Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Репортажа : Моја Африка - јануари 2012

“Out of Africa” беше преубав филм од деведесетите. Мерил Стрип и Роберт Редфорд во љубовна приказна некаде во Кенија. Имаше толку многу убави пејсажи, што ми се чини дека првата желба да ја видам Африка се јави токму тогаш – гледајќи го филмот. Кај нас беше преведен “Моја Африка” …. Никогаш не сфатив зошто “Надвор од Африка” би значело “Moja Африка” ... како и да е - сега сум надвор од Африка, назад во Скопје, како раскажувам за Африка која барем за 20-тина дена ја почуствував како моја! 20 дена прекрасна авантура на најјужниот југ на Црниот континент. 8-9000 км лет до Зимбабве и Јужно Африканска Република (ЈАР). Одлуката со моето семејство да летаме кон оваа дестинација беше брзо донесена после поканата на нашите драги роднини кои веќе три години живеат и работат во Хараре.

Поаѓаме на 30 декември 2011. Убав ден да се напушти Скопје во примамлива неизвесност да се прослави Новата Година далеку од дома – во друга држава, на друг континент.

Летаме Скопје-Истанбул-Јоханесбург-Хараре. Сe на сe патувањето трае речиси 24 часа, сметајќи ги и паузите по аеродромите.

Првиот чекор на африканско тло е аеродромот во Јоханесбург. Хмммм. Си мислам - зарем ова е Африка? Личи како и секој голем и напреден европски аеродром. Добро – има црнци, ама па ги има и во секој поголем европски град .... Време е да си ги преиспитам несвесните очекувања што ги имам за Африка. Не очекувам белки да видам како Боговите паѓаат на теме? ЈАР од пред повеќе од година е членка на BRIC(S), важи за најразвиена африканска држава со богато колонизаторско наследство. Па зошто тогаш аеродромот би изгледал поинаку?


... на аеродромот во Јоханесбург


и средба со Мандела

Од Јоханесбург летаме кон Хараре. Е овде веќе аеродромот личи помалку европски, а повеќе на нашиот стар скопски.

Н e пречекуваат роднините и следи првата средба со градот. Хараре е плански изграден град. Високи згради, широки и паралелни улици (долж и попреку), богати квартови, огромни куќи заштитени со високи ѕидови и платено обезбедување. Но има и многу квартови со бараки со лимени кровови – овие дури се сметаат за престижни населби, затоа што ги има во голем број и оние со мали куќички со сламени покриви.


Хараре – некаде во центарот


Хараре – малку подалеку од центарот

 


Хараре – многу подалеку од центарот

 

На езерото Чиверу

Домаќините нe носат на езерото Чиверу. Нашата прва средба со природата. Убаво место, но сe уште премногу европски за моите очекувања. Газдата е белец, со холандско потекло. Еден е од веќе ретките бели сопственици на ваков посед. Мугабе во 90-тите почнал да им ја одзема земјата на белците и да ја дава на црнците. Но овие вториве, не умеат да ја работат и брзо да се снајдат. И тогаш започнува уздолницата. Извозот на земјата паѓа, следи вртоглава инфлација ....

Да се вратам на природата. Ги гледаме првите зебри од близу. И првиот крокодил. Уредиле и парк за птици.

 


Првите зебри од блиску

 

Парк на лавови и леопарди

Следи посета на паркот “Lions and Chitta”. Ги гледаме и првите лавови и леопарди. Нахранети се и мрзливи, па не се вознемируваат од џиповите наоколу. Нешто и јас не се вознемирувам од нив.

 

Она што повеќе ме “вознемирува” во позитивна смисла се преубавите пејзажи. Овде се вљубив во првото “африканско” дрво. Во горниот дел од крошните, овие дрвја се рамни – со целата своја површина го пијат сонцето.

 


Атракција во паркот е 300 години стара желка ...

 


... и секако бабуните кои до крај на патувањето ќе ги гледамее секојдневно: пуста желба да се поздравам со Бабунот ( do not tease the animals J )

 

На “Зеленo пазарче” во Хараре

После првиот ден и првиот допир со природата, решивме малку да прошетаме низ Хараре. На наше барање, Семјуел (вработен кај нашите домаќини), н e носи на пазар - нашата прва станица. Сакавме да го осетиме тамошниот живот токму на вакво место каде сигурно ќе има многу локални луѓе. Белци сме само ние.

 


Семјуел на средина ...

(го “предупредивме” да се насмевне; Зимбабвеанците велат: кажи “Zimbabwe”)

 

Избравме добра и автентична локација. Можам да го пренесам само личниот впечаток (кој може да е и премногу субјективен!). На лицата на повеќето од луѓето се гледа некоја безнадежност. Сиромаштијата очигледно си остава трага врз секојдневниот живот. Гледајќи во нивните лица, мојата насмевка предизвикана од возбудата што почнуваме со вистинско “освојување” на Африка, набрзо стивнува. Некои од луѓето, дури и дофрлуваат погрдни зборови: “ F*ck U. Go back to your country …. “.

Мислам дека нивното однесување кон нас беше моделирано и заради мојата желба да фотографирам. Мислам дека на повеќето тоа не им се допадна (веројатно и мене не би ми се бендисало да сум на нивно место). Малкумина (претежно помлади) беа расположени и самите бараа да ги фотографирам .... што со задоволство и го направив.


Домбошава

Прекрасно место во близина на Хараре.

Се смета дека во Домбошава пред 4000-16000 години живееле пражителите на Зимбабве. За нивното постоење сведочат пештерски цртежи.

Но, она што навистина ме остава без здив е самиот крај.


Спас од горештините


Карактеристични лишаи во различни бои


Прастари слики од пештерите


Во “припомош” на балансирачка карпа

А тек како сум пресреќна што наидов макар и на мала височинка која повикува на искачување ...

( Најголемиот дел од Зимбабве се протега на огромна висорамнина на надморска височина од 1200-1600 метри. Кога ќе излезете на отворен пат, на сите страни во недоглед се гледа рамница. Во северо-источниот дел се наоѓа единствената планина Нијангани со највисокиот врв на 2.592 метри која за жал не ја посетивме. Можеби во некоја друга прилика ... )

 

Сафари Парк - Имире

Денес денов одлучивме да го минеме на сафари. Имире се наоѓа на околу 120 км јужно од Хараре. Н e пречекуваат љубезните домаќини, и заедно со останатите посетители се качуваме на приколка влечена од трактор и поаѓаме низ резерватот. Водичот се вика Anyway (Зимбабвеанците имаат навистина смешни имиња - наредните денови сретнавме и Handsome, Honest, Previous, Opinion ... и да – тоа се нивните родени имиња).

Енивеј ни ветува дека денес ќе ги видиме четирите од петте големи африкански животни. Ги нарекуваат Big Five: слон, лав, бафало и носорог. Нема да видиме само леопард.

Првата средба е со лавовите. Не ме воодушевува многу – лавовите се позади решетки ... Мрзливи и незаинтересирани ... Се надевам на поинтересен помин ...

Продолжуваме натаму и ги среќаваме носорозите. Енивеј објаснува дека сe на сe има четири носорози во цел резерват кои се всушност во сопственост на државата, а Имире има обврска да се грижи за нив. Роговите им се отсечени намерно, заради нивна заштита. Во спротивно – голем е ризикот дека може некој да ги убие заради скапата коска. Најпрво гледаме два носорози – и тоа се белите два – не дека се бели, ами се разликуваат од другите два “црни“ носорози само по тоа што нивните млади ги тераат од напред -како и белите луѓе, додека младите на црните носорози (што ќе ги видиме подоцна) оделе позади своите родители - како и црнците. Ние тоа не го видовме, но така барем ни раскажа Енивеј ...

Следат жирафите. Мажјак и женка. Водичот ни кажува дека мажјакот е по природа поубав од женката. Не му поверував – не дека ме зафати фиминизам, ама главата му е преполна со џумки.

Се сеќавам уште од основно училиште за објаснувањето зошто вратовите им се толку високи – за нели да може да се хранат со лисјата на високите дрвја. Но она што првпат го видовме овде е колку многу си имаат мака ако треба да јадат од земја ...

Полека пристигаме до слоновите. Пред нас е цело мало семејство: таткото (42 год.), мајката (20 год.), бебето (2,8), вујкото (31). За првпат ни дозволуваат да се симнеме од возилото. Најголеми животни се, но сепак најпитоми (?).


Мајката, Таткото и Бебето Слон

Ни кажаа дека таткото со задоволство пие по две конзерви пиво дневно, па имаме можност да го почестиме и да го погалиме. Пиво и кикирики! (Не сакам да се расправам зошто не смееме и на мајката да и дадеме барем едно пивце).

Следат антилопи , зебри, импали... Не припаѓаат на “големите пет”, но сеедно се исто толку убави.

Откако ги видовме “големите 4 (од 5)” како што ни беше ветено, следува заслужен одмор и ручек.

Не се сеќавам дали веќе ја пофалив климата и воздухот овде во Зимбабве, но сеедно – тоа ќе го правам одново и одново. Фотографиите може да ви доловат барем дел од сликите што играат и во нашите очи, но не умеам да ја искажам убавината на овдешниот воздух. Температурата е токму за да ви биде пријатно, влагата е малку поголема од онаа на која сме навикнати – но ја чувствувате пријатно на својата кожа. Воздухот што го вдишувате е толку чист, што сте свесни за секое вдишување – и го чекате следното.... А звуците! Поточно тишината! Само на вакви места сфаќате колку ви недостига тишината проткаена со лесни звуци на природата ... Не сакам ни да помислам на градската врева (и вака е велат, во текот на целата година - 10 месеци пролет и 2 месеци лето).

На ручекот ни се придружуваат и црните носорози. И овие немаат малечки за да утврдиме дека одат позади родителите, ама ќе веруваме во приказната на Енивеј.

По завршување на ручекот одиме на гости кај Кроко. Кроко е мрзлив, стар, 75-годишен, 3 метри долг крокодил. Тежок тон и осумстотини.

Го оставаме Кроко да одмара стари коски и одиме во пресрет на “Слонот со изгубен идентитет”! Кога го донеле во резерватот, бил само 2 години стар и немало други слонови. Се придружил на крдото бафала, па станал “еден од нив”. Енивеј раскажува дека убил 14 бафала во време на парење, мислејќи дека мажјаците ги напаѓаат женките. Еднаш убил и бафало кое разлутено нападнало еден од чуварите. И ден-денес кутриот слон мисли дека е бафало. Кога неколку години подоцна пристигнале и другите слонови, се обиделе да го приклучат во нивното стадо, но тој останал верен на старите “браќа и сестри”.


лонот Бафале

(за оваа интересна приказна и National Geographic снимиле документарец).

Задоволни ја завршуваме посетата на Имире.

 

Национален Парк – Хванге

Наредните пет дена се планирани за посета на Викториините водопади. Оддалечени се од Хараре 1000 км, па се одлучуваме да направиме еден ден пауза во националниот парк Хванге. Хванге е со големина колку четврт Македонија и е убава прилика повторно да ја осетиме природата и да видиме многу животни.

Престојуваме во преубав лоџ (Миомбо). Куќичката каде што ќе преспиеме е подигната на дрво.


Оваа област веќе важи за “маларична”, па препорачливо е да се спие под мрежа

Во околината има многу мајмуни од видот вервети. Утрото, уште во рани зори не разбудија трчајќи на покривот на куќичката. Во друга прилика, во најмала рака би пцуела доколку некој или нешто ме разбуди толку рано, но ова утро само го грабнав фотоапаратот и истрчав да уловам некоја фотографија.

Така рано разбудени, се пакувавме, и поаѓаме низ Хванге. За разлика од Имире, каде одевме со водичи кои не носеа право кон животните, во Хванге тргнавме сами, со џип и мапа која ги покажува главните поила каде може да очекуваме да видиме животни. Во близината на поилата има изградено видиковци, каде може да се искачите и безбедно да ги посматрате животните. Имаме среќа да ги видиме во навистина голем број ...


Видиковецот ...


Животни на поило

(тоа на средина се 4 нилски коњи, а ситната точка подолу се очите на крокодил )


Викториини водопади

Пристигнуваме во Victoria Falls.

Лоџот каде што се сместуваме е повторно прекрасен.


Диви свињи на метар од нас

Првата вечер ја минуваме во Бома ресторанот, каде што приредуваат “африканска вечер” со сите марифети.

Би рекла дека е доста комерцијално, но сепак е преубава прилика да се доживее Африка. Имаме можност да вкусиме егзотична храна, како опашка од крокодил, месо од импала, дива свиња, бафала и сл.

Се одважувам да пробам и црв, па се стекнав и со сертификат (црвот имаше вкус на пржена хартија (не дека сум пробала, ама веројатно личи така).

Гледавме и музички точки со африкански танци. Колку само ги бива за играње. Родени се со музика и живеат за неа!

Утринава одиме на водопадите. Викториините водоподи не се ниту највисоки, ниту најшироки на свет, но во комбинација на двете димензии - се сметаат за најголеми. Високи се над сто метри а нивната должина е 1,7 км. Водопадите се протегаат на граница со Замбија. Таму е градот Ливингстон - именувано според David Livingstone, шкотски истражувач, за кој се верува дека е првиот европеец кој го документирал постоењето на водопадите при крајот на деветнаесеттиот век. Тој им го дал и името, во чест на неговата кралица. Африканското име на водопадите е Моsi-ou-Tunya – или Чад што грми. Водата паѓа од огромна височина и во толкава количина, па токму личи на чад што грми.

Претходно се “потковав” со сите важни факти, но тие остануваат небитни во моментот кога пристигаме. Импозантно.


Чести се и виножитата. Некаде ги има и по две...


Поглед од хелихоптер (позајмена фотографија)

На крај доаѓаме и до мостот каде се изведува највисоко банџи во светот. Се скока од 111 метри. Неколку дена претходно имало несреќа, која сепак завршила добро. Се скинало банџито на 21 годишна австралијанка. За среќа девојката преживеала.

Ние немавме храброст да скокаме. Сепак, машкиот дел од нашата екипа се одважи да се спушти по 210 метри долга жица над реката Замбези (slide) и брзина од 120 km/h.


“Лизгање” над Замбези

Велат дека веројатно не е толку адреналинско како банџито, но беа задоволни.

 

Sunset cruise

Убаво 3-часовно крстарење по Замбези. Опуштено, со закуска и убаво јужноафриканско црвено вино.

Замбези, со должина од околу 3.500 км, е четврта по големина река во Африка. Крстерењето се одвива во горниот дел, пред водопадите, каде реката е мирна и широка. Ни кажуваат дека големите бродови може да се доближат до околу 1 км до водопадите, а помалите бродчиња и до половина километар. Реката проаѓа низ природен резерват и повторно имаме можност да видиме многу животни (слонови и импали на брегот, крокодили и нилски коњи во водата).

Го добивме и ветениот залез.

 

Рафтинг на Замбези

На Замбези се изведува еден од најубавите рафтинзи во светот. Водостојот е многу голем, па горниот дел од реката што почнува под водопадите (првите 10 брзаци) е затворен. Се спуштаме од 11-тиот до 23 (и последен) брзак.

Реката е жолта и многу топла (по моја проценка околу 27-28 степени). Околината е преубава. Според Британска Кану Унија, реката е оценета со степен 5 – како екстремно тешка (во река со степен 6 се смета дека е невозможно да се плови). Брзаците се диви, но според мене, сепак не премногу опасни – таман онолку, за вистинско уживање. Имаше и паѓања, но сето тоа само како дел од забавата.

Интересен момент е кога во чамецот влезе змија. Н e следеше неколку минути, и токму тогаш кога заборавивме на неа, си влезе во чамецот низ малите дупчиња на дното. Сите испоскокавме по ивиците на рафтот, а еден од рафтерите остана најприсебен и ја отепа со веслото. Не разбравме дали беше отровна и колку навистина беше опасно, но црните скипери беа бели како крпа и видно уплашени ни кажаа дека за 20 години колку тераат рафтинг, вакво нешто не им се случило. Како и да е – и ова го сфативме како дел од забавата.


Поминавме убав и возбудлив ден на Замбези.

 

Матопос

На пат назад кон Хараре, правиме еднодневна пауза во Матопос. Ова е најстар национален парк во Зимбабве. Овде вреди да се посети гробот на Сесил Роудс (Cecil Rhodes) на местото кој сам го нарекол Поглед на светот (World's View). Роудс е првиот бел колонизатор кој добил концесија за рудници од тамошниот крал Мзиликази од племето Ндебеле. Основач е на Родезија (земјата именувана по него), чиј северен дел – Северна Родезија во 1964 станува Замбија, додека Јужна Родезија (од 1965 само Родезија) во 1980, со осамостојувањето и меѓународното признавање станува Зимбабве.

Во голем дел од Зимбабве, вклучително и патот што го минуваме сега, има многу т.н. балансирачки карпи. Тие се најчесто со овална форма, наредени една врз друга, и на вознемирувачки начин балансираат во воздухот. Не разбравме како се настанати, но тоа не ни го намалува уживањето ...

Преспиваме една ноќ, па продолжуваме кон Хараре.

 

Неколку дена одмор во Хараре

Си посветуваме неколку дена прав одмор. Малку шопинг – полн куфер сувенири за саканите луѓе во Македонија. Имаше и голф ... И дружба со македонските фамилии кои со години (некои и со децении) живеат и работат овде.


Малку шопинг ...


... малку голф ...


... малку читање ...


... и “sadza” – карактеристична секојдневна храна (пченкарна каша, како нашата палента)

 

Кејптаун

Последниве три дена престојуваме во Кејптаун. Кејптаун е вториот по големина град во Јужноафриканската република и најјужниот град на црниот континент.

Преубав. Развиен и европски, но со посебен дух.

Со оглед на тоа што имаме малку денови за шетање, пристапуваме кон најпрактичната туристичка варијанта – се качуваме на автобус за разглед.

 


District 6

– дел од градот кој во време на Апартхејдот е прогласен за “чисто бела област” и од каде насилно се отселени 60.000 жители. И по паѓањето на Апартхејдот (1994) овој дел сеуште не е повторно изграден


Минувајќи низ наијинтересните делови на градот се упатуваме кон Table Mountain.

Планината со карактиристичната форма на маса се надвиснува над градот на нешто повеќе од 1000 метри надморска висина. Од двете страни се препознаваат два рида – Главата на ѓаволот и Главата на лавот.


Table Mountain i и Devil's Head (лево) – поглед од центарот на градот

Се искачуваме со кабинка. На моја голема жал, немаме време да ја искачиме пешки. Има добро означени патеки, и за искачување велат е потребно околу дваиполовина часа.

Времето е прекрасно и уживаме во прошетката на платото на планината. Mестово е природна ботаничка градина, со над 2.200 различни растителни видови, од кои многу се ендемски.



Убаво уредено шеталиште на врвот на планината


Поглед на плажите на Атлантски океан


Lion's Head виден од Table Mountain

 


Островот Робин, каде Мандела помина 18 од вкупно 27 години затвор
Долу-десно се гледа стадионот изграден за Светското фудбалско првенство 2010

 


Camp's Bay – монденска плажа на Атлантикот ...
и бањање на 10 степени целзиусови (кој колку може – ние издржавме по неколку секунди!)

Приквечеринава, имаме среќа да ја видиме и честата но не и секојдневна појава. Над планината испловуваат облаци кои како водопад се прелеваат надолу од сртот.

Вечерва ја завршуваме во пријатно ресторанче покрај каналите. Покрај нас пливаат фоки ...

 

Ртот на добра надеж

Утрово се упатуваме кон познатиот ‘Рт на добра надеж.


Целиот пат од градот Кејптаун до Р'тот на Добра Надеж (околу 60тина км) нуди прекрасни глетки ...


Јавање коњи на плажа

Самото чувство дека сме овде, толку многу далеку од дома, и толку јужно е неописиво. На ова место во 1488 година стасал првиот белец- португалскиот морепловец и истражувач Бартоломео Дијаз, во обид да воспостави поморски пат кон Далечниот Исток.

Не знаевме дека уште појужно од Ртот на добра надеж се наоѓа Cape Point – нај-јужнозападна точка на Африка. Место кое што исто така мора да се посети. Го краси светилник кој на времето спасувал бродови од заринкување. Сепак, имало и многу кои ја нашле смрта во океанот.



.... поглед надолу

На враќање, во местото Сенсимон се среќаваме со последниот вид животни на нашето патешесетвие – африканските пингвини.


Пингвините повторно нe потестуваат колку сме само јужно ...

... а нашата авантура на југот на Африка веќе се ближи кон крајот.

После 20 дена сон се враќаме назад. Летото среде зима ни заврши и повторно од куси ракави скокаме во зимски јакни... До следно летување ...

 

Текст и фотографија: Климентина Тунтева


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje