува она познато чувство на слобода, пространство, дивина... Одиме нагоре - трева, камења, грмушки од боровинки. Како се приближуваме кон Врчик почнуваат да не пристигнуваат облаци. Но сепак имаме среќа и можеме да ги забележиме врвовите од другата страна : Бориславец, Церипашина, Антени, а особено трите великани на Средна Шар Планина : Плат, Среден Камен и Крива Шија. Наскоро потоа облаците ни го покриваат видикот и видливоста поголемиот дел од патот до врвот се движи од 50 до 200 метри, со мали исклучоци кога ќе се отвори видикот малку подалеку.


Плат, Среден Камен, Крива Шија


групна фотографија - некаде под врвот Врчик


Црни Врв се гледа во центарот, а патот до него е долгиот гребен од десна страна (на сликата не се гледа убаво - има облаци)

Почнувајќи од Врчик па натаму, почнува да се појавува снег овде-онде, за да на висина преку 2100 метри е се повеќе "овде" - а "онде" има и по некоја карпа, камени блокови и слично. Наскоро влегуваме во вистински зимски услови. Единствено што не е ладно, па се движиме со полесна облека. Но снег има во количини како да е вистинска зима. Одиме по гребенот - снег под нас, гребенот станува се поизразен, од двете страни стрмни падини, видливоста понекогаш навистина слаба, треба да внимаваме да не згазиме од страната каде има снежни стреи. И одиме, одиме, одиме... Понекогаш на кратко ќе се појави сонце, но поголемиот дел од времето е облачно. Ги минуваме врвовите Плоча (околу 2300 m) и потоа снежно белата Кучибаба (2454 m) - врв кој доминира на средниот дел од гребенот - надвиснувајќи се од десната (источната) страна над месноста Три Воде - по текот на реката Бистрица, а од лево е текот на реката Купиница, река која минува низ селото Вејце.


по снежните гребени - помеѓу облаците


една од ретките слики кога се гледа поголем дел од гребенот

Поради топлото време и снегот кој е веќе во фаза на топење, имавме една - две ситуации на пропаѓање во снежни дупки, околу некои карпи и камења снегот пропаднал а останала одозгора тенка поривка - за среќа немаше никакви проблеми. Внимателно одиме понатаму. Километрите се редат, времето минува. По Кучибаба наскоро стигнуваме до висина од 2500 метри, но тука има финта - од тука има три - четири други врвчиња по кои треба да се качиме и пак да се спуштиме до висина од околу 2400 метри - така да патувањето прилично се развлекува. Пристигнуваме конечно до последното седло - местото каде што "нашиот" гребен се среќава со главниот гребен на Шара кој поаѓа од Љуботен и оди преку Ливадица, Пирибег, Црн Камен, Езерски врвови, Бистрица и Гужбаба и Коњушка натаму кон Кобилица и Вртоп. Под нас лево е амфитеатарот каде што извира Бистричка река - убаво место кое на неколку пати успеваме да го погледнеме - кога ќе се подразредат облаците.


долината каде што извира Бистрица


последните метри пред Црни Врв

Околу 12:30 сме на последниот успон од околу 150 висински метри. По снег и по камења се искачуваме на врвот. Врвот е соголен од сонцето и од ветрот, па имаме каде да седнеме. Погледот кон косовската страна е импресивен - длабока дупка, денивелација од околу 1000 метри, а од страните штрчат остри гребени, карпи. Седнуваме да ги смениме чорапите - на сите нозете ни се мокри од влажниот снег. Јадеме нешто за да ги обновиме резервите на енергија. Ветрот е јужен, но засилува и почнува да студи на рацете - ставаме капи и ракавици. Седиме на врвот дваесетина минути и веќе ладното не тера да се враќаме назад.


групата на врвот Црни Врв (2585 m)

За враќање се определуваме да појдеме од друга страна - мислам дека на никој од групата не му се одеше по истиот пат назад - требаше повторно да ги поминеме оние 3 - 4 врвови над 2500 метри по влажен снег. Се движиме од седлото под врвот директно на југ - кон делот каде извира Дојранска река - оваа област на картата е означена како Дојран. Спустот е стрмен - по снег, а потоа по трева и камења. На висина од 2200 m веќе е потопло и на една тревна површина правиме мала пауза. Потоа продолжуваме кон исток - кон изворот на Купиница. Имаме среќа што таму е направен еден цевковод - за вода до селото - на висина од околу 2000 метри. Тој многу убаво не води околу падината на планината - стрмна падина која инаку ќе беше многу тешко да се помине. Што да правиме - среќата ни беше наклонета овој пат. По патот на секои 200 метри наидуваме на некое поточе, на слапови, мали водопади - вода блика од сите страни. И со времето имаме среќа - и покрај најавите за дожд во попладневните часови, дождот се уште го нема. Одејќи така уживаме во глетката во правец на Кобилица и карпите на Трескавец.


Кобилица и Трескавец


спуштањето кон изворот на Дојранска река


на едно од многуте попатни поточиња - грст бистра планинска вода


Деан се движи по прекрасната водоводна патека

Стигнуваме во близина на карпите на Дупен Камен, каде преминуваме од другата страна на гребенот - кон Брза Вода. Се спуштаме долу на широкиот пат кој оди од Сетоле кон Ѓермо - истиот пат по кој тргнавме утрината. Сега по овој пат продолжуваме надолу - уморни но сепак брзаме, да не не фати мрак, а и дека почнува полека да роси - одвреме - навреме. На враќање до селото одиме по пократкиот пат - директно се спуштаме кон селото и нешто пред 19 часот стигнуваме до викендичката на Деан.

Многу одење за еден ден, но сепак сме пресреќни што акцијата успешно се заврши, што го освоивме врвот кој долго време планираме да го посетиме, ама се некако други некои врвови имаа предност. Црни Врв е навистина врв достоен за почит и бара сериозен пристап и многу, многу одење.


Технички податоци :

Должина на патеката : 30 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2240 m - Макс.процент.успон : 35%
Најниска точка : 960 m
Највисока точка: 2585 m
Времетраење: 12 часа
Потрошени калории: 5800 CCal


приказ на изминатата патека


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/SarPlaninaCrniVrv#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/05/04/sar-planina-crni-vrv-2585m/

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje