Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Планинарско излетничка авантура низ Словачка, Чешка, Германија и Австрија (21 април - 1 мај 2011)

Во организација на Планинарско-спортското друштво „МАКПЕТРОЛ“ од Скопје , Република Македонија, Планинарскиот клуб „БАЛКАН“ од Белград, Република Србија и Туристичкото друштво „РИЛСКИ ТУРИСТ“ од Самоков, Република Бугарија, 28-мина тргнавме кон Средна Европа во планинарско-излетничка акција во Словачка, Чешка, Германија и Австрија.


Трасата на патот долг 3800 км

На 21 април, четврток , после работно време, автобус со 19 луѓе од Македонија тргнавме кон Белград. Близу Ниш ни се придружи и Маријана Илиева од Бугарија.

Во Белград стигнавме после полноќ, во петок рано наутро, 22 април. Кога водичката Миланка Арсиќ ги потсетила учесничките дека Македонците набрзо ќе стигаат во Белград, три од нив ја прочитале нејзината СМС порака облечени во пижами, спремни да си легнат, тотално несвесни дека за 30-тина минути треба да тргнат на 9-дневно патување. Во паника, почнале да и се јавуваат на Миланка со прашања: „Како за 30 минута? Па, зар не идемо прекосутра ујутру? Али, ми нисмо спремнееееее!! ....“ Те вушност мислеле дека треба да патуваат во сабота наутро, а празникот Велики Петок ќе го поминат мирно, вапсувајќи јајца. Откако расчистиле дека автобусот е веќе е во близина на храмот Св. Сава ги зеле најважните работи: пасошите, парите и облеката и дојдоа. Ленка викнала такси и тргнала кон храмот. Од Чачак. Оддалечен 140 км. од Белград. 2 часа пат.

Сепак, се заврши односно започна како што требаше. Во Белград се собравме сите 28 луѓе. Планинари и излетници од четири држави (Македонија, Србија, Босна и Бугарија), од градовите Прилеп, Кичево, Гостивар, Скопје, Виница, Самоков од Бугарија, Чачак, Белград, …


Храм „Свети Сава“ – Белград

Во текот на ноќта ја поминавме Унгарија, рамна како тепсија. Возачот вели: „На столче да се качиш, Белград ќе го видиш“. Околу пладне стигнавме во Братислава, Република Словачка. По убав, сончев ден го разгледувавме главниот град на Словачка, кои Словаците го викаат Прешпорок , а Германците Пресбург . Во стариот дел на градот ја посетивме тврдината, а низ стариот дел од градот има интересни градби и споменици: главниот плоштад со убави барокни и ренесансни згради, коњаници, фотограф кој скришно фотографира, .... Од Братислава почнавме со тестирање на убавите средноевропски пива. Го пробавме пивото Zlaty Bazant .


Братислава


Некој ѕирка од подземјето

Попладнето тргнавме кон Брно, Република Чешка. После границата (која сега ја нема), свртевме кон замокот Леднице, кој пред II Светска војна бил во сопственост на фамилијата Лихтенштајн, а од 1996 година е на листата на светско наследство на УНЕСКО. Поминавме два часа во мирна прошетка низ уредените паркови и околу езерата. Во едно од езерата имаше мало островче од кое заинтересирано не посматраше осамена срна. При крај од убавиот, сончев ден жолтеникавата фасада на замокот и зајдисонцетото создадоа огнен хоризонт.


Замок Леднице, Чешка Република

Доцна вечерта пристигнавме во Брно. Не видовме ништо од градот, туку веднаш се сместивме во хотелот и брзо заспавме. Всушност, како кој. Некои брзо заспаа, а други продолжија со една од основните цели на патувањето – тестирање на пивата. Во хотелот нудеа „Зелено пиво“ (Pilsner Urquell ) кое изгледаше како рафинериска нафта, но со одличен вкус.

Саботата наутро, 23 април , после доручекот, спремни за нови авантури тргнавме кон пештерата Пунква и провалијата Мацоха. Се чудевме каква е таа провалија/амбис. Кога стигнавме во Скални Млин, на 35 км. од Брно, ни стана јасно. Провалијата Мацоха е 138 метри длабок засек во моравскиот карст, и една од најдлабоките провалии во Централна Европа. Опкружена со зеленило, провалијата изгледа како огромна разјапена уста . Од платформата во близина на паркингот, длабоко долу се гледаше голема црна дупка низ која одвреме-навреме поминуваа луѓе (тоа се луѓето кои ја шетаат пештерата Пунква). Од паркингот до влезот во пештерата пешачевме скоро 1,5 км., односно, околу 20-тина минути. Низ пештерата шетавме со водич и со објаснување од разглас на англиски кои ни ги укажуваа на интересните камени фигури во форма на зајак, ангел, кукла која игра,... Пред нас се појавија еден сталактит и еден сталагмит, скоро споени. Ги нарекувале „Ромео и Јулија“ бидејќи никогаш нема да се спојат (оти повеќе не течела вода по нив). На кратко излегуваме на дневна светлина, на дното од провалијата Мацоха, и од „ разјапената уста“ високо горе ја гледаме платформатаа од која пред 60-тина минути го гледавме дното на провалијата. Потоа со кајчиња по подземната река тргнавме на 25- минутно разгледување на пештерата. Од објаснувањата за пештерата што ги даваше чехот што го возеше кајчето единствено разбиравме кога велеше „ Mind your heads “ ( внимавајте на главите на англиски јазик). Воодушевени и смрзнати излеговме на дневна светлина, на топлото сонце. До паркингот отидовме кој пешки, кој со жичарницата.


„Ромео и Јулија“ во пештерата Пунква


Провалија Мачоха

Попладнето се вративме во Брно и веднаш излеговме да го разгледаме градот. Брно е втор по големина град во Чешка со околу 400.000 жители и е најголем град во Моравија. Прошетавме низ стариот дел на градот, влеговме во Катедралата Св. Петар и Павле, поминавме покрај театрите, се сликавме на плоштадот Слобода, На плоштадот, по повод Велигден, беа поставени 30-тина мали дрвени куќички во кои се продаваа сувенири, храна, медовина, пиво и народни ракотворби, а имаше и весела народна чешка музика, во живо. Чесите на плоштадот поставиле интересен споменик – сеќавање на храбрите граѓани на Брно кои се одбраниле од шведските напаѓачи во 1645 година. Споменикот, зависно од расположението на „гледачот“, личеше на огромен куршум или, на фалус. Но, вушност, споменикот е часовник, чии два најгорни дела се подвижни и на дисплеи го покажуваат реалното време.

Вечерта беше големиот празник Велигден. Дел од „нашите“ луѓе празникот го славеа со нови типови пиво ( Hoegaarden со сируп од брусница), а други се веселеа во хотелот каде што Коле свиреше на гитара. Пред полноќ дел од луѓето нашле православна црква во која се „кршкале“ со јајца. Велигден во Чешка.

Утрото, 24 април, недела , за време на доручекот си го честитавме Велигден со „Христос воскресе“ и „Навистина воскресе“. Најадени, тргнавме во нови предизвици, пешачење низ Адрпашко-Тепличките карпи - најголема групација на лавиринтски карпи во Европа. Адрпашко-Тепличките карпи се неверојатно интересно место. До средината на 18 век карпите ги сметале за таинствено и застрашувачко место. После голем пожар луѓето почнале да влегуваат меѓу карпите и виделе какво богатство поседуваат. Првите туристи дошле во 1772 година, и оттогаш, секојдневно местото е посетувано од стотици луѓе. Пешачките стази поминуваат низ високо издигнати карпи, најчесто во форма на исправен прст, некаде оддалечени, а некаде споени меѓусебе. Целата област сега е шумовита, со клупи за одмор, добро обележана и со илјадници скали. Патем видовме камени фигури со лик на Богородица, младоженци, секира, жаба, индијанец, камила, поларна мечка, ... На некои места стазите се тесни и клаустофобични, некаде се покриени со снег и ладни како во Сибир, а некаде се широки и осончени. Карпите се вистински предизвик за „искачувачите“ на карпи.

Дури откако после 5 часа пешачење поминавме 20-тина км видовме дека е добро што не сме дебели. Последните метри на излезот од Адрпашко-Тепличките карпи, во близина на Адршпах, ги поминавме низ само 50 сантиметри тесен, темен и клаустофобичен процеп во карпата. Некој покрупен ќе мораше да се врати скоро 2 километри назад и да одбере друга стаза за излегување од лавиринтот. Како да излеговме од некоја таинствена област. Од едната страна високи карпи со тесни и темни премини, а од другата страна сонце, пространи зелени ливади и езера.


Тепличко-Адршпатски карпи

При крајот на денот со автобус отидовме во местото Skaly , во чија близина е замокот Bischofstein , сега убав хотел . Во широкиот двор, помеѓу белите згради на замокот, не дочекаа разиграни деца и алпинисти кои вежбаа рамнотежа одејќи по јажиња растегнати меѓу краевите на дворот. Собите во дворецот беа комотни и едноставно уредени. Вечерта имавме Велигденска вечера: јагнешко месо, пиво ( Budweiser Budwar ), вино, медовина, десерт. Коле повторно ја развесели атмосферата со својата гитара.


Замокот Bischofstein

Утрото, 25 април, понеделник , не разбуди пеење на птици. Кој не би бил весел во оваа убавина, размислувавме. Прошетавме во околината на замокот, покрај темното езеро и се искачивме на високите карпи од кои во далечина се гледаше и нашата денешна цел, планината Крконоши и највисокиот врв во Чешката Република, Снежка (1.602 м.), завиткан во магла. За жал, денот беше облачен и дождлив. Искачувањето кон врвот го почнавме во местото Пеќ под Снежка, на 890 м. надморска височина. По обележана, некаде поплочена, а некаде и асфалтирана стаза, стигнавме до врвот Снежка за околу 2:30 часа. На врвот, кој е на чешко-полската граница не зафати вистинска снежна виулица. Силен ветер, снег, магла, студ. Дури и жичарницата не работеше, што ги спречи нашите излетници да се искачат на врвот. Кратко се одморивме во бистрото на врвот и тргнавме надолу. И на искачување и на слегување се одморивме во планинарскиот дом и ресторан во кого од таванот висеа кукли – вештици.

На паркингот во Пеќ под Снежка сите заедно и го честитавме роденденот на Марија од Белград со „ Happy birthday to you , dear Maria “, и дадовме подарок и тргнавме кон Прага.


„Happy birthday, dear Maria”


Хотелот Ботел Рачек

Само водичите на турата знаеја каде ќе ноќеваме четири ноќи во Прага. Сите во автобусот се изненадија кога слушнаа дека ќе ноќеваме на брод на реката Влтава. И веднаш почнаа со прашања: „Како ќе заспиеме ако бродот се ниша?“, „Дали бродот ќе стои на едно место?“, „Дали на бродот има вода и струја?“, .... А бродот-хотел “Ботел Рачек“, закотвен на брегот на реката Влтава, беше стабилен, осветлен и полн со гости. Љубезните домаќини ни ги покажаа собите, а дел од „нашите“ луѓе веднаш излегоа во ноќна прошетка до тврдината Вишеград.

Прага е во центарот на областа Бохемија, на реката Влтава. Настанал во IX век со доаѓањето на Словените во Чешка, а името Прага доаѓа од старословенскиот назив за „место за преминување (преку река)“. Градот најголем процут достигнува во времето на Карло IV кој во 1347 година обединил повеќе населби во една, „Нов Град“, заштитен од тврдина и со геометриски проектирани улици. Во 1378 година со 40.000 жители Прага била еден од најголемите градови во Европа. Од 1526 година градот бил седиште на Хабсбуршката династија. Во 1918 година, по распаѓањето на Австро-унгарската монархија, Прага станал главен град на новосоздадената Чехословачка.

А, што видовме во Прага во тие два дена ( 26 и 27 април, вторник и среда ), шетајќи го сами и со водич? Ја посетивме тврдината (Храдчани) и Катедралата на Св. Вид во која се прекрасните витражни стакла во разиграни бои , црквата Лорета и бесценетото „ Сонце на Прага“ - накитено со 6 222 дијаманти , продавничките во Златната улица, Сенатот, преминавме преку Карловиот мост,кој е вистинска галерија на скулптури под отворено небо, во Стариот град, во 14 часот бевме пред Астрономскиот саат кога фигурите околу него понаа да се движат. Го прошетавме еврејскиот кварт со продавниците на дијаманти, се измешавме со многубројните туристи на Старомјеске намјести (Староградски плоштад), поминавме под Барутната кула. Ја посетивме тврдината Вишеград на чии гробишта се закопани композиторите Дворжак и Беджих Сметана, се сликавме пред разиграната зграда „Фред (Астер) и Џинџер (Роџерс)“, некои беа и во зоолошката градина, а скоро сите бевме со брод по Влтава и пиевме Staropramen и Krusovice пиво. Безброј градби во барокен, ренесансен, готски, неокласичен и ултра-модерен стил на градење.


Прага ноќе

 


Светците во јарки бои (витраж во Катедралата)


Разиграната зграда (Фред и Џинџер)

И се уверивме дека е точен натписот „PRAGA CAPUT REGNI“ (Прага владее со кралството). Со својата убавина Прага владее и со светот, би рекле. И прилегаат и другите називи:„ Praga mater urbium“ (Прага – Мајка на градовите), „Stovezata Praha“ (Град со сто куполи - денес велат дека ги има 500 ) и „Zlate mesto“ (Златен град).

За планинарите, Чешка и Прага се вистинско место за посета. Многу продавници со богат избор на планинарска опрема: Hydy , Rock Point , …. .


Планинари

28 април, четврток , ни беше предвиден за посета на Дрезден, на 150-тина км од Прага. Дрезден е главен град на Слободната држава Саксонија, Германија. Чесите го викаат Drjezdzany , а Пољаците, Дрезно. Градот настанал во 12 век од словенската населба Drjezdzany . Градот е толку убав што некои го нарекуваат и „Фиренца на Елба“. И, навистина е преубав. И нов. И старите градби се нови, изградени во последните 50-тина години. А, голем дел од центарот на градот е изграден во последните 10-тина години. Дворецот Цвингер, Богородичната црква, операта Семпер, Кралкиот дворец, „старото“ јадро на градот, ....

Дрезден бил скоро целосно разурнат во Втората Светска војна. Германците биле одлучни да го вратат стариот сјај на градот и почнале со обновата на разурнатите градби, цркви, замоци, опери, згради. Двете водички, Диана и Хајке, со голем „жар“ ни кажуваа детали за градот, за барокниот замок Цвингер кој бил проектиран само за забави на владателот Август Силниот (роден протестант кој тајно се преобратил во Католицизам за да стане Крал на Полска и, неговите 345 деца), за компјутерски реновираната протестантска Богородична црква, за 102 м долгиот мурал направен од околу 25.000 плочки од порцеланот Meissen на кого се прикажани скоро сите владатели од династијата Wettin , кои скоро 800 години владееле со Саксонија и во чие времетраење Дрезден го доживеал најголемиот процут, за синот на архитектот Семпер кој ја изградил една од најубавите опери во светот врз основа на 300-те писма со нацрти кои му ги испратил татко му, ....

Со автобус за туристи го разгледавме целиот град и предградијата и утврдивме дека еден дел е малку за целосно разгледување на градот. Во Дрезден може да се посетат и Галерија на старите мајстори со сликата на Рафаел „Сикстинска Мадона“, Porzellansammlung - збирка на јапонски и кинески порцелан, Muenzenkabinett - една од најстарите колекции на германски монети и медаљи, Neues Gruenes Gewoelbe - еден од најбогатите музеи на светот со изработки од злато, сребро, скапоцени камења, ќилибар, ...


Fuerstenzug – муралот на владателите

За да ги обноват историските објекти во Дрезден, Германија, но и за да заштедат, како што ни кажаа водичките, градските и националните власти, наместо скапи градежни материјали и мермери, користеле гипс, цигли и камен – песочник (кварц и/или фелдшпат). И потоа ги боеле ѕидовите за да изгледаат како најубав италијански мермер.

На 29 април, петок , се спакувавме и тргнавме кон Карлови Вари (на 130 км од Прага) . Градот е основан во 1370 година од Карло IV и се наоѓа на 3 реки : Охржа , Ролава и Тепла. На топлото и сончево време градот изгледаше како разгледница. Стари куќи со обновени фасади, фонтани во реките, расцутени јапански цреши и многу туристи од цел свет. Најмногу од Русија. Русите како да го „окупирале“ градот. Во преубавиот православен храм со златни куполи дури и ги крштеваат своите деца. Во градот има и извори на топла и лековита вода и многу чешми од кои луѓето неуморно полнат чаши и пијат.


Карлови Вари


Карлови Вари

На 15-тина км од Карлови Вари се наоѓа замокот Локет, изграден во 12 век, ситуиран во меандрата на реката Охра. Замокот е полн со интересни приказни. Во подрумот има мачилиште, на приземје има камен во спомен на „каменото срце“ на лошиот службеник кој прибирал пари од сиромашните селани, а кулата е место за заљубените. Во подрумот има приказ (со кукли) на средновековен затвор во кого биле мачени и затворани крадците, убијците и прељубниците. Само некој метар понатаму, ако заљубените ги искачат 97-те скали до врвот на кулата држејќи се за раце и на врвот трипати се бакнат, ќе живеат заедно засекогаш, вели легендата.


Замок Локет

Го посетивме и градот Marianske Lazne , уште едно убаво чешко бањско лечилиште. Не пречека „музичката фонтана“, опкружена со расцветани дрва и бескрајни леи од лалиња. А, млазевите на фонтаната беа разиграни во тактовите на музиката.


Музичката фонтана во Marianske Lazne

Доцна во ноќта стигнавме во градот Ceske Budejovice , кој на германски се вика Budweis. Градот е родно место на пивото Budweiser Bier кое ние „го тестиравме“ неколку дена порано. Пивото се произведува уште од 13 век и с амо чешката пиварница Pivovar Budejovicky Budvar, основана во 1895 година, има право да го продава пивото со име Budweiser во најголем дел од Европа. Фирмата Anheuser-Busch од САД сакала да ја купи чешката пиварница за да го осигура глобалното право на името "Budweiser", но Чешката Влада ја одбила таа понуда, затоа што Чешкиот Budweiser е национална гордост. Поради преполниот дневен распоред тој ден (29 април) во градот го видовме само хотелот и автобуската станица. За „длабинско“ разгледување на градот и секако, тестирање на пивото Budweiser во неговото родно место го оставаме за друг пат.

На 30 април, сабота , го посетивме едно од најубавите мали гратчиња во Чешка и воопшто. Неверојатниот Cesky Krumlov, само на 27 км од Ceske Budejovice. Прекрасни готски, ренесансни и барокни градби, дворец, кула, цркви, паркови, фонтани, стари куќи разубавени со продавници за сувенири, и реката Влтава како да ја држи сета таа убавина во прегратка. Место кое мора да се посети при секоја посета на Чешка.


Cesky Krumlov


Чешки Крумлов на мапа (загрнат од Влтава)

Кон Виена , Австрија, тргнавме околу пладне. Во градот останавме скоро до полноќ. Виена беше последниот голем град во кого уживавме шетајќи. Слеговме во близина на квартот со музеи и потоа кој тргна во група, кој сам во разгледување на градот. Музеи, опера, катедрала, продавници, ресторани, ....


Виена

Полузаспани тргнавме кон Скопје. Од надворешната граница на ЕУ (Унгарија-Србија) веќе почнаа „балканските навики“: ѓубре по патиштата, лажливи сметки по кафеаните, ....

На 31 април, недела , во Белград со солзи се разделивме со нашите пријатели од Србија и Босна, а набрзо и од Маријана од Бугарија. Скопје не пречека со попладневен дожд.

Заврши 10-дневната авантура низ Средна Европа во која и планинаревме, и шетавме низ пештери, разгледувавме градови, пиевме убави пива и одлично се дружевме.


Веселата дружина

Значи, Чешка ја „искршивме од шетање“. Ја запознавме од исток до запад, од север до југ, од најдлабоките пештери до највисоките врвови. Чешка не е само Прага и Карлови Вари. Тоа е и пештерата Пунква, планината Крконоши со највисокиот врв во Чешка, Снежка (1.602 м.), замоците Локот, Леднице и Bischofstein , градовите Брно, Чешки Крумлов и Чешке Буѓејовице или на германски Budweiss , Адрпашко-тепличките карпи, и пивата и медовината и бескрајните полиња на маслодајна репка и мирисниот јоргован.


Рамните, ветровити полиња низ Чешка

 

Истово му го кажав на Ненад Јовановиќ од Белград, кој е на привремена работа во Чешка, и кој многу ни помогна во огранизацијата на оваа авантура. Тој, задоволен што ни се допаднаа од него препорачаните места за посета, ми вели: „А да видиш колку е убава Словачка!!“.

Е, па, „Slovakia, here we come” (Словачка, чекај не, доаѓаме!!).

Интересни случки

Во црквата Лорета во Прага, полна со слики и скулптури, не е дозволено користење на блиц. Јас користев туѓ апарат и блицот светна. Вработената со право се налути и јас засрамен излегов од црквата. За да ме орасположи Лела од Белград ми вели: „А, што јој ниси рекао да кад Балканац опали, мора и да светне“.


„Сонцето на Прага“ во црквата Лорета

Група германци застанати во близина на водопадот, во внатрешноста на карпите, почнаа силно да викаат: „ … lass uns Wasser ” (… , пушти ни вода!!). „Што ли викаат германциве?“ се чудевме. Трипати викнаа и заќутеа, гледајќи нагоре во исчекување. И одеднаш се слушна силено бучење и од височина не заплиснаа ситни капки од надојдената вода. По коритото на водопадот надојде вода, како некој да стои на врвот од водопадот и со славина да ја пушта. После 2 минути буицата спласна и водопадот повторно го намали протокот.


Водопадот пред и после викањето

Многу интересен чешки збор ни беше чешкиот збор „ Dospeli “ што значеше „возрасни“ (доспеани, зрели личности).

Многумина туристи шетаа низ Прага со Segway . Безбедно, стабилно возило на две тркала кое се движи на батерии зависно од позицијата на телото (нанапред, наназад, на страна).


Со Segway низ Прага

 

Интересни слики

 


„Змеј“ во подрумот на замокот Локет


„Прчкото“ - албино паун во дворот на чешкиот Сенат


Столб од 8000 книги

Автор: Горан Николоски

Слики: Горан Николоски, Евдокиа Николова, Ленка Рибиќ


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje