Успешен финиш на македонскиот тим „Ултра Треил ду Мон Блан“


На почетокот од септември 2018 година, петмина ултрамаратонски планински тркачи и членови на тимот ТРЕКС/ПСД Макпетрол од Македонија имаа можност да бидат дел од еден од најпознатите и најголемите ултрамаратони во светски рамки - Ултра Треил ду Мон Блан (УТМБ), кој се одржува на Алпите и со своите 171 километар целосно го заобиколува масивот Мон Блан. УТМБ воедно претставува и еден од најтешките ултрамаратони поради големата висинска разлика од 10000 висински метри.

Македонскиот УТМБ тим 2018, потпомогнат од матичниот клуб ПСД Макпетрол, во состав: Жикица Ивановски, Игор Јовановски, Александар Симјаноски, Игор Пирковски и Никола Цицоски, ги задоволи критериумите на организаторот и успешно беше избран за овогодинешното учество.

На трката која стартуваше од Шамони Франција учествуваа 2400 учесници од над 90 држави, од кои околу 1800 успеаја да го финишираат маратонот. Тројцата наши претставници, Ивановски, Пирковски и Јовановски, со заеднички финиш, успешно го завршија Маратонот за 35 часа 37 минути и со тоа се пласираа на 357, 358 и 359-то место.