Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Белград, Авала - септември 2009

Формирање на ново планинарско друштво, каде и да е, е повод за убаво дружење. Штотуку формираното Планинарско друштво „Балкан“ од Белград, организираше интересна акција „Со пешачење до здравје“ по околните белградски ридови. Тоа не можеше да помине без малата, одбрана група планинари од Македонија.


Планинари од Македонија во Јајинци, Белград

Во сабота наутро, 12 септември, после гостувањето во утринскиот програм на Радио Телевизија Србија, Миланка Арсиќ, претседателката на ПД „Балкан“ не пречека во Јајинци, спомен паркот во близина во Белград. Се собраа скоро 100-тина луѓе, планинари и заљубеници во природата, млади и постари луѓе, некои со планинарски чизми, а некои со каубојски чизми, со ранци или со најлонски кеси, луѓе од Белград, Љиг, Косјериќ, Смедерево, Скопје, Гостивар, Гевгелија, Тетово, Бугарија, Словенија, ...


Планинари од цел Балкан

Целта на акцијата беше со лагодна прошетка по облежана стаза да стигнеме до врвот на Авала (516 м). Тоа е интересна стаза, каде што маркирните знаци ги има по бетонските столбови за струја, по аглите на куќите. Стазата поминува низ приградски населби и села, по асфалтни патишта и ливади, но најубав е делот низ шумата одејќи кон врвот на Авала.


Низ белградска приградска населбата

Луѓето патем не поздравуваа, ни мафтаа од колите, а некои ни се придружија откако ја виделе утринската ТВ емисија. Од далеку сето време додека пешачевме ја гледавме нашата цел, високиот ТВ столб на Авала.

 


Низ шумата на Авала

Полека се приближувавме до ТВ столбот на Авала, разрушен при НАТО бомбардирањето на Србија, а сега во изградба. Конечно го видовме во целата големина кога се приближивме на 50-тина метри до него.

А, столбот е вистинско градителско чудо. Стои исправен како вселенска ракета пред полетување. Работниците со леснотија се качуваа и спуштаа со лифтот околу витото тело на ТВ столбот, како да станува збор за двоспратна зграда, а не (можеби) 50-катница.


ТВ столб на Авала

Го посетивме и Споменикот на незнајниот јунак, каде сите седнавме да се одмориме и запеавме на чудење на околните посетители. Споменикот и големите скулптури на жени како да беа изделкани од еден голем гранитен калап.


Споменик на незнајниот јунак

После скоро 5 часовна прошетка се сместивме во планинарскиот дом Авала каде што вечерта имаше интересна забава, прво прикажување на слики од искачување на Мон Блан, а потоа и музика и песни. Се видовме со блиски пријатели, запознавме нови луѓе.

Утредента, недела, 13 септември, прошетавме низ Белград, по музеи (Етнографски музеј, Музеј на автомобилите), ја посетивме и Куќата на цвеќето, гробот на Тито и музејот со многуте штафети и подароци.


Куќата на цвеќето

Пред музејот беа паркирани автобуси од цела поранешна Југославија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, ... од кои излегуваа и млади и стари, секој со своите спомени за минатото време.


Мноштво штафети

Некои од групата шетаа низ стариот дел на Белград, беа во шопинг, а другите со брод по Сава и Дунав, но сите се најдовме пред минибусот од каде што задоволни од интересниот викенд тргнавме дома.


Патокази

Преку граничниот премин Прохор Пчињски, доцна во ноќта влеговме во Македонија.

 

Текст: Горан Николоски

Слики: Јасмина Попоска, Горан Николоски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje