Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Шар Планина-Антени - зимски тренинг камп, 4-5 јануари 2014

Продолжениот викенд пред Божиќ... некако, моравме да го искористиме за нешто конкретно, па така решивме да го направиме првиот зимски „работен“ камп. Со оглед на посериозните високогорски акции што се планираат годинава, одлучивме малку да повежбаме, да ги повториме претходно стекнатите знаења и да научиме и извежбаме нови техники без кои, едноставно не се може на повисоки планини. На овогодишниот прв зимски камп покрај стандардните тренинзи за движење по стрмен терен со дерези и цепин, „self arrest“ и слични техники, овој пат имавме намера да ја усовршиме техниката на спасување планинар пропаднат во глечерска пукнатина „crevasse rescue“, техника која за жал многу ретко се вежба на нашите простори. Во изминатата 2013 година ги набавивме потребните алатки и првите импровизирани тренинзи во сала веќе ги направивме со помош на нашите пријатели и колеги алпинисти од алпинистичкиот клуб „Матка“.

Сега, конечно ни се укажа прилика да ја повториме вежбата во реални зимски (снежни) услови. За таа цел не случајно, како најадекватно место за таков вид тренинг го избравме нам омилениот и често посетуваниот терен во зимски услови, а особено од страна на љубителите на екстремните зимски спортови, врвот над Попова Шапка неофицијално познат како Антени.

Сајтовите за временска прогноза ветуваа поволни услови потребни за реализирање на нашата замисла, меѓутоа не испадна баш така, планината по не знам кој пат не потсети дека нема лабаво со нејзе.

Од оптимистичките 10-тина до 15 км/ h. ветер предвиден за викентот, Шара како по некое правило ни приреди едно многу „пријатно“ добредојде во нејзин препознатлив стил. Ноќта иако требаше да помине релативно мирно, таа сепак се реши да не почести со чувство како да сме, не знам каде... на некој од високите светски врвови, што придонесе тренингот да биде комплетен и ние да се чувстуваме буквално „Cool“.

Тоа утро, не многу рано како што тоа го правиме за едноденвна акција, тргнавме малку порелаксирано во 8 h. од Скопје, се најдовме на вообичаено договореното место, а каде ако не на бензиска пумпа на Макпетрол на излез од Скопје пред мостот на Сарај, првично договорените: Боро, Сики, Левандис, Буце, Александра и јас-Перо и една кола со Дејанович, Емилија и Марија кои изразија желба да не дружат викендов и заеднички да повежбаме. Нешто после 9 h. стигнавме на Шапка, по кратко пакување на опремата (покрај основната опрема за дводневен камп имавме и техничка опрема-јаже, појаси, карабињери, гуртни, прусици, јумари, кацикги и др.), по идеално сончев ден, лесно облечени со еден слој облека, тргнавме кон нашата дестинација.

Поради тежината на опремата и високата температура моравме да правиме неколку паузи за обновување на изгубените течности. Сепак, успеавме за околу 2 и пол часа да стигнеме на Антени каде планиравме да го поставиме нашиот камп. Само што завршивме со поставување на шаторите врвот се наполни со невообичаено голем број луѓе, наши пријатели планинари, ултра маратонци-планински тркачи, скијачи, бордери... и така спонтано се створи една навистина убава атмосфера, едно убаво чувство на блискост со сите присутни, иако сите не се познававме помеѓу себе од претходно. Се сликавме, поразговаравме секој за своите интереси- исклучително спортски, кратко, колку што ни дозволуваше времето уживавме во неповторливата глетка.

По кратката пауза веднаш се фрливме на работа, ја извадивме опремата и започнавме со планираните активности: поставување сидришта и формирање на системот за извлекување на повреден алпинист од глечерска пукнатина. Во почетокот се појавија мали технички проблеми но многу брзо ги надминавме и за кратко време го поставивме системот кој на наше големо задоволство функционираше беспрекорно.

Го повторивме неколку пати, секој од нас поединечно по еднаш-два пати, врзувавме најразлични јазли и така се до зајдисонце. На крајот од денот уживавме во навистина ретките прилики зајдисонцето да го набљудуваме од 2500 мнв. Како го снема сонцето така и температурата драстично опадна. Сепак, решивме заедничката вечера да ја правиме тука, на отворено, извадивме сите кој што има, каснавме на брзина и право во шаторите и топлите вреќи.

Како паѓаше ноќта така ветерот засилуваше... и засилуваше... и засилуваше... и почна кошмарот. Проценките за силината и правецот на ветерот беа тотално спротивни во однос на тоа што се случуваше на теренот. При поставување на шаторите ги земавме во обзир прогнозите кои велеа ветер од јужен правец, па поради тоа ние се поставивме позади една природно формирана стреа во висина од 1.5 м. што би требало да биде доволно добра заштита, но не и за ветер од спротивниот (северен) правец каков што имавме цела ноќ. Часовите поминуваа неверојатно споро. Ситуацијата стануваше крајно драматична, борбата со ветерот не престана до зори. На интервали имаше толку силни удари на ветер што горниот дел од шаторот се спушташе до доле при што чувствувавме многу силен притисок врз нас така што моравме да го одбиваме со рацете и нозете, имавме чувство како да сака да не загуши. Во исто време од силните налети на ветерот се чувствуваа вибрации и под нас, мислевме дека ветерот ќе го подигне шаторот во воздух и заедно со него ќе не фрли во провалијата под Антени. Да биде ефектот уште поголем, шаторското платно веено од ветерот произведуваше застрашувачка бучава, до толку, што дојдов на идеја да си ги ставам тампоните за уши, но за жал во целата таа мешаница не ни успеав да ги извадам од ранецот. И така цела ноќ...

Утрото донесе намалување на интензитетот на ветерот но за разлика од претходниот сончев ден, многу облаци. Станавме, се преброивме, ја проверивме опремата да не фали нешто или некој, да не го оддувало ветерот... се е на место, си ја прераскажавме пробдеената ноќ, секој од свој агол и дојдовме до заедничка констатација дека ноќта што ја поминавме не беше воопшто наивна. Нашите високогорци ова не го почувствувале ни на Мон Блан, Елбрус, ниту пак на Аконкагва. Утрото не посетија двајца планинари, разменивме неколку зборови, две фотографии за на facebook и магла назад.

Нашиот план во неделата да повежбаме движење по стрмна падина со дерези и цепин и „self arrest“, падна во вода, немавме услови ниту пак желба ни да појадуваме, на брзина почнавме да се пакуваме, сеуште силниот ветер едвај ни дозволуваше да ги спакуваме шаторите. Додека ги расклопувавме констатиравме дека на два шатора металната конструкција беше видно деформирана.

На пат кон Церепашина по сртот на моменти и покрај тешките ранци ветерот успеваше да не фрли на страна така што моравме да правиме по неколку дополнителни чекори на спротивната страна како би ја одржале рамнотежата и би се задржале на нозе. Кога пристигнавме кај куќичката на крајот на жичарата ветерот веќе не се чувствуваше. Тука ги симнавме ранците, малку одморивме и рашивме да се спуштиме со двоседот до меѓу станицата па оттаму повторно пешки до Смрека каде што не пр e чекаа Емилија и Цобе со топло чајче... а богами и ракииче со мезе.

И на крајот резимиравме, една потполно успешна акција, во саботата технички тренинг а во текот на ноќта еден одличен психолошки тест како порачан за оние кои планираат престој на високо.

 

Текст: Петар Герасимов
Фотографии: Александра и Петар Герасимови

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje